Хонда се придружи на предупредувањата дека забавеното преоѓање на електрични возила им штети на производителите

Хонда се придружи во кругот на светски производители на автомобили, коишто предупредуваат за скапите последици од забавувањето на продажбата на електричните возила и на трајниот притисок од царините на Доналд Трамп.

Хонда во септември 2025 ја престави Н-Уан е, електрична изведба од своето мини Н-Уан, како дел од планот за Хонда да прерасне во јапонски број 1 во електрични автомобили.

Јапонскиот производител соопшти дека масовното вложување во електрични воила, вклучувајќи ги загубите и намалувањето на вредноста на возилата што се продаваат во САД, како и пропаѓањето на средствата што биле вложени во развојот на ЕВ, ја чинат Хонда 267,1 милијарда јени (1,72 милијарда долари) во деветте месеци од тековната фискална година, до 31-ви декември.

Покрај тоа, Хонда претрпе и трошок во висина од 279,5 милијарди јени, поради увозните царини во САД.

Хонда се соочува со низа предизвици коишто „налагаат неопходност за од темел да ја преиспитаме нашата стратегија и повторно да создадеме конкурентност,“ соопшти компанијата. Меѓу најголемите пречки се забавениот раст кај електричните возила, протекционизмот во трговската политика, големата несигурност на патиштата на снабдување и засилувањето на глобалната конкуренција, стои понатаму во соопштението од 10-ти февруари.

Хонда беше меѓу најгласните јапонски производители со своето вложување во иднината на електричните возила, со милијарди потрошени за фабрики за производство на ЕВ во САД и Канада. Таа прва објави краен рок за преоѓање на целосно електрична понуда од модели, до 2040 година, иако возилата што користат чисто погон на струја учествуваат со помалку од 2 проценти во продажбата на домашниот пазар.

Големите производители на автомобили предупредуваат дека „им престои зима“ на електричните возила, откако САД ја укинаа поддршката за купување електрични возила и ја ставија индустријата во состојба да се бори, за својата понуда да ја пренасочи кон хибридни модели, чијашто популарност се зголемува постојано.

Стелантис соопшти во јануари дека отпишува неповратен трошок во висина од 22 милијарди евра, како последица од напуштањето на стратегијата за брзо преоѓање на електрични возила. Форд се збогуваше со 19,5 милијарди долари, како неповратен трошок.

Последиците врз финансиите на Хонда не се толку високи, но оттаму се нагласува колку е скапа отстапката, откако производителите веќе вложија милијарди долари за преоѓање на електрични возила, а пазарот забавува.

Колку чини полнењето електричен автомобил, пример Донгфенг Бокс?

Преиспитување на ЕВ-моделите што се планирани за Северна Америка

„Електрификацијата што ја замислувавме не се случи,“ изјави пред новинарите извршниот претседател на Хонда, Норија Каихара. „Мора да ја преиспитаме временската рамка за пуштањето во продажба на ЕВ во Северна Америка.“

Покрај тоа што забавува продажбата на ЕВ, Хонда предупреди дека растат и ризиците врз патиштата за снабдување, посебно за ретки земјени минерали и за електронски компоненти. Компанијата соопшти дека воспоставила сигурен пат за снабдувањето со чипови, откако во минатата година се најде во криза поради недостиг од чипови во дел од своите фабрики.

Бизнисот на Хонда со мотоциклите надоместува за потешкотиите со продажбата на автомобили. Во првите девет месеци од тековната фискална година што трае до 31-ви март, Хонда продала 16,4 милиони мотоцикли и постигнала оперативна добивка од 546,5 милијарди јени. Наспроти тоа, бизнисот со автомобили претрпе загуба од 166,4 милијарди јени.

Во третиот квартал, оперативниот приход достигнал 153,4 милијарди јени, што е над предвидувањата на аналитичарите. Остана прогнозата за оперативен профит во висина од 550 милијарди јени за целата фискална година, што е пониска во споредба со 1,21 билион јени во минатата фискална година.

Компанијата ја зголеми прогнозата за вкупната продажба на 21,1 билиони јени, а соопшти и дека ќе се откаже од 14 проценти од своите акции.

Претходна објаваТрамп се закани со блокада на пуштањето на мостот Виндзор-Детроит, што е важен за автомобилското производство
Следна објаваФиат Гранде Панда · Тест · Големите автомобили се малечки

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here