
Донгфенг Мотор веќе со години е истакнат играч на македонската автомобилска сцена, а како што покажуваат статистиките за минатата година, кинескиот производител на западноевропскиот пазар веќе зазема обем што надминува марки како Ланчиа или Смарт. Најбараниот модел во ЕУ ни е многу позната појава од македонските улици.
Според официјалните продажби на пазарите во ЕУ, ЕФТА и ОК во минатата година, Донгфенг Мотор со своите марки Фортинг, ДФСК, Фенгон, Серес, Нами, Еолус и Воја, и секако со матичната марка Донгфенг, испорачал на западноевропските пазари 13.538 возила. Тоа претставува раст од 137 проценти во споредба со 2024 година. За споредба, целиот пазар во ЕУ лани порасна за одвај еден процент.
Од конкурентите од Кина, Беиџинг (БАИК) во минатата година привлекол 7.043 купувачи и со тоа постигнал раст од 129 проценти, Чери со своите Тиго-модели убедил 10.247 купувачи, Џили 3.533 (+240%), Грејт Вол 3.433 (-30%). Тоа уште е далеку од челните кинески производители на пазарите во ЕУ, како Би Уај Ди или САИЦ, со 307.812 возила, односно 186.612 возила соодветно. Нивниот пробив главно се сведува на електричните и хибридните модели, во коишто купувачите наоѓаат алтернатива за Тесла и други електро-марки.
Тоа што укажува на вистинскиот пробив на Донгфенг е обемот што е споредлив со продажбата на Ланчиа, со 11.719 возила, или Смарт, со 13.100 возила. Вистина е дека продажбата на Ланчиа со електричничниот Ипсилон спадна на една третина од пазарот во ’24, кога уште се нудеше класичниот Ипсилон, иако само на италијанскиот пазар. Ист е случајот со Смарт, марка што денес продава само електрични автомобили и ги произведува во Кина, поради што наидува на рампа со царините во ЕУ. Но, тоа што европските производители го дознаа за нивните соперници од Кина, е дека тие реагираат мошне брзо и се приспособуваат на промените во пазарните услови. А, тоа не значи друго освен, Донгфенг и во 2026 година ќе продолжи да расте на европскиот пазар.
Главнината од продажбата на Донгфенг ја сочинуваат моделите на марката Фортинг. Тоа секако е Т5 Ево, модел мошне познат на македонската сцена и несомнено автомобил што го смени начинот на којшто тука се гледа кон автомобилите од кинеските производители. СУВ-моделот со впечатлив изглед е најпродаван модел на Донгфенг со 2.979 возила, што претставува раст од 108 проценти во споредба со 2024 година.
Втор најпродаван модел е Фенгон Е5, којшто на македонскиот пазар се нуди како ДФСК Е5, со приклучен хибриден погон, со 2.503 примероци. Тоа воедно укажува и на најшироката понуда од видови на погон во Донгфенг, што почнува од класични бензинци – главно мотори на Мицубиши, па преку електрични модели со продолжувач на досег (генератор), досега до целосно електрични модели, вклучувајќи и нов вид батерии ЛПФ.
Последново важи за електричниот Нами Бокс, модел што привлече внимание со мошне конкурентната цена, иако моделот повеќе е наменет како трендовски автомобил за млади, којшто зафаќа и во премиум сегментот. Бокс лани има остварено 1.928 продажби во Европа, што му носи 3-то место во пазарниот ранг на Донгфенг.
Воја е премиум марка со којашто ДФМ им парира на техно-гигантите, како Нио или Шаоми на кинескиот пазар, којшто почна повеќе да ги бара престижните модели од домашните марки, отколку традиционалните марки од Европа. Воја лани има испорачано преку 800 возила на западноевропските пазари, но секако и во овој сегмент се очекува да продолжи растот.
На македонскиот пазар, Донгфенг ја предводи продажбата на марките од Кина, и во моментов го пробива новиот модел Еолус Шајн ГС, којшто е повеќе спортски кросовер, со техниката од лимузината Шајн, но и со цените на Еолус, како марка со којашто кинескиот производител цели кон пазарот што бара противвредност.
Следни новитети што се потврдени за старт на македонскиот пазар се изведбите на Еолус Мејџ и Хјуџ со приклучен хибриден погон, за купувачи што сакаат да возат на струја, но сакаат и сигурност дека нема да се мислат околу полнењето на батеријата при патување на подолги растојанија. Секако, се очекуваат и првите модели од премиум марката Воја и престижни цврсти теренци од марката М-Херо, а сосем е извесно дека ќе следат и други новитети.
Еолус Мејџ во меѓувреме беше на обемен тест во Аутомедиа и видеото може да се погледне на нашиот канал на Јутјуб















