На новиот Мерцедес ЦЛА се чека испорака подолго од половина година

Како што соопштуваат германски медиуми, чекањето за нарачан Мерцедес-Бенц ЦЛА Е-Ку да влезе на производствената лента, може да потрае и седум месеци. Додека возилото пристигне во салон и се седне во новиот Мерцедес, зависно од условите може да се чека и до осум месеци.

Шефот Ола Калениус (д.) при светската премиера на Мерцедес ЦЛА во Рим

Информациите што ги објавуваат германските медиуми се темелат врз потврдата за нарачка што Мерцедес-Бенц им ја испраќа на клиентите. Во тие потврди во моментов се наведува рок на испорака во 4-то тромесечје од 2026 година.

Од Штутгарт одговорија на прашањата од медиумите: „Побарувачката од клиентите далеку ги надминува нашите очекувања и обемот на нарачки зафаќа длабоко во второто полугодие од 2026“.

Уште од самиот почеток владее силна побарувачка за ЦЛА

На домашниот пазар на марката со сребрената ѕвезда, електричниот Мерцедес-Бенц стана вистински ас. Тоа го покажуваат податоците што ги објавуваат надлежните институции. Според КБА, во ноември лани се регистрирани 1.985 примероци и ЦЛА со тоа е 5-ти најпродаван електричен модел во Германија. Побарувачкaта расте постојано.

Подеднакво владее интерес за моделот и на пазарот на приватни и на пазарот на деловни клиенти. Нема разлика во рокот на испорака ниту во поглед на каросериските изведби, исто се бара и купе-лимузината со 4 врати и нејзината комби-купе изведба Шутинг Брејк.

ЦЛА привлече внимание многупати досега, и како Автомобил на 2025 година во Европа и како најбезбеден автомобил на тестовите на Еуро НКАП. И експертите потврдуваат, ЦЛА 350 4Матик освои највисок број на бодови од сите автомобили што досега биле на тест во германскиот магазин Ауто мотор унд шпорт.

Наспроти долгите рокови што беа вообичаени кај повеќе производители и модели во изминативе години, кај ЦЛА не станува збор за тесно грло во снабдувањето или недостиг од материјали поради геопполитичките неизвесности во светот, туку чекањето е предизвикано единствено поради тоа што побарувачката е далеку над очекувањата на Мерцедес-Бенц.

Мерцедес ЦЛА во новата генерација наскоро во Мак Аутостар, доаѓа со нов хибриден погон

За македонскиот пазар, повеќе е важна изведбата на новиот ЦЛА со благ хибриден погон, имајќи предвид дека електричниот погон уште нема зафатено позабележлив замав на домашната сцена. Од Мак Аутостар одговорија на претходно прашање од Аутомедиа дека ЦЛА се очекува наскоро да стартува на македонскиот пазар во хибридната изведба, меѓутоа датумот кога моделот ќе се појави во салон не е точно утврден. Причините за тоа се наведени погоре. Ако се имаат предвид долгите рокови на испорака, нарачката подобро да се направи порано.

Претходна објаваФерари лани продал во Европа повеќе возила отколку што се продадени нови автомобили во Македонија
Следна објаваДонгфенг лани ја зголеми продажбата во Европа за 137 проценти

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here