Од врвот со продадени 10.500 нови патнички автомобили во 2008 година, македонскиот пазар во сиот изминат период ги трпи последиците од увозот на евтини користени возила од луксузни марки. Тоа многупати досега доведе до банални ситуации.
Од некогашната силна автомобилска сцена што се споредуваше со најнапредните пазари во регионот, посебно Хрватска и Словенија, оваа прекрасна земја низ времето се деформираше во еден голем автоплац за користени автомобили, главно големи лимузини и џипови од луксузни марки.
Досега невидената автомобилска еуфорија со големите коли од звучни и скапи марки, што се купуваат евтино низ ЕУ и нејзиниот источен опаш, не само што не спласна и што не ги освести властите во изминативе деценија и пол, туку сосем предвидливо, доведе до автомобилски фанатизам. Денес имаме слики од тинејџери, што со силната и голема кола што тато ја нашол за евтино, оставени се да ги искалат своите егзибиционистички пориви, без оглед што притоа може и да одземат живот.
И нормално, властите никогаш досега не покажаа одговорност за тоа што увозот на евтини користени автомобили од луксузни марки, а тоа значи и големи и тешки автомобили со техничка исправност што е под знак прашање, уништи сé што беше предвидено за уништување, откако во 2010 година, под притисок на 50.000 терачи на луксузни користени автомобили со бугарски регистерски таблици, што се заканија дека ќе ја блокираат цела држава, властите ги скршија сите рампи што дотогаш создаваа нормален и регулиран автомобилски пазар.
Секако дека земја чијшто економски напредок е спречен со корупции, непотизам, дилентантизам и сите можни форми на „изам“, има суштинска неопходност од здрав пазар на користени автомобили. Но, зарем може да се смета за здрав и разумен, таков пазар што е оставен наивно да верува, дека бемве, ауди или мерцедес со половина милион километри, се навистина евтин користен автомобил, наспроти „Пунто и Поло“.

Едно е автомобил што е евтин да се купи, а сосем друго е автомобил што е евтин да се одржува
Низ изминатава деценија и пол, одвај дека некој се сети, оти достапен автомобил што се купува со намера да служи, место нему да му се служи, не е најголемиот и најизоден автомобил што ќе се најде на плацот за користени, со којшто ќе се глуми аристокрација на улица, туку достапен автомобил е тој што ќе биде евтин и едноставен за одржување.
Штом се излезе од градска средина, првото што пречекува се отпади на коишто се натрупуваат стари и луксузни автомобили, коишто се прескапи за поправка. Стар и изоден автомобил од јака марка купен за 3.000 евра, со потрошени исто толку пари за сервисирање во следните две години, понатаму нема да доживее следно трошење за поправки. Колку милијарди евра на народот завршија на отпади низ сиве години? Државава располага со способни економисти, коишто се компетентни и повикани да укажат на последиците од увозот на користени луксузни автомобили, меѓутоа кај нас секогаш се покомпетентни ликовите што се сликаат за на билборди. И тоа важи, од теми како коронарна инсуфициенција, до ЕБИТДА.

Find more statistics at Statista
Што сé претрпе оваа напатена земја со увозот на користени автомобили, со напомена, луксузни користени автомобили: Загаденост на воздухот што е загрозувачка по здравјето, затоа што големите и стари луксузни автомобили со силни дизел мотори имаат превисока емисија на штетни материи и поради тоа подлежат на силни давачки при обидот за тие да се регистрираат во ЕУ, и токму поради тоа се наоѓаат евтино на плацевите низ ЕУ и нејзиниот источен опаш, за откако ќе се донесат во Македонија, тие да се третираат чисти и совршени; Пренатрупаност на улиците и паркиралиштата; Своевиден сообраќаен „тероризам“ преку доживување на своите пет минути зад воланот на силен и голем автомобил; Слабеење на економската моќ на граѓаните, поради наивното верување дека луксузен стар автомобил е таков автомобил што ќе биде евтин за одржување и сервисирање, а тоа не значи друго, освен пропаднати пари.
Домашен пазар: Шкода Камик најпродавана во ноември, БМВ во Топ 10
И како заклучок, здрав автомобилски пазар е тој што самиот произведува пазар на користени автомобили. Без увоз острана, како што беше случај пред ЕУ почне да се ослободува од старите возила и преку контроверзни канали да ги натрупува на исток од нас. Во 2026 година, ништо не се менува во поглед на автомобилизмот. Можеби, единствена промена во позитивна насока е Безбедниот Град, којшто од друга страна, стана суштински неопходен за да се врати сообраќајното однесување во нормала. Но, ако нешто требаше да се менува во годинава што веќе одамна е започната, тоа секако е зафаќање во нерегулираниот увоз на користени автомобили. Да, за користените автомобили, но такви што ќе бидат достапни за одржување и поправка, и уште поважно, што ќе имаат чиста емисија.
















