Секој трет продаден автомобил на Стелантис лани е модел на Пежо

Концернот што произлезе од спојувањето на ПСА Групација и Фиат Крајслер во 2021 година ја задржа продажбата во минатите години, со близу 2 милиони автомобили.

Пежо 3008 е трет најпродаван модел на француската марка во 2025 година, со раст од преку 25 проценти.

Од вкупно продадени 1.916.003 патнички и доставни автомобили од концернот Стелантис на пазарот во Европа во минатата година, најголем удел ѝ припаѓа на марката Пежо, со близу 650.000 возила, што е точно една третина од продажбата.

Стелантис со своите 14 марки ја заврши минатата година како втор најпродаван производител на автомобили во Европа, по концернот Фолксваген и пред групацијата на Рено и Дачиа. Во време кога пазарот забавува, и единствената сила што го движи пазарот во позитива се кинеските конкуренти, задржувањето на нивото на продажба на концернот Стелантис во 2025 година е успех.

Секако дека многумина се прашуваат каков е соодносот на силите меѓу марките во концернот, со големи имиња како Пежо, Фиат, Ситроен, Опел. Според конечните податоци за продажбата на концернот Стеланис во 2025 година, најголем удел во продажбата има марката Пежо со продадени 642.184 возила, незначително под продажбата во ’24 година. Најголемиот раст доаѓа од двојката 3008/5008, што заедно имаат постигнато близу 180.000 продажби.

Втора марка според обемот на продажба е Опел со 399.435 возила, иако германската марка лани продаде 3,8 проценти помалку возила отколку во претходната година. Најмногу забави Астра, меѓутоа сé посилно се пробива Фронтера, што може да наведе на претпоставка дека купувачите повеќе се решаваат за новиот малечок СУВ, отколку за класичниот компакт.

Трета најпродавана марка е Ситроен, со 357.304 возила и пад од 2,2 проценти. Главен модел е Ц3, што сочинува речиси третина од продажбата, додека втор најпродаван модел е „малечкиот“ СУВ-модел Ц3 Еркрос. Ситроен ќе постигнеше уште повисока продажба, доколку побрзо се надминеше тесното грло со еден од добавувачите.

Фиат е на четвртото место, со продадени 280.171 возила и пад од 8,8 проценти. Италијанската марка сепак има голем раст кај сите моделски серии, но тоа не помогна да се надомести престанокот на производството на Фиат 500 во Европа. За споредба, овој ретро-модел на Торино во 2024 година имаше 62.782 продажби, додека лани беа само 3.819 возила. Затоа пак, Гранде Панда и 600 носат огромен раст, така што годинава може да се очекува силен раст.

Фиат Гранде Панда ја враќа Италија во трка за македонскиот пазар

Џип добива големо засилување во 2026 година со новата генерација на Компас

Кај Џип, во 2026 година доаѓа уште еден силен поттик воза продажбата, со доаѓањето на новиот Компас. Алфа Ромео го има најголемиот раст од сите марки, со продажба зголемена за преку 33 проценти, што секако е заслуга на Јуниор.

Во овој пазарен извештај не се опфатени продажбите на кинескиот партнер на концернот, Липмотор, со 33.567 продадени возила во 2025 година.

Каков е соодносот на одделните модели од марките во кругот на концернот, во следното продолжение.

Претходна објаваНовиот шеф на Порше пред многу предизвици: Кратење трошоци, Кина, старт од ново
Следна објаваФерари лани продал во Европа повеќе возила отколку што се продадени нови автомобили во Македонија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here