Кај класичните приколки за кампување со децении не се менува ништо. Мебел на сите страни, влез отстрана, висина што е повеќе од доволна за стоење. Хонда отстапува од тие правила и преку својот огранок во САД прикажа сосем нов пристап.
Главната причина за развој на различен концепт на приколка се денешните електрични автомобили и помалите СУВ. Кај нив обично е пониска дозволената тежина на приколка, а покрај тоа самата дополнителна тежина го скусува досегот.
Пречи и широката и висока силуета, што значително го зголемува отпорот на воздух, а со тоа и потрошувачката на енергија. На крајот, при влечење приколка треба да се очекува потрошувачка од преку 40 киловатчасови на сто километри.
Приколката на Хонда треба да ги надмине сите тие предизвици. Производителот не открива технички поединости околу прототипот, меѓутоа може да се претпостави дека тежината е сведена под еден тон.
Малечко и лесно
Благодарејќи на малите димензии, приколката на Хонда може лесно да се смести во гаража или на обично паркиралиште. Имајќи предвид дека Бејз Стејшн е осмислена во САД, веројатно се земени предвид тамошните пропорции на паркиралкиштата.
Кабината е отворена на сите страни и располага со пет големи прозорци отстрана. Прозорците се отстранливи и може да се заменат со најразновиден прибор, зависно од примената и потребите.

Главниот момент е покривот што се подигнува и во таа положба остава простор со висина до два метри. При возењето, тој е спуштен и со тоа се смалува отпорот. Концептот го заокружува задна врата што се отвора нагоре, и од една страна нуди полесен пристап внатре, а од друга страна под неа се добива простор што е заштитен од дожд или сонце. Преку задната врата може и лесно да се сместат предмети, на пример велосипед.
Внатрешноста нуди место за седење и за спиење, со тоа што при спојување може да се добие широк лежај за две лица. Може да се доплати за дополнителен лежај за деца на кат, што значи дека внатре може да преноќи четиричлено семејство.
Над прозорците се поставени светлечки ленти, на коишто може да им се менува и бојата и силината. Тие го осветлуваат и просторот околу приколката.
Соларни панели за сопствено производство на струја
Најсилната страна е модуларната градба. Прототипот поседува клима уред, надворешен туш и надворешна кујна со индуктивно поле. Напојувањето со струја е од литиум јон батерија, во комбинација со трафо, којашто се полни од соларните панели, така што може да се смета на сопствено производство на струја. Секако постои можност за приклучување на надворешно струјно напојување, како и на генератор.
Засега нема најави дека Хонда планира да го пушти Бејз Стејшн во производство, иако многумина ќе бидат одушевени од приколката.
















