По Селтос, Киа најави премиера на уште еден важен модел во јануари

По неодамнешната премиера на новата Киа Селтос, ред е за следниот важен новитет на марката. ЕВ2 ќе се вмеша меѓу најдостапните електрични автомобили.

Додека сцената уште ги дознава сите новини што ги донесува втората генерација на Киа Селтос, корејскиот производител соопшти за следната важна премиера. Овојпат станува збор за најдостапниот електричен модел, ЕВ2 како нов електро-старт во гамата.

Киа Селтос и Стоник се два модели што се очекуваат како освежување во европската понуда од модели на марката, а бидејќи сите убави работи доаѓаат по три, доаѓа и електричната ЕВ2, да го заокружи триото новитети.

Премиерата е најавена за јануари, на салонот на автомобили во Брисел. Засега се скромни информациите околу Киа ЕВ2, меѓутоа производителот потврди дека производството ќе се одвива во Европа, а тоа значи во фабриката во Жилина, Словачка.

Тоа е важна напомена, имајќи предвид дека бројни членки на ЕУ ги поврзуваат субвенциите за електрични автомобили со локално потекло, што дополнително ѝ дава залет на Киа. ЕВ2 воедно ќе го пополни и местото на компактот Сид во фабриката во Жилина, којшто по повеќе успешни генерации повеќе не се произведува.

Новиот електричен модел на Киа го спушта влезниот праг во понудата на европскиот пазар под ЕВ3, којшто постигна одличен успех и меѓу другото започна и важно историско поглавје во Македонија, како модел што е избран за служба во штипското Сити Такси. Досега се испорачани 30 возила, следат уште најмалку дваесет.

За разлика од ЕВ3, како СУВ од компактниот сегмент, ЕВ2 е модел од Б-сегментот, значи во класата на Рио и Стоник. Околу цената, шефот на Киа за Европа, Марк Хедрих, напомена дека нема намера да ја девалвира марката и да нуди модел под ценовниот праг од околу 25.000 евра. Тоа значи и дека цената на ЕВ2 веројатно ќе се движи во просторот до 30.000 евра.

Новиот Селтос доаѓа во понудата на Киа на европскиот пазар

Премиерата за новинари е на 9-ти јануари, салонот во Брисел потоа ги отвора вратите за посетители, сé до 18-ти јануари. Белгискиот салон добива сé поголемо значење, откако Женева отпадна од списокот на европски салони за автомобили.

Покрај ЕВ2, Киа во Брисел ќе прикаже и ГТ-изведба од ЕВ3, понатаму новина е ЕВ4 во комбилимузинска изведба и ЕВ5, како електричен пандан на Спортаж.

Претходна објаваЕУ се откажува од забраната за бензинци и дизели по 2035, но тоа не значи беззаконие
Следна објаваСитроен надмина 50.000 продажби во Шпанија, цел месец пред завршетокот на годината

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here