
Најпродаваниот кинески производител на македонската сцена, Донгфенг Мотор, не остави простор за пазарот да здивне по забележаниот успех на Фортинг Т5 Ево, СУВ што патем чини близу 30.000 евра, и го искористи залетот за да ги пушти во трка Мејџ и Хјуџ, два СУВ од компакт и средна класа. Моторот од 1,5 литар од Мицубиши, што очигледно им е поважен на купувачите од изобилството опрема и простор, можно е наскоро да пристигне и во хибридна комбинација во Мејџ.
Хибридната погонска изведба на Мејџ нема да биде сензационална новина во понудата на Донгфенг Мотор на македонската сцена, затоа што Кинезиве веќе имаат сé во понуда. Од класичен бензинец во ДФСК 500, преку турбо-бензинец во Фортинг Т5 Ево, Еолус Шајн, Ју-Тур, Мејџ, Хјуџ, ДФСК 600, па понатаму класичен хибрид во Т5 Ево ХЕВ и приклучен хибрид во ДФСК Е5, до чисто електричен погон во Нами Бокс, Фрајдеј ЕВ и Фортинт С7, не само што тука ништо не недостига, туку има и повеќе од бројни европски конкуренти.
Хибридот во Еолус Мејџ, сепак ќе биде важна новина, затоа што со овој модел, Донгфенг ќе биде во состојба да го понуди најдостапниот СУВ од компакт класа со хибриден погон во Македонија. Цените уште не се објавени, исто се чека и потврда дали и кога хибридниот Мејџ ќе биде достапен на македонската сцена, меѓутоа постои голема веројатност за тоа. Мејџ ХЕВ веќе има европска хомологација и тимот на увозникот АБЦ Брадер присуствуваше на промоцијата на моделот во Италија за време на салонот во Торино, во текот на летото.
Тоа што Еолус Мејџ ХЕВ може да го понуди повеќе од Мејџ со 1,5-литарскиот турбо-бензинец со близу 200 КС, секако е помошта од електромоторот во погонската спрега. Производителот не наведува колкава е точно моќноста на електромоторот, меѓутоа се познати системските вредности: Моќност 215 киловати/292 КС и вртежен момент 565 њутнметри.
Во споредба со класичниот турбо-бензинец од Мицубиши во 197 КС, кај хибридот е намалена моќноста на 170 КС, што веројатно се должи на преоѓањето на милеров циклус на работа, којшто е вообичаен кај хибридните погони, и има за цел да постигне уште повпечатлива штедливост – покрај поддршката од електромоторот.
Разлика има и во преносот на сила, со сложен 4-степен автоматски менувач – наполно различен од некогашните 4-степени автоматици, и наполно различен од безстепените менувачи на Тојота, како што се покажа и на тестот на Т5 Ево со хибрид – наспроти 7-степениот автоматик со двојна спојка од Гетраг кај класичниот Мејџ.

Потрошувачка под шест литри, без дизелско тропање и чад
Според кинеските норми, хибридниот Мејџ постигнува просек од 4,2 литри, наспроти 6 литри кај класичниот модел, додека според европската хомологација, потрошувачката е 5,7 литри, наспроти 7,2 литри. Хибридниот модел е околу 100 килограми потежок, односно 1.582 килограми со полн резервоар и возач од 75 килограми, според ЕУ нормите. Крајната брзина е ограничена на 170 километри на час, дваесет помалку од класичниот Мејџ.
Во поглед на опременоста, хибридниот Мејџ, што патем носи ознака МХД 540Т (320Т е турбо-безнинецот), веројатно ќе доаѓа во изведбата со највисокото ниво на опременост, каде што е вклучен целосен арсенал од системи за асистенција, од самостојно запирање при опасност од судир, преку автоматско долго светло и приспособлив темпомат со самостојно запирање и поаѓање во метеж, до предупредување за возило во мртов агол. Понатаму е можно во опременоста да биде содржано и греење и електрика дополнително за совозачко седиште и безжичен полнач за телефон.
Во Кина се продава изведба Л7 со 200 километри на струја, а понатаму на бензин и струја
Во Кина веќе се продава и изведба со приклучен хибриден погон, со име Фенгшен Л7 (за извоз се користи марката Еолус) и сменет изглед, главно во носот. Моторот е истиот 1,5-литарски, со 113 киловати/154 КС и 240 њутнметри, во комбинација со 4-степен хибриден автоматик, со електромотор со 100 киловати и 260 њутнметри, односно системски 265 киловати/360 КС и 615 њутнметри.
Видеото од тестот на Мејџ во Аутомедиа
Може да се избира меѓу две големини на батерија, од 17 кВч за електричен досег до 110 километри и вкупен досег од 1.400 километри, и од 30,3 кВч, за досег 205/1.500 километри. Кога батеријата ќе се испразни, потрошувачката според фабрика е 3,8 литри. Може да се користи брз полнач, со 26 минути од 30- до 80-процентна наполнетост.
Придобивките од директното застапување на Донгфенг на македонскиот пазар се огледуваат и во цената во споредба со Италија. Додека Мејџ во Италија чини 27.900 евра, за македонските возачки возачи важат 25.900 евра, вклучувајќи и повеќе опрема. Хибридот, пак, во Италија чини 32.450 евра, за Македонија уште не се објавени податоците. А, тоа што е познато, ДФСК Е5 ПХЕВ во АБЦ Брадер чини 31.900 евра, со приклучен хибриден погон, и згора, СУВ-модел од средна класа. Тој веќе е најдостапниот модел со приклучен хибриден погон, воопшто.















