
Епик е еден од четирите модели од семејството градски електрични автомобили на концернот Фолксваген, каде што уште спаѓаат ИД Крос, ИД Поло и Купра Равал.
Концернот Фолксваген го прикажа Епик како студиски автомобил, заедно со ИД Крос, којшто исто така се води како студија, на настанот за новинари на 7-ми јануари во Минхен. Пошироката јавност ќе може да го види Епик во живо за време на салонот ИАА Мобилност, којшто се одржува од 9-ти до 14-ти септември.
ИД Поло и Равал беа прикажани во сериската изведба, меѓутоа беа обложени со маскирна фолија заради прикривање на деталите од каросерискиот дизајн.
Епик ќе се произведува во фабриката на Фолксваген во Памплона, Шпанија, заедно со ИД Крос. Серискиот модел ќе биде прикажан во „средината на 2026“, порачуваат од Шкода.
Моделот на Шкода со мотори со внатрешно согорување од оваа класа, Камик, во основната изведба стартува на германскиот пазар од 25.330 евра. Епик со слична цена со Камик ќе ѝ ги наруши сметките на електричната изведба на Форд Пума, модел од истата класа којшто чини 36.900 евра. Поблиску се Опел Фронтера со цена од 28.990 евра во електрична изведба и Рено 4, чијшто ценовник почнува од 29.400 евра.
„Со Епик го правиме следниот чекор за електричните автомобили да станат практичен и привлечен избор за секојдневните возачи,“ порача во соопштението за медиуми извршниот директор на Шкода, Клаус Целмер.

Шкода наведе дека досегот на Епик ќе изнесува „до 425“ километри, што води кон заклучок дека ќе се нудат и подостапни изведби со помала батерија. Други поединости околу погонот не се соопштуваат.
Епик е долг 4.100 милиметри, што е слично со должината на Рено 4, но е доволно голем за да обезбеди простор за багажник од 475 литри, соопшти Шкода. Зафатнината на багажникот на Рено 4 изнесува 420 литри.
Дизајнот на Епик е сменет само малку од концептниот автомобил што Шкода го прикажа во март 2024 година.
Предниот дел го прикажува „тек-дек“ ликот, што веќе е познат од другите модели на Шкода, но се разликува по осумте исправени отвори во долната половина од маската.
Овие исправени отвори се повторуваат и во опашот, меѓутоа светлата во форма на Т прават разлика од стилот на поголемиот модел, од компактниот СУВ со електричен погон Елрок.
Острана се забележува надолжниот раб што ја двои површината на стаклата од долниот дел од каросеријата и се шири наназад, внесувајќи моќност во опашот. Шкода опишува дека изгледот во целина е „динамичен и современ.“

Кабината се опишува како „минималистичка и функционална“ со средишен дисплеј и со физички копчиња.
Шкода наведува дека Епик ќе раполага со „изобилство простор за одлагање и паметни решенија за багажот, вклучувајќи куки за торби, ленти и прегради сокриени под подот“, во согласност со маркетиншкиот слоган Симпли Клевер.
Шкода беше 4-та најпродавана марка батериски електрични возила во првите седум месеци во Европа, откако нивната продажба порасна 158 проценти и достигна 87.326 примероци. Најглема заслуга за тоа има новиот компактен СУВ-модел Елрок.















