Екс-директорка од Мерцедес ќе шефува со Дачиа, групацијата Рено со големи смени во управата

Катрин Ад, ветеранка од Дајмлер и Мерцедес-Бенц, доаѓа на местото на Денис Ле Во како нова извршна директорка на Дачиа.

  • Новиот извршен директор на групацијата Рено, Франсоа Провó, презема длабоки промени во директорскиот тим
  • Извршниот директор на марката Рено, Фабрис Камболив, дополнително ќе ја врши новата функција на раководител за раст.
  • Раководниот тим на групацијата Рено отсега се состои од 17 членови, предводен од Провó

Новиот извршен директор на групацијата Рено, Франсоа Провó, врши длабоки зафати во директорскиот тим и назначи нова шефица на марката Дачиа, нов директор за развој на технологија и отвори нова позиција на раководител за раст.

Катрин Ад, ветеранка со 25-годишно искуство во Дајлмер и Мерцедес-Бенц, назначена е за нова извршна директорка на Дачиа, на местото на Денис Ле Во, кој заминува од групацијата, соопшти францускиот производител на 1-ви септември.

Филип Бруне, во моментов раководител за развој на електрични возила и погонски единици во огранокот за електрични возила Ампер на групацијата Рено, унапреден е во шеф за развој на технологија, на местото на Филип Криф, кој ќе продолжи да раководи со спортската марка Алпин и со тркачкото одделение.

Фабрис Камболив, новиот извршен директор на марката Рено, ќе добие поголема одговорност со новата позиција на раководител за раст. Ад, новата шефица на Дачиа, ќе му рапортира на Камболив. Тој ќе биде надлежен и за развојот на прекуокеанските пазари, со нагласок на Индија, Латинска Америка и Јужна Кореја.

Ад до скоро беше потпретседателка на корпоративната ревизија во групацијата Мерцедес-Бенц, почнувајќи од 2023 година. Таа се вработи во огранокот на тогашниот Дајлмер Крајслер во Белгија/Луксембург во 1999 година и беше на различни менаџерски позиции до 2006 година. Потоа следеше преоѓање во групацијата Дајмлер, како директорка за дистрибуција и продажба. Во 2014 година, Ад стана директорка за човечки ресурси во Мерцедес-Бенц, за четири години подоцна да биде назначена за шефица на огранокот Смарт. Во 2019 година, Ад стана потпретседателка за продажбата во Европа.

Бруне ја започна кариерата во Рено во тимот на формула 1 во 1998 година, работејќи на моторот В10. Тој потоа стана главен инженер за првиот заеднички дизел на сојузот Рено-Нисан, а работеше и на софтверот за моторите во групаијата Рено. Во 2018 година, Бруне стана директор на развојот на погонски единици на ниво на алијанса, позиција што тој ја имаше и во самата групација Рено. Тој се придружи на тимот на Ампер во 2023 година, пред да се осамостои електричниот огранок на Рено.

Видеото од тестот на Рено 5 во АУТОМЕДИА

Камболив работи во групацијата Рено од 1992 година и раководеше со продажбата во Шпанија, Швајцарија, Франција, Германија и Романија. Во 2011 година, тој стана порпретседател за продажба и маркетинг за Русија и Евроазија. Следната функција беше извршен директор на Рено Бразил во 2015 година. Две години подоцна, Камболив стана шеф за регионот на Африка, Среден Исток, Индија и Пафицикот. Од 2021 година, тој шефуваше во продажбата на марката Рено, за во мај 2022 година да стане оперативен директор. Во 2023 година, Камболив беше унапреден во извршен директор на марката Рено, тогаш нова позиција во групацијата.

Претходна објаваНовиот 308 е прв Пежо на којшто му свети лавот, се враќа дизелот
Следна објаваКинески хибриди и ЕВ ќе го преплават салонот ИАА во Минхен

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here