Новиот 308 е прв Пежо на којшто му свети лавот, се враќа дизелот

Главната вест за пазарите како нашиот, следи дури пред завршетокот на прес-материјалот што Пежо го подготви за новиот 308: Напролет доаѓа дизелот.

Прво дизелот и првпат осветлениот лав на Пежо, па сé понатаму е од втора важност во новото моделско годиште на 308. Светлата се сменети во стилот на Пежо 3008, истото важи за маската и за браниците.

Кај новото моделско годиште на 308, Пежо ја нагласува класичната доблест на компактните комбилимузини во ерата на владеење на СУВ-моделите. Каков е соодносот на силите меѓу примерниот 308, што е наследник на една долга низа модели, и двата СУВ-модели што се веднаш до него, покажуваат бројките од продажбата. Додека Пежо 308 во првите седум месеци од годинава постигна 42.108 продажби, според податоците на Датафорс, Пежо 2008 во истиот период дојде до 109.727 продажби, а поголемиот 3008 брои 77.357 примероци од почетокот на годината до завршетокот на јули.

Уште една вистина открива движењето на продажбата: Пазарот на Пежо 308 годинава е скусен за 27,5%, во сегмент што бележи пад од 18 проценти, додека Пежо 2008 „порасна“ за 3,1 проценти, а поголемиот и значително поскап 3008 има скок од 36,3 проценти, што е апсолутно најголем скок меѓу 10-те најпродавани компактни СУВ. Јасно е дека мораше да му се даде нов поттик на традиционалниот носител на серијата 300 на Пежо.

Моделското освежување на Пежо 308 беше сосем извесно, по фејслифтот на 208 и 2008, којшто е прифатен одлично и на двата модели им даде нова сила. Сега истото се случува кај класичниот компакт, со главни новини во изгледот, во инфо-забавниот систем и во системите за асистенција за комфор и безбедност.

Пежо 308 беше прв модел со ново-старото лого, сега повторно е прв со лав што е осветлен

Кога актуелниот 308 се појави првпат на сцената, големата новина беше враќањето на старото лого, во стилот на 404 и компанија. Сега приказната пак се врти околу логото, коешто е осветлено, иако тоа се случува само во врвните нивоа ГТ и ГТ Ексклузив.

Пред фејслифтот, маската преоѓаше неспоредно во хаубата. Сега има тесен премин, во којшто се додадени косо поставени ламели, што се надоврзуваат на новата светлечка шема во светлата. Тоа секако е во стил на 3008 и 5008, што го повлекоа дизајнот на Пежо во нов правец. Браникот исто така е повлечатлив, со трапезна графика надолу, што визуелно го прилепува возилото за патот.

Фабричко видео со надворешноста на Пежо 3008

Зафатите во браникот воедно ја подобруваат аеродинамичноста, што ѝ годи и на електричната изведба, што благодарајќи и на тоа, постигнува подолг досег.

Двете врвни нивоа двојат и со трепкачите, што работат секвенцијално. Светлата се значително стеснети, со трите светлечки ламели што се белег на секој нов Пежо. Матрични диодни светла се стандард во врвните модели. Задните светла користат диодна техника во сите моделски изведби, секако со трите светлечки ламели што се поставени косо и потсеќаат на шепи на мачка.

Нивоата Алур, ГТ и ГТ Ексклузив добија нов дизајн на тркалата, со дијамантско брусење, со пречник од 17 (Алур), односно 18 инчи. Во нивото Стил, тркалата од лесен метал се црни.

Моментно омилената боја на дизајнерите на Пежо, сина Ингаро, инспирирана од шведските езера, сега е достапна и во 308. Уште една нова боја е сина Лагоа.

Дигиталните инструменти добија нова графика, со тридимензионален приказ, како опција во двете врвни нивоа. Според Французите, со тоа се добива и поголема елеганција и подобра читливост.

Петте сензорски полиња под средишниот дисплеј, што може да се програмираат по желба, уште претходно беа посебност на 308. Новина претставува и изведбата на амбиенталното осветлување, со избор на осум бои, вклучувајќи ги вратите. И тоа е во духот на 3008.

Фабричко видео со внатрешноста на комби моделот Пежо 308 СВ

Марката со лавот уште при премиерата нагласи дека во 308 го почитува изборот на купувачите, односно нуди и класичен бензинец, и благ хибрид со 48-волтен електромотор во менувачот, и приклучен хибрид со 1,6-литарски бензинец, и целосно електричен Е-308. Сега се најавува дека од следната пролет ќе почне да се испорачува и верзија со 1,5-литарски дизел со 130 КС и секогаш со 8-степен автоматик.

Електричниот модел поседува електромотор од 156 КС со вртежен момент од 270 њутнметри, што со батерија од 55,4 кВч постигнува досег до 450 километри. Тоа се 34 километри повеќе од порано. При користење брз полнач (100 кВ), батеријата се полни од 20 до 80% за само 32 минути.

Видеото од тестот на Пежо 3008 во Аутомедиа

Интересен е приклучниот хибрид со 1,6-литарски бензинец со 125 КС, електромотор со 150 КС (системски 195) и 7-степен авоматски менувач со двојна спојка. Батеријата од 17,2 кВч испорачува струја за 85 километри. На обичен приклучок за струја, полнењето трае 7 часови и 25 минути, односно 2 часа и 5 минути на домашен полнач од 7,4 кВ.

Нарачките почнуваат наесен.

Претходна објаваСАД и Кина ѝ носат рекордна продажба на Тојота
Следна објаваЕкс-директорка од Мерцедес ќе шефува со Дачиа, групацијата Рено со големи смени во управата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here