Царините на Трамп и Кина ќе го скусат профитот на Мерцедес

Мерцедес вложи многу напори да ја поттурне продажбата на своите луксузни модели во Кина, како што е случај со електричниот Е-Ку-С.

Мерцедес-Бенц ги намали прогнозите за бизнисот годинава, наведувајќи ги како причина притисокот од царините на претседателот Доналд Трамп и жестоката конкуренција во Кина, каде што домашните производители владејат со пазарот на електрични автомобили.

Шутгарт предвидува дека годинава ќе ја заврши со маржа што ќе биде намалена на само 4 проценти, што е под минимумот од 6 проценти, којшто беше зацртан пред производителот на премиум автомобили да ги откаже прогнозите, поради трговските пречки на Трамп.

Царините влијаат врз цените и врз продажбата, поради што Мерцедес предупреди дека добивката на компанијата ќе биде намалена значително во споредба со минатата година.

Директорот за финансии на Мерцедес, Харалд Вилхелм, кажа дека на царините годинава ќе отпаднат 150 базни бодови, односно 1,5 процентен бод од маржата.

Тој појасни дека ефектот во второто тромесечје бил „во средна трицифрена милионска вредност“, не посочувајќи попрецизни бројки. Вилхелм изјави пред аналитичарите дека импактот во второто полугодие ќе биде повисок, но пак ќе биде во рамките на кварталните вредности, а во четвртиот квартал импактот ќе биде повисок отколку во третиот.

Околу половина од импактот ќе доаѓа од автомобилите што се произведени во Европа и се извезуваат во САД, појасни Вилхелм.

Еден ден пред тоа, Стелантис соопшти дека вкупното влијание од царините ќе достигне 1,5 милијарда евра, од коишто главнината ќе биде во второто полугодие.

Вилхелм и извршниот директор Ола Калениус не коментираа директно дали Мерцедес ќе ги зголеми цените, како одговор на царините, наведувајќи само дека тие следат како реагираат купувачите и што прават конкурентите.

Калениус кажа дека Мерцедес не очекувале да се постигне посебен договор со европскиот автомобилски сектор, или со одредени компании, како што се надевале многумина.

Тој напомена дека трговските претставници на ЕУ што преговарале со администрацијата на Трамп „се решиле за релативно едноставна спогодба.“

„Тоа во основа е постигнато со оваа спогодба,“ кажа Калениус.

Овие растечки пречки за трговијата им се приклучуваат на подлабоките структурни предизвици во Кина, каде што безпоштедната ценовна војна со електрични автомобили, којашто ја водат домашните производители, ѝ наштетува на маржата.

Мерцедес вложуваше многу напори за да ја поттикне продажбата на своите најексклузивни електрични модели, каков што е Е-Ку-С, целосно електричната верзија од рангот на С-Класа, знаменосецот на марката. Во меѓувреме, кинеските производители на автомобили, од рангот на Би-Уај-Ди агресивно го напаѓаат европскиот автомобилски пазар што е во стагнација. Останатите германски марки, како Порше и Ауди, исто така ги смалија своите прогнози.

Луксузниот поход на Мерцедес станува сé потежок

Силните ветришта во чело се тест за остварливоста на стратегијата на Мерцедес во којашто предимство му се дава на луксузот и којашто почна да се применува во 2022 година, со цел да се зголеми профитабилноста и продажбата да се префрли на поскапите модели.

Штутгарт им дава предимство на своите најисплатливи моделски серии, како лимузините на Мајбах, спортските модели на АМГ и на Г-Класа, додека на моделите од основната понуда, како компактната А-Класа, им се придава помалку значење.

Овие структурни промени сепак му отежнуваат на Мерцедес да постигне повисока маржа, што е зависна од префрлувањето на продажбата на луксузни модели. Во второто тромесечје, маржата падна на 5,1 процент, со продажба намалена за 9 проценти. Компанијата укажа и на смалената побарувачка за своите доставни возила и за смалениот промет во својот бизнис огранок со услуги за мобилност, како фактори што влијаат врз билансот.

Мерцедес е еден од производителите што најмногу се погодени од трговскиот спор. Во речиси сиот втор квартал, Мерцедес-Бенц се соочи со царина во висина од 27,5 проценти за возилата што од Европа беа увезени во САД. Покрај тоа, СУВ-моделите што се произведуваат во фабриката во Алабама и оттами се извезуваат во Кина, беа погодени со царини од преку 100 проценти до средината на мај, кога царинската стапка беше смалена на 35 проценти.

Без царините на Трамп, маржата од автомобилскиот бизнис на Мерцедес ќе останеше во предвидениот опсег од 6 до 8 проценти, соопшти компанијата.

Претходна објаваРејнџ Ровер Спорт стана дел од програмата за изработка по посебна нарачка
Следна објаваРено го назначи шефот за набавки Франсоа Провост за нов извршен директор

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here