Рејнџ Ровер Спорт стана дел од програмата за изработка по посебна нарачка

„Ноктурна“ е првиот примерок од Рејнџ Ровер Спорт од програмата СВ Биспоук и беше прикажан во вилата на РР на Миконос, пред да биде предаден на сопственикот

Тоа што купувачите намерници на Рејнџ Ровер Спорт го добиваат како можност со вклучувањето на моделот во програмата СВ Биспоук, најдобро се огледува преку палетата од бои: Дури 230 бои за каросеријата со сјајна, мат или сатенска завршница. Но, и тоа е само дел од можностите.

Покрај спомнатите преку 200 бои што се подготвени од дизајнерите на Рејнџ Ровер, може да се избере и каква било боја. Пример за желби што ги имаат исполнувано експертите на Џеј Ел Ар е клиентот што побарал неговиот нов автомобил да биде во бојата на очите на неговиот врвно педигриран пес. Секоја желба се исполнува, а тоа секако дека оди заедно со соодветна наплата.

Уште една можност да се остави сопствен печат е карбонска хауба што не е бојадисана и се гледа скапиот материјал од којшто е изработена. Покрив во друга боја или ретровизори, тоа е добро утро во СВ Биспоук.

Непресушната иновација во светот на луксузот доведе до тоа Рејнџ Ровер и Рејнџ Ровер Спорт СВ отсега да може да се нарачаат со лак што личи како стакло. Тоа се постигнува со подебел спој од проѕирни лакови, којшто самиот се состои од повеќе слоеви, што се брусат и се полираат.

За Рејнџ Ровер Спорт се достапни и ексклузивни зафати во завршната изработка, почнувајќи од рачно леан метален беџ, до шиење украси во седиштата, па и нагазници, фурнири, тркала и комбинации од бои.

Клиентите можат да избираат до 1.500 комбинации за кабината, со 15 бои, меѓу кои се Нејви, Брог, Пименто, Екру, Лунад или Рејвен Блу. Тие понатаму се достапни со контрастна опшивка, шиен грб во седиштата и секакви дизајни по сопствен вкус.

Боите се уметност во СВ Биспоук

 

Заинтересираните клиенти можат да ги посетат тимовите на СВ Биспоук што работат во неколку студија на Рејнџ Ровер за изработка по нарачка ширум светот. Секако дека и виртуелната комбинација доаѓа предвид.

Вклучувањето на Рејнџ Ровер Спорт во програмата СВ Биспоук е дел од свежата стратегија на фината британска автомобилска куќа, што има за цел да продава упте поексклузивни примероци од своите модели, односно да ги инспирира купувачите да посегнуваат по програмата за посебни нарачки. Сето тоа му годи на контото на Џел Ел Ар.

Буквите во името може да бидат изработени со рачно леење во кој било дизајн

 

Првиот примерок што ги претставува новите можности е Рејнџ Ровер Спорт СВ Биспоук со име Ноктурна. Скапоцениот СУВ во боја на ноќното небо над Медитеранот, ја доживеа својата премиера на островот Миконос, во вилата што Рејнџ Ровер ја поседува на грчкиот остров. По отмениот настан, „Ноктурна“ му беше предаден на сопственикот.

СВ Биспоук првпат беше понуден за Рејнџ Ровер во 2023 година и оттогаш наидува на растечки интерес меѓу клиентите. Освен за Рејнџ Ровер Спорт СВ, овој третман се однесува и на изведбите Аутобиографи.

Освежувачки добро се одржува вебсајтот на Рејнџ Ровер за македонскиот пазар, каде што веќе се достапни информациите за СВ Биспоук

https://macedonia.landrover.com/special-vehicle-operations/sv-bespoke

 

Претходна објаваПежо со две нови нивоа на опременост, ставки од ексклузивни верзии со ценовна предност
Следна објаваЦарините на Трамп и Кина ќе го скусат профитот на Мерцедес

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here