На свеченост во организација на маркетинг-машинеријата на Донгфенг за извозните пазари, во Рим е отворен првиот репрезентативен салон за марките на кинескиот производител. Моделите што се нови за Италија веќе одамна ни се познати на македонскиот пазар.
Донгфенг, еден од четирите најголеми производители на автомобили во Кина во државна сопственост, вложува многу во проширувањето на своето присуство на светските пазари. Европа секако дека е меѓу најважните пазари, од една страна како градител на имиџот врз којшто марките понатаму можат да се понудат на други пазари, а од друга како пазар со голема куповна моќ, за пласирање на своите премиум модели што носат и поголема добивка.
На свеченото пуштање во работа на претставителниот салон во Рим присуствуваше заменик генералниот директор за извоз Чау Шаоџун, што доволно укажува на значењето што Донгфенг го придава на европскиот пазар.
Во салонот се изложени сите модели од повеќе марки на Донгфенг, меѓу нив електричниот градски автомобил Донгфенг Бокс, компактниот СУВ-модел Мејџ и моделот од една класа погоре Хјуџ, коишто кинескиот производител ги цени како технолошки предводници, а секако и лимузината Еолус Шајн. Сите четири модели ни се познати и на македонскиот пазар, со веројатност дека Мејџ ќе го преземе приматот на Фортинг Т5 Ево, еден од највпечатливите модели на Донгфенг на македонскиот пазар.
За Италија, Донгфенг ги испраќа и моделите од својата премиум марка Воја, електричните Фри и Дрим, како и екстравагантниот теренец М-Херо со четири електромотори и моќност од преку 1.000 КС.
Видеото од тестот на Донгфенг Еолус Мејџ
Директорот Шаоџун знае кои се првите прашања на купувачите околу кинеските марки, па посочи дека „ние не само што ги донесуваме клучните модели на Донгфенг, туку сакаме на италијанските клиенти да им обезбедиме и подобро искуство при патувањето, преку локални сервиси.“
Во поглед на понудата на видови погон, Донгфенг во своите марки ги нуди сите видови погон, освен дизел и благ хибриден погон – од класични бензинци со турбонатполнење, преку хибриди и приклучни хибриди, до целосно електрични модели. На кинескиот пазар се нудат и електрични модели во коишто дополнително работи и генератор на бензин, што произведува струја за напојување на погонскиот електромотор, за на тој начин да се постигне поголема автономија. Во Европа, овој вид погон засега не е интересен, затоа што освен за самиот електричен погон, треба да се плати и за генераторот, што ги поскапува возилата.
Италијанскиот увозник ја искористи пригодата за да најави двомесечна промотивна кампања за електричниот Донгфенг Бокс. Во големите градови, како Ром, Милано, Торино, ќе бидат поставени впечатливи рекламни паноа за Бокс, со промотивните цени.
Во меѓувреме, 2.000 возила на Донгфенг, меѓи кои Бокс, Мејџ и Хјуџ, патуваат со брод од Кина до Италија. Во текот на летово ќе бидат отворени нови салони и во Милано, Наполи, Фиренца, Фоџа, Беневенто и Фросиноне.
















