Бројот на нарачки за новата лимузина ЦЛА во целосно електричната изведба е „мошне охрабрувачки“, изјави Бурцер за гласникот на германската автомобилска индустрија Аутомотилвохе,
ЦЛА е прв модел што е конструиран врз новата платформа ММА на германскиот производител. Освен модели со целосно електричен погон, таа и натаму дозволува изведби со мотор со внатрешно согорување.
ЦЛА е клучен модел на Мерцедес, којшто треба да му се спротивстави на БМВ во продажбата на батериски електрични автомобили.
Мерцедес во април ги отвори нарачките за електричниот ЦЛА на европскиот пазар. Лимузината се произведува во фабриката на Мерцедес во Раштат, Германија. Електричните погонски модули се произведуваат во Унтертиркхајм, во непосредна близина на Штутгарт.
Секој ден во Унтертиркхајм се произведуваат по 200 електрични погонски модули за ЦЛА. Со таква динамика, годишната продукција на ЦЛА може да достигне 50.000 возила.

Бурцер посочи дека капацитетот е осмислен за во неговата крајна фаза да достигне „стотици илјади“ возила, вклучувајќи ги и идните модели што ќе ја користат платформата ММА.
Проблемите со снабдувањето што во моментов ја погодуваат автомобилската бранша во светски размери, не го попречија почетокот на производството на ЦЛА, напоменува Бурцер. Во моментов е обезбедено снабдувањето со ретки метали за изработка на магнети за електромотори и сензори, со поука од лошите исксуства што браншата ги доживеа кога остана без снабдување со микрочипови.
Германските дилери се пожалија дека роковите за испорака на новиот ЦЛА се мошне долги и некои возила што се нарачани во април ќе стигнат до своите сопственици дури во почетокот на 2026 година.
Верзијата со мотор со внатрешно согорување и благ хибриден погон ќе почне да се произведува кон завршетокот на годината. Моторите што ќе се вградуваат во хибридната верзија се произведени во Кина од страна на Ауробеј, како што е името на огранокот на Џили за производство на мотори со внатрешно согорување, што е дел од заедничката компанија на Рено и Џили, со име Хорс Пауертрејн.

Производството на новиот ГЛА исто така треба да се одвива во Раштат
Во текот на годинава, Мерцедес ќе почне да ја произведува и комби-купе изведбата на ЦЛА, со ознака Шутинг Брејк. Бурцер потврди и дека во Раштат ќе се произведува компактен СУВ-модел врз платформата ММА. Фабриката располага со капацитет за 200.000 возила годишно, но по потреба може и да ја зголеми продукцијата.
Мошне е извесно дека СУВ-моделот што го спомнува Бурцер е ГЛА од следната генерација.
Бурцер не потврди до кога ќе се одвива производството на тековните моделски серии А- и Б-Класа, коишто се конструирани врз платформата МФА. Проструија гласини дека тоа би можело да се случи во 2026 година, меѓутоа Мерцедес може паралелно да ги произведува старите и новите модели, зависно од побарувачката.
Во фабриката во Унтертиркхајм е инвестирано многу во производството на електрични погонски единици. Бурцер најави дека во следните години ќе се вложи трицифрен милионски износ. Тука ќе се произведуваат и електрични погонски модули за идните модели од висока класа, вклучувајќи ја и целосно елеткричната С-Класа.
















