
По засилената продажба пролетоска, пазарот на автомобили во САД забележи пад во јуни. Според првичните податоци на Глобал Дата, во минатиот месец се продадени 1,26 милион возила, што е за 4,3 проценти под резултатот во истиот месец лани.
Јуни беше прв месец годинава со смалена продажба на нови патнички автомобили. По воведувањето на новите царини за увезени автомобили во САД што важат од 3-ти април, некои марки веќе ги чувствуваат последиците. Тоа важи посебно за Ауди и Фолксваген.
Вештачки зголемена продажба
Продажниот тренд е нереален, затоа што голем број возачки и возачи во САД што се подготвуваа за нов автомобил, решија да побрзаат со купувањето, пред да поскапат увозните – но и домашните автомобили – по воведувањето на новите царини од владата на Трамп. Според Џеј Ди Пауер, само во март и април се продадени 173.000 возила „избрзано“.
„Овој избрзан ефект сега се претвори во повратен ефект, што ја потисна јунската продажба под вистинското ниво на побарувачката,“ вели Томас Кинг, директор за податоци и аналитика во Џеј Ди Пауер.
Поголем пад кај Фолксваген и Ауди
Марката Фолксваген во второто тромесечје продаде 71.395 возила во САД, што е за 29 проценти под истиот период лани. Кај Ауди има пад од 19,4 проценти и продадени 39.241 возила во вториот квартал.
Продажбата кај БМВ остана релативно стабилна, со пад од само 0,4 процент. Во првото полугодие, продажбата е за 1,6 процент угоре, со 178.499 возила. Податоците за Мерцедес уште не се пристигнати.
Цените ќе растат
Аналитичарите предвидуваат дека во 2025 година во земјата ќе се продадат помалку автомобили, откако во минатата година беа достигнати 16 милиони нови возила. Причина за тоа е покачувањето на просечните цени на новите автомобили, поради воведените царини.
Според Глобал Дата, просечната цена на нов автомобил во САД во јуни изнесувала 46.233 долари, што е за 1.400 долари повеќе од лани. Експертите очекуваат цените во САД да продолжат да растат. „Поради влијанието од царините, за очекување е цените во иднина да растат уште повеќе,“ предвидува Чарли Чесброу од Кокс Аутомотив.
Во Аликс Партнерс предвидуваат дека производителите на автомобили ќе наплатат 80 проценти од зголемените трошоци преку продажната цена, односно толку од царината ќе оди на грбот на купувачите.















