Фабриката вредна 1 милијарда долари е изградена на земјиштето на коешто некогаш се наоѓаше фабрика на Форд. Таа е со капацитет за 150.000 електрични возила и приклучни хибриди годишно, соопшти кинескиот гигант и светски шампион во производство на електрични автомобили на 2-ри јули.
Првиот модел што излегува од монтажната лента е малечката електрична комбилимузина Долфин Мини.
Возилата од фабриката во Камасари ќе се продаваат во Бразил и во останатите држави во Латинска Америка, објави БИД.
БИД во 2021 година почна со извоз на електрифицирани возила од Кина во Бразил. Во минатата година, во земјата со најсилна економија во Јужна Америка беа испорачани 76.772 возила на БИД. Во првите пет месеци од годинава, во регионот се испорачани 39.575 возила. Доколку продолжи оваа динамика, БИД може да ја заврши годинава со близу 100.000 електрифицирани возила на тамошниот пазар.
БИД во 2023 година ја отвори првата фабрика надвор од Кина. Пред тоа почна монтажата на електрични автобуси во Франција, Унгарија и ОК. Кинеската компанија произведува електрични автобуси и во Калифорнија.
Фабриката на БИД во Камасари е трета фабрика надвор од Кина. Лани почна монтажата на возила во Тајланд и Узбекистан. Во моментов се градат фабрики во Унгарија и Индонезија.
Во чекор со зголемувањето на продукцијата во странство, БИД од минатата година досега има пуштено шест прекуокеански транспортни бродови, за да се засили извозот.
Компанијата извезува во преку 110 држави. Во првото полугодие, извозот порасна 132 проценти, достигнувајќи 470.000 возила.
















