
Фолксваген ја најави сериската изведба на ИД.Баз АД што се движи без присуство на возач. Електричното комбе е дел од новиот бизнис огранок, којшто наскоро ќе почне да му носи заработка на концернот.
Автономната мобилност е еден од главните идни пазари на германската автомобилска индустрија. Саша Мајер е убеден во тоа. Тој е извршен директор на огранокот за услуги за мобилност на Фолксваген, што се води под името Моиа. Извесно е дека Фолксваген наскоро ќе почне да заработува и од својот бизнис со роботско такси.
Важно достигнување на патот до стартувањето со новиот бизнис е ИД.Баз АД, што на 17-ти јуни имаше премиера во Хамбург. Електричниот Були е прво автономно возило во светот, што е подготвено за сериско производство и ги исполнува барањата за 4-то ниво на автономно возење. Тоа возило не доаѓа од САД или од Кина, туку од Хановер.
Извршниот директор на концернот Фолксваген, Оливер Блуме, при премиерата посочи дека работењето на технологијата се одвивало подолго време во заднина. Автономното возење во меѓувреме ја достигна зрелоста и станува достапно уште во оваа деценија, место во следната деценија. Кристијан Зенгер, претседател на огранокот за доставни возила на Фолксваген и извршен директор на Фолксваген Автономна Мобилност, го гледа робо-таксито како кршач на мраз на патот кон автономија од 4-то ниво. На почетокот, тоа ќе функционира во Б2Б подрачјето, а понатаму и во секој приватен автомобил.
Моиа досега ги тестираше своите автономни шатли во Хамбург, Минхен, Осло и Остин. За тоа сепак се користеа прототипи. Понатаму ќе се преоѓа на возила од сериско производство. Во следниот чекор ќе нема потреба и од присуство на возач да ја надгледува техниката.

Двапати побезбедно од човечки возач
Фолксваген постави строги правила. Надзорникот ќе биде присутен, сé додека нивото возењето не достигне двојно повисока безбедност во споредба со човек зад воланот.
Гостите на премиерата можеа да се уверат дека безбедноста и сега е на високо ниво. Дел од настанот беше возење со шатл низ градскиот сообраќај на Хамбург, вклучувајќи минување сложени крстосници и снаоѓање во непрегледни ситуации.
Од следната година, ИД.Баз АД ќе може да го користат и трети лица. Веќе е потврдена соработка со Убер во САД, се преговара со берлинското претпријатие за јавен превоз БВГ, а секако се јавуваат и заинтересирани клиенти од цел свет.
Извршниот директор Саша Мајер вели дека „на градовите повеќе не им се потребни прототипи или проекти за тестирање, туку решенија што се зрели за сериска примена.“
Автономното возење ги надминува проблемите со недостигот од возачи
Фолксваген проценува дека прометот во автономната мобилност по повик вреди помалку од 100 милиони евра. Меѓу малкуте големи играчи се Вајмо во САД и Баиду во Кина. Експертите проценуваат дека прометот во 2035 година може да достигне 350 до 400 милијарди евра. Доволно ќе биде да се зафати само мал дел во тој колач.
Додека производителите на автомобили работат со добивка во горното едноцифрено подрачје, а добивката во класичниот бизнис со изнајмување возила е во долното едноцифрено подрачје, профитот кај „физичките КИ“, како што се нарекуваат автономните шатли, може да се движи во двоцифреното подрачје.
Робо-такси може да направи 20 превезувања во денот. Во класичниот бизнис, за тоа ќе бидат потребни тројца возачи. Во време кога се јавува недостиг од возачи, автономното возење е решение за проблемот. Остатокот од денот ќе биде посветен на чистење, сервисирање или за полнење на батеријата. За тоа сепак се потребни луѓе.

Фолксваген се потпира на големосериска техника
ИД.Баз АД се базира врз продолжената изведба на електричниот Були и опремен е со 13 камери, 9 лидари и пет радарски сензори. На тоа следи и сложена техника за чистење на сензорите.
Разновидноста на сензорите има за цел да се постигне безбедно возење во сите услови. Тие покриваат најширок спектар, од препознавање на оддалеченост до 300 метри, до сензори што следат блиско подрачје, и од тесни улички, до автопат со брзина до 120 км/ч.
Фолксваген е во предност со тоа што, освен возилото, од концернот потекнуваат и сензорите. Тие се производ на партнерот Мобилај, чијашто камерска и радарна техника се вградува во бројни модели врз платформите МЕБ и ППЕ.
Тоа овозможува трошоците да бидат многу пониски отколку со претходниот партнер Арго АИ. Соработката беше прекината во 2022 година.

Предимството на Фолксваген пред Вајмо
Иако деловите се поевтини, тоа што троши многу пари е развојот. Потрошени се веќе милијарди евра во автономното возење. Покрај тоа, илјадници експерти се ангажирани во ова подрачје.
Тоа што сé потекнува од концернот е голема предност пред конкурентите како Вајмо. Тие постојано морааат да бараат партнер, што ќе ги испорача возилата. Вградувањето на техниката таму исто така трае подолго.
Срцето на деловниот модел е клауд-платформа
Фолксваген во иднина не само што ќе ги продава возилата на трети лица, туку ќе ја нуди и мобилноста како услуга, базирана врз податоци во облак (мобилност како сервисна платформа, Маас). Автономното возење е само дел од предизвикот.
За услугата со робо-такси да функционира, неопходна е апликација за букирање, преку којашто ќе се повикува возило и ќе се плаќа.
Мора да се осигури дека гостинот што букирал ќе добие пристап во возилото – преку паметен телефон или преку внесување пин на вратата – и дека во возилото нема да се пушти патник што нема платено за возењето.
[the_ad id=”85764″]
Жолти ремени за АИ
Голем дел од таа задача ќе ѝ припаѓа на АИ, а доколку се јави проблем, ќе се вклучи надзорник во централата и ќе комуницира преку камера и преку интерфон.
АИ ќе проверува и дали патниците имаат поставено ремен. Од таа причина, ремените се жолти, за АИ да распознава полесно и ременот да двои од бојата на облеката.
За робо-таксито да стане реалност, мора да се работи и на инфрастуктура. Пример е влегување или излегување од паркинг, кога мора да се притисне копче, а не функционира систем за распознавање.















