Германија најскапа земја за полнење електрични автомобили, Турција најевтина

Германија е најскапа земја во Европа за полнење електричен автомобил, додека Турција е најевтина, покажува истражувањето на ирски Свичер. Разликите од земја до земја се огромни.

Во 2024 година, просечната цена за во домашни услови да се наполни електричен автомобил во Европа, изнесувала 13,83 евра. Просечната цена, пак, за со електричен автомобил да се поминат 100 километри, изнесува 3,79 евра. Тоа се податоци што ги објави ирски Свичер, вебсајт за споредба на цени. За истражувањето биле користени податоци од Еуростат, за 25-те најпродавани батериски електрични автомобили.

Електричните автомобили се поевтини за возење за околу 70 проценти во споредба со возило со бензински или дизел мотор, открива студијата.

Во минатата година, цената за електричен автомобил (ЕВ) целосно да се наполни во домашни услови во Германија изнесувала 25,73 евра. Сто километри пат чинат 7,06 евра. Со тоа, Германија е најскапа ЕВ-земја во Европа.

Во 2024 година, во Германија биле продадени за 27 проценти помалку ЕВ, односно вкупно 381.772 ЕВ, открива агенцијата Датафорс. Падот беше предизвикан од наглото прекинување на исплатата на субвенции што досегаа до близу 10.000 евра.

Данска е втора најскапа европска земја за полнење ЕВ со 24,56 евра за целосно полнење и 6,74 евра за сто километри пат. Данска сепак е еден од најголемите пазари за ЕВ во Европа, каде што електричните автомобили учествуваат со 52 проценти во продажбата, покажува Датафорс, иако даночните повластици постепено се повлекуваат.

Ирска е на третото место со 24,14 евра за целосно полнење и цена од 6,62 евра за 100 километри пат. Во минатата година, во земјата биле регистрирани 17.581 нови ЕВ. Купувачите на ЕВ во Ирска добиваат субвенции и даночно ослободување.

Продажбата на ЕВ во Ирска во првите четири месеци од годинава е зголемена за 26 проценти, на 11.482 возила, додека нивниот удел во вкупната продажба е зголемен на 15 проценти.

Во останатите европски држави се продадени 759.415 електрични возила (+28%) за четири месеци. Италија (+79 %), Германија (+42 %) и Белгија (+31 %) имаат најголем раст во продажбата на ЕВ.

Во некои земји, како Германија, цените остануваат на високо рамниште, додека други земји профитираат од пониските трошоци,“ вели Оуен Кларк, комерцијален директор на Свичер.

Најевтините земји за полнење ЕВ главно се во средна и југоисточна Европа. Таму сепак е мала популарноста да се поседува ЕВ, поради високите цени на возилата во однос на просечната плата.

Турција е најевтина со 4,05 евра за целосно полнење. Во Грузија, втора најскапа држава, целосно полнење чини 4,59 евра.

Цената за целосно полнење во Европа во просек изнесува околу 4 проценти од чистата заработка на неделно ниво, открива студијата.

Податоците за Македонија не се појавуваат во извештајот на Свичер. Доколку се полни ноќе, на „евтина“ тарифа, еден киловатчас чини 1,9765 денари. За да се наполни батерија од 50 кВч, на пример, пресметано грубо со 10% загуба, цената е 108,7075 денари. На тоа се додаваат по 4,4376 денари за секој кВч, доколку се работи за домаќинство со потрошувачка што спаѓа во Блок 1 (до 210 кВл), што дава дополнителни 244,068 денари. Вкупно 352,7755 денари. Дополнително следи и надоместок за пренос и диструбуција, со цена од 3,0952 денари за кВч, што додава уште околу 150 денари. Тоа не ѝ донесува на Македонија место меѓу 10-те најевтини земји за поседување ЕВ.

Претходна објаваЕлектричните автомобили со рекордна продажба, но неизвесно е како ќе продолжи трендот
Следна објаваПрвиот сериски автомобил што вози целосно самостојно е Фолксваген

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here