Новиот Ауди Ку-3: Андроид Ауто, врвен квалитет и опрема од виша класа

Герно Делнер, шефот на Ауди, го опиша новиот Ку-3 како „елементарен составен дел од моделската офанзива“. Моделот синоќа имаше премиера во Инголштат. Ауди има причина да ја прославува премиерата на Ку-3, кој покрај тоа што е еден од 20-те новитети на Ауди, е втор најпродаван модел на марката, по Ку-5. Серијата новитети почна во минатата пролет со Ку-6 и ќе се заокружи кон завршетокот на годинава.

СУВ-моделот го означува и влезот во премиум марката, заедно со А3 и претставува „важен модел за привлекување нови клиенти“, нагласи директорот за продажба Марко Шуберт.

Производството во Инголштат почнува во 2026 година

Најголема побарувачка за компактниот СУВ има во Европа, пред сé во Германија и Италија, но Ку-3 се бара и во Северна Америка и на останатите прекуокеански пазари. Додека моделот во иднина ќе се произведува во Кина за локалниот пазар, Ауди и натаму не ја спомнува можноста за моделот да почне да се произведува во САД, со цел да се избегнат високите царини.

Примероците од Ку-3 за испорака ширум светот, со исклучок на Кина, во иднина повеќе нема да се произведуваат само во унгарскиот Ѓер. Од следната година, тој ќе почне да се произведува во матичната фабрика во Инголтат. Планот е каросериите да се изработуваат во Ѓер, а „одредени деривати“ да се препраќаат за завршна монтажа во Горна Баварија.

Фабриката во Ѓер и натаму ќе работи со полна искористенот. Во три смени дневно и пет денови во неделата, таму може за една година да се произведат 185.000 возила. Унгарските погони во моментов работат дури и над тој капацитет, открива директорот на Ауди Унгарија, Михаел Бреме.

Ауди се повикува на старите доблести

За Ауди Ку-3 отсекогаш постоела висока побарувачка. Првите две генерации се продадоа во околу половина милион примероци секоја, а тоа не би требало да се смени кај новата генерација. Ауди со новиот Ку-3 им се враќа на старите доблести, а тоа се квалитетот и „напредокот преку техника“, што ќе важи и за моделите од компактната класа.

Подигнување на квалитетот кусо пред да почне производството

Уважена е критиката на купувачите за моделите во последниот период. Половина година пред да почне производството, Ауди го зголеми квалитетот и изврши дополнителни зафати во облогите на вратите и во отворите за проветрување.

Потребна е умешност во организацијата, за деловите да се заменат во толку кус период. Но, тоа вредело. Колегите од Аутомобилвохе, германското сестринско издание на Аутомотив Њуз Европа, потврдија дека новиот Ку-3 навистина оддава квалитетна и чиста изработка.

Клиентите во иднина ќе се радуваат на цела армада од системи за асистенција. Има сé, од самостојно запирање при неизбежен судир, до помош при паркирање што се учи. Последниов систем може да научи до 5 маневри за паркирање на должина од 50 метри, за возилото самостојно да се движи од влезната врата до гаражата.

Матрични светла како во виша класа

По желба може да се нарачаат најнапредните светла од вишата класа. Ауди е прв производител што вградува микро-лед-модули во матричните диодни светла.

Секој од овие модули што се широки само 13 милиметри се состои од 25.600 светлечки диоди со големина од 40 микрометри. Тоа е половина од дебелина на човечка коса. Ауди ветува уште подобро осветлување на патот, посебно при лоши временски услови.

Светлата можат да работат и како еден вид проектори, за важни упатства да се прикажат директно врз патот пред возилото. Тоа може да биде симбол за мраз, на пример, кога постои опасност од појава на голомразица.

Со светлосни сигнали се заменуваат и упатствата од системите за асистенција. Дигиталните ОЛЕД-светла назад се нудат како опција и располагаат со неколку шеми на работа. Логото на Ауди исто така може да биде осветлено црвено.

Андроид Ауто со пристап до Ап-Стор

Надворешноста на Ку-3 што е со потпис од поранешниот главен дизајнер Марк Лихте, се вклопува во новиот стил на марката. Новиот СУВ изгледа позрело од претходникот.

Широката маска, тенките светла и опашот по пример на Ауди А6 придонесуваат за Ку-3 да изгледа моќно. Пропорциите не се сменети, иако новакот порасна на 4,5 метри во должина.

Техниката на Ку-3 е иста со Фолксваген Тигуан, Шкода Кодиак и Купра Терамар. Последниов ќе се произведува на истата лента со Ауди во фабриката во Ѓер.

За Ку-3 да се разликува од своите браќа врз платформата М-Ку-Б-ево, на местото на коешто разликите ќе бидат највидливи, Ауди ексклузивно користи Андроид Аутомотив како оперативен систем.

Системот го приспособи Кариад. Корисниците ќе ја имаат таа предност што директно преку продавницата за апликации на Ауди може да се преземат апликации од трета страна. Тоа значи дека може да се гледа јутјуб, без да се поврзува телефонот.

Пет погонски варијанти, цена од 44.600 евра во Германија

Новиот СУВ сосем очекувано не се нуди во целосно елетрична изведба, но затоа не отсуствува верзија со приклучен хибриден погон со 272 КС. Брзото полнење функцинира со моќност до 50 кВ. Со полна батерија од 25,7 кВч, може да се смета на досег до 120 километри.

Влезот во гамата му припаѓа на моделот со бензинец со 150 КС, по него следат дволитарци со 204 и 265 КС. Врвниот модел нуди погон на сите тркала, а единствениот дизел располага со 150 КС. Седумстепен менувач со двојна спојка е стандард во целата гама.

Основниот модел во Германија чини 44.600 евра, додека за плагин-хибридите мора да се издвојат најмалку 49.300 евра.

Претходна објаваБИД ќе поставува мрежа од брзи полначи ширум Европа
Следна објаваМантрата на новиот Нисан Лиф е ефикасност, ефикасност и ефикасност

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here