
БМВ се залага за дисруптивна иновација, односно за иновации што од корен го менуваат доживувањето на нештата, како што е технологијата за менување на бојата. Баварците на тој начин сакаат да го придобијат интересот на купувачите, во услови на жестока конкуренција на автомобилската сцена.
„Техниката на којашто работиме е тешка, а работиме со висока брзина,“ кажа Стела Кларк, истражувачка инженерка за отворени иновации во Групацијата БМВ, за време на конгресот на Аутомотив Њуз Европа, на 12-ти јуни во Торино.
Кларк е мозокот зад Флоу Е Инк во моделот БМВ и-Икс. Оваа технологија овозможува каросеријата на возилото да ја смени бојата по електронски пат, односно по барање на возачот.
Промената на бојата се постигнува со посебно развиена обвивка врз каросеријата, којашто е изработена од електрофоретски филм, што се состои од милиони микро капсули.
Секоја капсула содржи бели пигненти со позитивен полнеж и црни пигменти со негативен полнеж. Под дејство на електрично поле, на површината избиваат различни пигменти, со што се менува бојата на возилото.
Со променливата боја на каросеријата може да се влијае и врз потрошувачката на гориво, односно електрична енергија. На пример, при студено време, потемна боја привлекува повеќе топлина од сончевите зради, додека белата боја може да ја одржува каросеријата постудена кога е летна жега.
„Првата идеја да се менува бојата на возилото беше функционална – да се направи бела и постудена,“ објаснува Кларк.
Целиот концепт за малку немаше да успее, додава научничката. „Сите идеи што ги имав претходно, не успеваа. Технологијата за менување на бојата неколкупати не ми успеваше и за малку ќе се откажев.“
Важна е истрајноста. „Мора да пробуваш бројни нови идеи, многупати да не успеваш, но некои ќе поминат и тие ќе успеат“.
Технологијата Е Инк во почетокот можеше да менува само нијанси на бела, сива и црна.
На салонот ЦЕС во 2023 година, БМВ покажа унапредена верзија, којашто можеше да прикаже 32 бои со динамична и повеќебојна шема.
Оваа технологија на БМВ засега останува во пробна фаза и уште не е достапна во серија.















