
Додека на македонскиот пазар, длабоко во третата деценија од новиот век, уште не постои официјална статистика за продажбата на нови автомобили, пошироко во Европа се следи секој продаден автомобил. Донгфенг е најзастапениот и најагилен производител на автомобили од Кина на македонскиот пазар. Прашањето е, колку автомобили продава Донгфенг од своите бројни марки, на пазарите во ЕУ, ЕФТА и ОК?
Фортинг Т5 Ево, Донгфенг Нами Бокс, Фенгон 580, тоа се познати имиња на македонската автомобилска сцена, со коишто западноевропските купувачи допрво се запознаваат. Првиот од ова трио е веројатно пресвртницата во начинот на којшто нашата сцена во целина ги гледа автомобилите од Кина. Стотина продадени примероци од овој СУВ во ценовната класа до 30.000 евра се големо достигнување. Како ориентир, тоа е половина од продажбата на еден Хјундаи Тусон.
Како реагиира Европа на овој впечатлив автомобил? Во првите четири месеци, според официјалната статистика, продадени се 640 примероци од Т5 Ево, модел од марката Фортинг, којашто е дел од групацијата Донгфенг. Во истиот период лани, моделот уште не се продаваше пошироко во Европа.
Тој е најпродаваниот автомобил на Донгфенг, модел што ѝ припаѓа на средната класа на СУВ-сегментот. Купувачите очигледно не посегаат по најевтиниот автомобил на овој производител, туку избираат модел каде што добиваат повеќе за цената, во споредба со конкуренцијата.
Вториот најпродаван модел зафаќа уште повисоко. Тоа е Е5, модел со приклучен хибриден погон, варијанта на бензинскиот Фенгон 600 кај нас, односно Фенгон 580 во Европа. Вкупно 588 примероци од овој СУВ од истата класа со Т5, што исто така годинава почна да се продава на европскиот пазар. Цената на Е5 кај увозникот АБЦ Брадер изнесува 30.900 евра. Тоа е најдостапниот модел со приклучен хибриден погон на македонскиот пазар.
Вистинскиот шампион сепак е целосно електричниот Бокс, којшто во статистиката се појавува под повеќе марки, еднаш под Донгфенг, еднаш под ДФСК, еднаш под Донгфенг Нами, но во основа тоа е истиот автомобил. Неговиот биланс: 792 возила до април. Цената во Македонија: 21.990 евра, за најдостапниот електричен автомобил, што повеќе се движи кон „премиум“, отколку кон „волумен“.
Следен е целосно електричниот Серес 3, којшто е модел развиен во заедничката компанија на Сокон и Донгефнг (оттаму и името ДФСК), којашто денес целосно му припаѓа на Серес, меѓутоа во оваа статистика и натаму ќе го водиме како Донгфенг. За четири месеци, тој има постигнато 356 продажби и засега е единствен модел што и лани бил присутен на европскиот пазар. Вистинското мерило за неговиот успех е растот од 92 проценти во продажбата.
Петорката ја заокружува еден луксузен и несекојдневен модел, тоа е ванот Ју-Тур од марката Фортинг. Овој модел со месеци е најавен за тест во Аутомедиа, меѓутоа сите примероци што имаат пристигнато досега се однапред резервирани и продадени. Тоа укажува на довербата на македонските купувачи кон овој производител – повторно заслуга на Фортинг Т5 Ево. Луксузниот седумсед има постигнато и најголем раст од лани, со 564% во позитива. Цената во МК: 33.900 евра.
Неизвесност постои единствено околу моделите од премиум марката на Донгфенг, а тоа е Воја. Прашање е дали македонската сцена може да прифати премиум автомобил на кинеска марка, што сепак треба да им парира на Мерцедес-Бенц или БМВ. Во Западна Европа, Воја не минува незабележано. Од електричниот модел Фри се продадени 85 примероци до април. И таму има раст од 13 проценти.
Извесно е дека Еолус Мејџ ќе ја вивне продажбата на Донгфенг во Европа, но прво треба да стартува на тамошните пазари. Македонија е во предност
Од 17 модели што се опфатени во овој список, единствено и-икс-5 има пад во продажбата, со 29 проценти во минус и 41 примероци. Далеку повеќе од половината, точно 10 модели, првпат се продаваат во Западна Европа од годинава.
Вкупно 3.107 возила. За споредба, Липмотор, кинеската марка на концернот Стелантис, во истиот период има продадено 4.700 примероци од своите два модели, компактниот СУВ-модел Ц10 и градското мини Т03, со целосно електричен погон – и со сета маркетиншка поддршка што ја обезбедува концернот Стелантис.















