
Групацијата Мерцедес-Бенц и БМВ АГ се во преговори со добавувачите, со цел да се спречи недостиг од компоненти во коишто се користат овие материјали. Планот е да се создадат поголеми залихи од одредени материјали.
Проблемот настана поради одолговлекувањето на издавањето одобренија за извоз на ретки метали од Кина, откако во април беа воведени нови правила. Поскапеа и транспортните трошоци.
Директорката за финансии на Форд, Шери Хаус, на автомобилската конференција на УБС што се одржа на 4-ти јуни во Њујорк, објасни дека „се оптоварува еден систем што е мошне организиран.“ Новите контроли ги присилуваат производителите на автомобили да најдат алтернативни патишта за набавка на суровини, додава Хаус. Поради недостиг од ретки метали, фабриката на Форд во Чикаго во минатиот месец мораше цела недела да го прекине производството на Експлорер.
Фабриките за автомобили на БМВ продолжуваат да работат непречено, меѓутоа во делови од мрежата на набавки на баварскиот производител веќе се чувствуваат последиците од кинеските блокади, изјави претставник на компанијата, без да наведе понатамошни детали.
Како одговор на царините што ги воведе администрацијата на Доналд Трамп, Кина во април воведе строги контроли на извозот на ретки метали, коишто се закануваат врз светската мрежа на набавка на клучни суровини што се користат во изработката на компоненти со висока технологија, почнувајќи од електрични возила до оружје.
Производителите на автомобили имаат потреба од ретки метали, на пример тербиум, којшто се користи во погонски електромотори за возила, но постојат и бројни ретки метали што се користат во изработката на мотори со внатрешно согорување, односно за сензори и за електронски уреди. Кина владее со обработката на овие материјали.
Производителите на автомобили не ги набавуваат ретките метали директно, меѓутоа кризата директно се одразува врз добавувачите на делови за автомобилската индустрија, коишто ги користат во електромотори и во хибридни системи.
Со ретките метали, се навестува уште една голема криза, којашто може да има слични последици како светската криза со микрочипови, којашто ги погоди фабриките за автомобили веднаш по смирувањето на ковид-пандемијата.
[the_ad id=”85764″]
„Кога ќе се појави таква ризична ситуација, тогаш стапуваме во постојан дијалог со нашите добавувачи,“ вели Јорг Бурцер, директор за производство во Мерцедес-Бенц. „Секако дека ние разговараме со нив, за најдобрите алатки за справување со ризикот, така што е важно да се создадат залихи.“
Ривиан Аутомотив ја обучува администрацијата на Трамп, за да укаже колку се сложени мрежите за набавка на делови и материјали, меѓу другото поучувајќи и за тоа колку е тешко да се преработуваат ретки метали во САД. „Тоа се тешки преси што работат 24 часа дневно. Имаме огромен тим што работи на тоа,“ кажува шефот на Ривиан, Ар Џеј Скаринџ.















