Киа Спортаж е трет најпродаван компактен СУВ во Европа, наскоро во освежено моделско годиште

Киа Спортаж е трет најпродаван модел во најважниот сегмент на европскиот пазар, меѓу компактните СУВ, по Тигуан и Кашкај

Киа досега има продадено преку 7 милиони примероци од својот светски модел, од компактниот СУВ-модел Спортаж, којшто стандардно се продава одлично и во Европа, и во Северна Америка и во Азија. Со моделското освежување, Спортаж добива неколку зафати на тема хибридизација на погонот, сменет изглед со новите светла како највпечатлива промена и вообичаените новини во конективноста, системите за асистенција и дигитализацијата.

Киа Европа го најави доаѓањето на својот бестселер Спортаж во ново моделско годиште, коешто донесува промени во дизајнот, технолошки новини, и секако иновациите, коишто се неопходни за компактниот СУВ да се одржи во борба за врвот со Фолксваген Тигуан, како најпродаван модел во сегментот и Нисан Кашкај, од којшто го дели само мала разлика во бројот на продадени возила.

Оперативниот директор на Киа Европа, Сјорд Книпинг, порачува дека „со целосно обновеното пакување, подготвен за секаква авантура, најпрефинетиот Спортаж досега привлекува широк круг купувачи, вклучувајќи ги нашите верни клиенти, на коишто им нуди ново ниво на приспособливост, комоција и комфор“.

Промените во дизајнот се во насока на „спротивностите се привлекуваат“, односно спојот меѓу мазни површини и цврсти форми што создаваат моќна појава и уверуваат дека Киа Спортаж е подеднакво погодена за градското секојдневие и за авантури надвор од асфалтот.

Предниот и задниот браник се со нов дизајн, со диодни светла во форма на „ѕвездената мапа“, што е позната од ЕВ9, ЕВ6 и ЕВ3, секако задолжително со маската што се води како „тигарски нос“. Тркалата имаат нов дизајн, повторно со посебен дизајн кај ГТ Лајн, каде што се вградува формат од 18 или 19 инчи.

Црно-бела внатрешност на Киа Спортаж ГТ-Лајн

Нов дизајн доби и воланот, со два краци. Намерата да се постигне минималистички стил се огледува и во отворите за воздух што не се видливи. Вообичаено за фејслифтите на Киа, нови се и облогите на седиштата. Врвот во дизајнерската идеја за внатрешноста е нормално дека следи во изведбата ГТ-Лајн, со црно-бел ентериер, со комбинација од кожа и кадифе.

Во соработка со специјалистите за ова подрачје, јапонската Динамика што 30 години работи на врвни материјали од рецилирано потекло, Киа применува посебно еколошки материјал во Спортаж. Тоа е престижно микрофиберно кадифе, поставено на вратите и по седиштата.

Во дисплеите во арматурбата табла немаше што да се додаде повеќе, но затоа има нов проекциски дисплеј

Тоа што е највпечатлива ставка во кокпитот на Киа Спортаж, двата заоблени дисплеи од по 12,3 инчи што создаваат широко поле на преглед пред возачот, сега добиваат придружба од нов проекциски дисплеј со пречник од 10 инчи. Хедап-дисплеите масовно доаѓаат во браншата и Киа секако дека нема да си дозволи да доцни зад трендот.

Меѓу новините во конективноста е безичното поврзување со Андроид Ауто, покрај Епл Карплеј. Киа Конект далечински го поврзува возилото со телефон, додека ОТА-апдејтите овозможуваат да се вчита најновиот софтвер, исто како кај телефон.

[the_ad id=”85764″]

Во услови кога постои соодветна инфрастуктура, директно од Спортаж може да се изврши и плаќање на услуга, на пример, паркирање. Преку хотспот може пет преносни уреди да се поврзат на вифи. Навигацијата учи постојано и помага да се најде најдобрата рута, а преку дигитален клуч може да се пристапи во Киа и без физичкиот клуч. Тоа меѓу другото значи и дека сопственичката или сопственикот можат да испратат дигитален клуч до член на фамилија и пријател, за да им овозможат да ја користат Спортаж. Аудио системот е Харман Кардон.

Има новини и во поприродното префрлување на помошниот дисплеј во средишната конзола, којшто дојде како симпатична ставка кај постоечкиот Спортаж и служи за лесно префрлување од ракување со климата на ракување со мултимедијата. Камери во 360 степени и безжичен полнач исто така се во арсеналот на најпродаваната Киа.

Исто како и досега, производството на новоито моделско годиште ќе се одвива во фабриката во Жилина, Словачка. Како еден од најважните модели на Киа на македонскиот пазар, со генерации наназад, за очекување е скорешното пристигнување на освежениот Спортаж да биде одбележано со пригодна свеченост. И средината одговара, во новиот центар на Киа.

Претходна објаваМерцедес и БМВ создаваат залихи од ретки метали поради попречениот извоз од Кина
Следна објаваГори брод со автомобили од Кина на пат за Мексико

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here