
Спортаж, Сид и Пиканто, тоа е водечката тројка на Киа на европскиот пазар во април. Компактниот СУВ е воедно трет најпродаван модел во сегментот во периодот јануари-април, по Фолксваген Тигуан и Нисан Кашкај. Тој се појавува и во Топ 50 во април, како 14-ти најпродаван модел во конкуренција на сите класи и сегменти со 12.684 примероци (+8,2%), зад Шкода Октавија (13.099, -25,2%) и пред Хјундаи Тусон (11.659, -7,7%).
Разликата со третиот најпродаван модел на Киа во првите четири месеци, компактот Сид, меѓу 52.062 примероци од Спортаж и 21.993 примероци од Сид, се чини преголема, но тоа е само привидно. Во семејството на Сид спаѓаат уште кросоверот Ексид (10.090 примероци) и премиум комбито ПроСид (1.720 примероци), што вкупната продажба на ова моделско семејство ја донесува до 33.802 возила.
Пиканто, втората најпродавана Киа, е раритет на пазарот, затоа што малку производители останаа во овој сегмент (Панда, Ајго, 500, Игнис), каде што стандардите не дозволуваат да се оди доволно долу со цената, и сé што им останува на производителите како аргумент да ги убедат купувачите, е имиџот. Купувачите на Пиканто бараат прво малечко возило, па дури потоа ја гледаат цената. За четири месеци, 22.369 возачки и возачи во Европа се решиле за Пиканто. За споредба, тоа е речиси исто со вкупната продажба на Хонда на европскиот пазар (26.177 возила).
Големо изненадување во април е моделот на 4-то место. Таму е целосно електричниот компактен СУВ-модел, Киа ЕВ3, што стартуваше со продажба годинава, и стартуваше одлично. Во април се продадени 5.619 примероци. Но, и тука има втора слика. Од јануари до април, електричниот СУВ има постигнато вкупно 24.178 продажби, што го прави втор најпродаван модел на Киа, по пазарниот големец Спортаж. Тој е уште еден новитет што треба наскоро да се појави во понудата на македонската Киа.
Меѓу првите модели што човек ги замислува кога ќе се спомне Киа, секако спаѓа Стоник. Кросоверот одлично го одигра местото на основен модел на Киа, по заминувањето на Рио, и во моментов е модел што има една од најдобрите противвредности на македонскиот пазар, со цена од малку под 20.000 евра. Стоник до април има регистрирано 20.308 возила, односно 4.428 само во април.
Ниро е мулти-погон моделот на Киа, којашто се произведува и во хибридна и во целосно електрична изведба, и веднаш е зад Стоник. По Ексид, следат уште два електрични модели, кросоверот ЕВ6, што одамна е комерцијализиран на нашиот пазар, и знаменосецот и техно-болид, ЕВ9, што веројатно ќе стартува со продажба во Македонија годинава.
Луксузниот Соренто го закружува пазарниот настап на Киа, со продадени 4.505 примероци до април.
Наесен се очекува важна премиера на нашиот пазар, комплетно нов К4 на местото на Сид, којшто постигна впечатлив успех во неговите три генерации. Новиот К4 е светски модел, за разлика од Сид, којшто беше дизајниран и конструиран точно за европскиот вкус. Но, во меѓувреме, европскиот концепт е тој што важи глобално, така што К4 ќе служи за цел свет, и за САД и за Азија.
View this post on Instagram















