Ситроен го назначи Ксавиер Шардон за нов извршен директор, на местото на Тјери Коскас, соопшти концернот Стелантис на 19-ти мај.
Шардон, кој доаѓа од местото на извршен директор на Фолксваген Група Франција, ќе ја преземе новата функција на 2-ри јуни и ќе поднесува извештај до Жан Филипе Импарато, шефот на концернот Стелантис за Европа и регионот.
Коскас ќе си замине од компанијата, изјави претставник од Стелантис на прашање од Ројтерс.
Ситроен имаше бавен старт при лансирањето на два важни модели, на електричната изведба на Ц3 и на новиот СУВ-модел Ц3 Еркрос, поради застој кај добавувачите.
Како последица од тоа, уделот на Ситроен на пазарите во ЕУ, ОК и ЕФТА, во првото тромесечје опадна на 2,7 проценти, додека во истиот период лани, тој удел изнесуваше 3,4 проценти. Гледано само за ЕУ, уделот од 3,8 проценти лани, годинава падна на 3,2 проценти.
Коскас како шеф постави цел марката да постигне удел од 5 проценти во Европа.
Ситроен штотуку го комплетираше обновувањето на своите носечки моделски серии, вклучувајќи го и новиот Ц5 Еркрос, СУВ што балансира меѓу компактната и средната класа. Пред тоа беше направен и фејслифт на Ц4 и Ц4 Икс.
Според неговиот профил на ЛинкдИн, Шардон ја започна својата кариера во Ситроен во Италија. Тој потоа станува директор на Ситроен Франција во 2009 година. Во јануари 2012 година следи преоѓање во Фолксваген Група, на местото на директор за продажба во Европа. Во 2014 година, Шардон ја презема функцијата на директор за маркетинг за Европа. Следно работно место е во Кина, како потпретседател на заедничката компанија на САИЦ и Фолксваген. Шардон го презема шефовското место во Фолксваген Франција во 2021 година.
[the_ad id=”85764″]
Коскас работеше во француската влада, пред да се вработи во автомобилската индустрија, во 1997 година, во Рено. Неговите функции таму се потпретседател, пазарно прогнозирање и програмирање, потпретседател за продажба и маркетинг за Азија и Африка. Во 2009 година, Коскас е именуван за шеф за електрични возила, за во 2013 година да стане директор на Рено Аргентина.
Во 2016 година, Французинот беше унапреден во потпретседател за продажба и маркетинг за целата групација. Тој почнува да работи во ПСА Групација во 2019 година, како шеф на продажба и маркетинг, позиција што ја задржува и по создавањето на концернот Стелантис во јануари 2021 година. Во 2023 година, тој стана шеф на Ситроен.
















