
ЕУ и Кина очигледно си ги прибижија ставовите во спорот околу царините на Унијата за увозот на електрични автомобили од азискиот и светски моќник. Според објави во медиумите, царините што беа воведени во минатата есен ќе се заменат со договор за најниска цена, по којашто кинеските ЕВ ќе може да се продаваат во Европа.
Веста ја објави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на претставник од Европската Комисија. Според изворот, комесарот за трговија на ЕУ, Марош Шефчович, веќе постигнал спогодба со кинескиот министер за трговија Ванг Вентао, да се разговара за понатамошните детали околу проектот.
Минимална цена нема да важи за сите модели
ЕУ преку дополнителните царини одговори на масивните субвенции што кинеските производители ги добиваа од државата. Унијата оцени дека на тој начин се прекршуваат правилата на фер конкуренција. За секој производител беше одредена различна висина на дополнителните царини, во зависност од соработката што конкретниот производител ја имал со ЕУ при истрагата и во зависност од висината на помошта од Пекинг. Дополнителната царина се додава на десетте проценти што важеа претходно.
Царините важат и за моделите што европските компании ги произведуваа во Кина. Поради големата сложеност на автомобилите и на бројните компоненти, сепак не е можно да се одреди единствена минимална цена што ќе важи за сите модели што се увезуваат од Кина во Европа, цени Комисијата.
Кинеските производители треба да инвестираат
Здружението на германската автомобилска индустрија ВДА уште од почетокот оцени дека дополнителните царини се „уназадување за слободната трговија во светот“, и уште во октомври побара со „полна решителност од сите страни“ да се изнајде друго решение.
Причина за тоа беше стравувањето дека Кина ќе возврати со царини. Поради тоа, здружението сега го поздравува релаксирањето на односите. Влијателниот германски економски дневник Ханделсблат дознава дека кинеските производители за возврат ќе ги засилат инвестициите во Европа и ќе дозволат користење на нивната технологија.
[the_ad id=”85764″]
Уште е мало присуството на кинеските марки во Европа
Приближувањето на ставовите меѓу ЕУ и Кина се поврзува и со тактиката на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој во почетокот на неговиот втор мандат го потресе светскиот пазар со воведување секакви увозни царини. САД се во најголем клинч со Кина.
Кинеските автомобили уште немаат постигнато поголем удел во Европа. На најголемиот европски пазар, германскиот, единстено МГ лани постигна повпечатлива продажба, со 21.000 возила. БИД вложува напори да ја засили продажбата, меѓутоа успехот уште изостанува.
Кинеските модели се поевтини за 20 проценти
Факт е дека пазарниот удел на Кинезите постојано расте, иако тоа се одвива бавно. Како што покажуваат податоците од Датафорс, кинеските марки во февруари постигнале удел од 4,1 проценти на европскиот пазар. Во истиот месец лани, нивниот удел изнесуваше 2,5 проценти.
Според податоците на Комисијата на ЕУ од минатата година, кинеските електрични автомобили обично се поевтини за 20 проценти од споредливите модели што се произведени во ЕУ. Германија гласаше против дополнителните царини, во корист на Мерцедес, Фолксваген и БМВ.















