Царините на Трамп ќе им нанесат милијарди евра штета на германските премиум марки

Доналд Трамп подолго време им има фрлено око на германските производители на автомобили.

Царината за увоз на автомобили во САД во висина од 25 проценти претставува големо оптоварување за германската автомобилска индустрија. Експерти на Аликс Партнер пресметаа дека најавените мерки ќе скусат најмалку пет милијарди евра од непречистената добивка на германските производители на премиум автомобили, Ауди, БМВ, Мерцедес-Бенц и Порше.

Четирите производители во минатата година постигнаа оперативна добивка од околу 36 милијарди евра. Скусувањето на тој износ за најмалку пет милијарди евра, значи дека нивниот бизнис ќе претрпи пад од преку 15 проценти.

Според Аликс Партнерс, најмногу се погодени Ауди и Порше, затоа што немаат локално производство во САД. Фабрики во земјата имаат БМВ и Мерцедес, во коишто се произведуваат првенствено СУВ. Меѓутоа, големите лимузини од ковот на С-Класа или серијата 5, сепак се увезуваат од Германија.

Можно е автомобилите да поскапат до 14.000 долари

Доколку производителите ги префрлат дополнителните трошоци од царината на своја сметка, тоа ќе биде силен удар за нив. Втората опција е да се зголемат цените и купувачите да ги плаќаат своите возила поскапо. Експертите сепак ценат дека производителите нема во целост да ја пресметаат зголемената царина во цената што ќе ја плаќаат купувачите. Во зависност од моделот, поскапувањето за купувачите во САД може да достигне до 14.000 долари (13.000 евра).

Просторот во којшто производителите можат да дејствуваат сепак е ограничен. Хеико Вебер, експерт во организацијата на Аликс Партнерс, вели: „Производителите мора да избалансираат, колку клиентите се чувствителни на цените и колкав удел од трошоците за царината тие ќе им префрлат на купувачите.“

Стратегии за ублажување на штетата

Вебер цени дека некои мерки може релативно брзо да се реализираат во дистрибуцијата. Покрај тоа што дел од износот на царината ќе се префрли на клиентите, производителите можат да се обидат да го смалат влијанието врз нивната добивка, со тоа што ќе ги смалат маржите на дилерите.

[the_ad id=”85764″]

Негативното влијание може да се ублажи и на тој начин што ќе се смени стратегијата на дистрибуцијата. Како пример се посочува Мерцедес-Бенц, којшто може да ја зголеми продажбата на моделите ГЛЕ и ГЛС што се произведуваат во САД, на сметка на лимузините од Е- и С-класата што се увезуваат од Германија.

Можност за преговори со администрацијата во САД

Производителите во секој случај не можат да си дозволат, во целост да ги покријат трошоците за царината. Тоа не е целта. Вебер објаснува дека зголемените трошоци можат да бидат основа, при евентуални преговори да се изврши притисок врз властите во САД.

Уште нема најави кога би можеле да следат тие преговори. Уште во првиот мандат на Трамп се збворуваше за царини за автомобили во висина од 25 проценти. Во 2018 година, во Белата Куќа допатуваа шефовите на Мерцедес (Дитер Цече) и Фолксваген (Херберт Дис), како и директорот за финансии на БМВ (Николас Петер), со цел да му предложат нов дил на Претседателот. Предлогот беше: Поголеми инвестиции во земјата и нови работни места, во замена за царините.

Германија извезува во САД автомобили во вредност од 30 милијарди долари

Состојбите оттогаш не се променети, затоа што плановите на Трамп се насочени против трговскиот дефицит на САД, иако според извршниот налог на Белата Куќа, царините официјално имаат за цел да „ја отстранат заканата за националната безбедност на Соединетите Држави, преку увоз на автомобили и одредени делови за автомобили.“

САД се еден од најважните извозни пазари на германската индустрија. Во минатата година, вкупниот извоз достигна вредност од 160 милијарди долари. Тоа е за 26 проценти повеќе отколку во 2018 година. Само извозот на автомобили и делови вреди 37 милијарди долари. Од тоа, 30 милијарди доаѓаат од извозот на возила (+41 проценти).

Тгрговскиот дефицит на САД е пораснат во споредба со 2018 година

Германскиот трговски суфицит (повеќе извоз отколку увоз) во меѓувреме порасна на 85 милијарди долари. Тоа е раст од 25 проценти во последните седум години. Секако дека тоа може да доведе до тензии меѓу двете земји.

Од друга страна, Трамп може да се увери во делотворноста на царините. Трговскиот суфуцит што Кина го има со САД и натаму е исклучително висок, со 295 милијарди долари, меѓутоа дефицитот на САД е смален за 29 проценти во споредба со 2018 година.

Трамп во претходниот мандат воведе царини за голем број производи од увоз од Кина, коишто неговиот наследник Бајден не ги укина.

Прерано е да се планира преселување на производството

За разлика од мерките во дистрибуцијата, за останатите начини на коишто може да се одговори на царините е потребно подолго време. Според експертите, пренамената на фабриките за да произведуваат нови модели би траела најмалку една година. Тоа повлекува и промени во целиот ланец на снабдување. Добавувачите исто така треба да се преселат во САД и да произведуваат таму.

Изградба на фабрика и пуштање во погон трае две до четири години. Во моментов сепак е прерано да се планира преселување на производството, ценат експертите.

Претходна објаваМерцедес С-Класа управува целосно самостојно до 95 км/ч
Следна објаваТесла и во март продаде помалку возила на клучните пазари во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here