Податоците за мартовската продажба на клучните пазари на Тесла во Европа покажаа дека слабеењето на продажбата е реалност и тоа го отсликува расположението на купувачите кон извршниот директор Илон Маск. Милијардерот стана близок советник на претседателот Доналд Трамп во скусувањето на владините трошоци и застана на страната на крајно десничарските партии во Европа.
Продажбата на Тесла се намали на повеќето од клучните пазари во Западна Европа. На малкуте пазари каде што има раст во продажбата, тоа е резултат од општото зголемување на продажбата на електрични автомобили во Европа, поради стапувањето во сила на новите и построги ограничувања на емисијата на ЦО2.
Светската продажба на Тесла во првото тромесечје е намалена за 13 проценти. Маск и покрај тоа продолжи да убедува дека продажбата на Тесла повторно ќе расте.
Гневот против Маск го достигна врвот во изминатите неколку месеци, откако во бурните протести беа запалени салони на Тесла, со автомобилите во нив, и имаше случаи на вандалство врз возила Тесла паркирани по улици.
Тесла се соочува и со недостиг од нови модели, што ќе ги заменат застарените Модел 3 и Модел Ипсилон. Освежената верзија на вториов модел се произведува во Германија. На тоа се надоврзува и растечката конкуренција од производителите од Европа и од Кина, коишто нудат подостапни и технолошки понапредни модели од Тесла.
Обединетото Кралство стана најголем пазар на Тесла во Европа, каде што продажбата во март порасна 20 проценти, односно вкупно 6 проценти во првите три месеци. Но, тоа се случува на пазар каде што вкупната продажба на ЕВ во март порасна 43 проценти, исто колку и во првото тромесечје. За тоа придонесоа и новите закони што стапуваат во сила во април и ќе ја зголемат цената на поскапите модели на електрични автомобили.
Во Франција, вториот најголем пазар на Тесла во Европа, продажбата во март опадна за 37 проценти, односно за 41 проценти во првото тромесечје.
Во Германија, каде што се наоѓа единствената фабрика на Тесла во Европа и се произведува Модел Ипсилон, пазарот во март се скуси за 43 проценти, односно за 62 проценти од јануари до март. Маск беше јавно критикуван за поддршката на крајно десничарската мартија АфД.
Италија се движи во спротивна насока од трендот, барем во март. Продажбата во март порасна за 51 проценти, на 2.217 возила, што е само 12 возила помалку отколку во Германија. Марката на Маск сепак не успеа да држи чекор со вкупниот пазар на ЕВ, којшто во минатиот месец имаше раст од 75 проценти.
Порасна и продажбата на Тесла во Шпанија (+34% во март, -12% во кварталот), и покрај тоа што вкупната продажба на ЕВ се зголеми речиси двојно во споредба со март 2024, додека вкупната продажба на ЕВ во првиот квартал порасна 69 проценти. Субвенциите во Шпанија се меѓу највисоките во Европа и се продолжени и во 2025 година.
Тесла паѓаше и на останатите пазари во Европа, со -1% во Норвешка, -55 проценти во Холандија, Шведска (-64%) и Белгија (-69%).
Аналитичарите предвидуваат дека продажбата на Тесла ќе продолжи да паѓа
Аналитичарите неделава излегоа до предвидување дека продажбата на Тесла ќе продолжи да паѓа.
„Првпат ги гледаме последиците од неодамнешното наштетување на имиџот на марката – и се чини дека тоа е главната причина за падот во испораката на возила во ова тромесечје,“ објави на мрежата Икс, Џин Минстер, менаџер во Дипвотер Асет Менаџмент.
[the_ad id=”85764″]
Според процените на Мунстер, Тесла годинава ќе продаде 9 проценти помалку возила во споредба со 1,79 милион возила лани.
Аналитичарите на Дојче Банк очекуваат падот годинава да изнесува 5 проценти, претпоставувајќи дека ќе биде пуштен во продажба долго најавуваниот подостапен електричен модел на Тесла.
Производителот досега нема објавено ниту датум, ниту цена по којашто ќе го продава ветениот подостапен модел.
Вредноста на акциите на Тесла падна за 45 проценти во споредба во рекордната вредност во средината на декември.
















