Денес се стекнува погрешен впечаток дека германската автомобилска индустрија е ставена во теснец, поради проблемите со продажбата во Кина и жестоката трговска војна на САД. Од Мерцедес-Бенц, пионерот на автомобилите, сепак доаѓаат убави вести во овие турбулентни времиња.
Мерцедес-Бенц во својата матична локација во Зинделфинген вложува „висока трицифрена милионска сума“, што значи близу една милијарда евра, во изградба на нова лакирница. Директорот за производство Јорг Бурцер вели дека тоа е „јасно признание за Германија, како индустриска локација“.
Меѓу двете хали во коишто се врши завршна монтажа на возилата, халата со број 46 (монтажа на Е-Класа и ГЛЦ) и халата 56 (С-Класа и Е Ку С) зјае огромен празен простор. Багерите уште одамна ја завршија својата работа. На површина од 60.000 метри квадратни, што одговара на девет фудбалски игралишта, се гради новата лакирница.
За изградбата на новата хала меѓу постоечките објекти е користена огромна маса бетон од објектот што претходно се наоѓаше на ова место. Станува збор за околу 100.000 метри кубни бетон.

Во лакирницата ќе се користат 250 роботи
Модерниот погон за лакирање донесува голем напредок во поглед на ефикасноста и одржливоста. Во споредба со старата лакирница, потрошувачката на енергија и на вода е смалена за 50 проценти. Целата отпадна вода се преработува и се користи повторно.
Сеопофатен систем за пречистување на гасовите ја скусува емисијата на штетни материи за 60 проценти. На покривот се наоѓа систем од фотоволтаици, а објектот поседува и интелигентен затворен систем за затоплување, што покрива половина од потребата од енергија на целата хала.
Новиот погон ќе биде пуштен во работа напролет во 2028 година. Со примена на т.н. дигитален близнак при планирањето на лакирницата, значително е скусено времетраењето на изградбата. „Тоа е речиси со ‘кинеска’ брзина“ вели Бурцер. Сите кабини за лакирање, сушилници и околу 250 роботи се опфатени во дигиталниот производствен екосистем МО 360. Со специјален софтвер на стратешкиот партнер Дир, производител на постројките, се постигнува оптимизација на лакирањето во реално време.
















