
Директорот на Фокскон, Јун Секи, вели дека лон-производителот има развиено цела понуда од електрични модели што го чекаат стартот. Во план е кон завршетокот на годинава да започне и продажбата на доставни возила во САД.
Производителот на Ајфон, тајванската компанија Фокскон, планира да произведува два електрични модели за пазарот во САД. Тоа е дел од пошироката слика, којашто предвидува возилата да се продаваат во цел свет.
Јун Секи, еден од водечките менаџери на Фокскон и ветеран од Нисан, на конференцијата за медиуми што беше одржана во Токио на 9-ти април, увери дека компанијата е способна по налог да произведува и за големите производители на автомобили. Тој ги претстави плановите на Фокскон, за гама што ќе се состои од шест батериски електрични возила, вклучувајќи автобуси.
Тајванскиот гигант во светот на електрониката планира да се пробие меѓу светските произвоеители на автомобили. Се шпекулира околу намерата да се соработува со Нисан, Хонда и Мицубиши, па и за комбинација со сите три производители, за да се развива следна генерација електрични модели, што се базираат на софтверот во нив.
Секи од бината порача дека компанијата располага со потенцијал да конструира и да произведе цела низа од електрични возила. Тие во почетокот ќе се произведуваат во Тајван и оттаму ќе се испорачуваат ширум светот. Директорот напомена и дека Фокскон исто така може да произведува локално во различни региони, доколку постои побарувачка.
„Правилно е тие да се произведуваат на пазарот каде што се продаваат. Но, тоа е недоволно, доколку не се постигне одреден број возила, така што ние во оваа фаза ги произведуваме во Тајван, како преодно решение,“ објаснува Секи.
Тој додаде и дека возилата за САД веројатно ќе се произведуваат во фабрика во земјата.
Од својата понуда од патнички модели, Секи ги претстави кросоверот од средна класа Модел Ц, компактниот спортски кросовер Модел Б, семејниот ван Модел Д, спортската лимузина од средна класа Модел Е и компактниот ван Модел А. Гамата ќе содржи и два автобуси, голем Модел Т и мини Модел У.
Фокскон планира Модел Ц да им го понуди на купувачите во САД во последното тромесечје од годинава. МПВ возилото со изглед на кросовер, Модел Д, планиран е за 2027 година во САД.

Фокскон најави целосна понуда од електрични модели за светскиот пазар
Хон Хаи Прецижн Индастри Ко., како што гласи официјалното име на компанијата, планира Модел Б да го произведува за јапонски производител и да го пушти во продажба во Австралија во првата половина од 2026 година.
Јапонски медиуми претходно објавија дека клиентот е Мицубиши Моторс.
Модел Б ќе почне да се продава во Тајван во втората половина од следната година.

Модел Ц е планиран за САД и тоа е првиот ЕВ од големосериско производство на Фокскон. Тој почна да се произведува во декември 2023 година и се продава на тајванскиот пазар како Луксген Н7.
Во изведбата со заден погон, електромоторот располага со 172 кВ, додека изведбата со погон на сите тркала има ист таков електромотор на предната оска. Вкупната моќност изнесува 468 КС, спринтот до темпо сто трае 3,8 секунди.
[the_ad id=”85764″]
Модел Ц поседува батерија од 58 кВч или 83 кВч, а соодветно на тоа и досегот изнесува околу 500, односно 700 километри, според застарените норми што се далеку од реалноста.
Поголемиот Модел Д располага со подолго меѓуоскино растојание, со закосено задно стакло и со куса хауба, што ја нагласува должината на кросоверот.
Секи најави дека овој модел ќе располага со пневматска амортизација.
Малечкиот Модел А е наменет како градско возило, за приватно или службено користење, како такси или за достава. Неговата продажба во Јапонија почнува во првото тромесечје во 2027 година.
Потоа следи почеток на продажбата во Југоисточна Азија, најавува Секи.
Фокскон уште го лови Нисан
Веста за соработката на Фокскон со Мицубиши доаѓа во време кога зачестија објавите дека компанијата е заинтересирана за партнерство со Нисан, па дури и за комбинација со Нисан, Хонда и други компании.
Претседателот Јунг Лиу во февруари изјави за медиуми дека неговата компанија е заинтересирана за соработка со Нисан, но нема намера да го преземе производителот на автомобили. Кон завршетокот на месецот, кога Нисан и Хонда објавија дека ги прекинуваат преговорите за нивното можно спојување, беше објавено дека Фокскон предложил четирикратен сојуз, за тајванската техно-компанија да се спои со Нисан, Хонда и Мицубиши.
Секи на настанот во Токио потврди дека Фокскон има интерес за соработка со јапонските производители, вклучувајќи го Нисан, и кажа дека неговата компанија соработува со Мицубиши, не наведувајќи подробности.
Аналитичарите го гледаат Фокскон како прв кандидат за здружување со производителите на автомобили, меѓу другото и поради тоа што Секи е поранешен оперативен директор на Нисан, а потоа и поради фактот што Фокскон има непроценливо искуство со електрониката.
Секи го опиша Фокскон како производител со висок квалитет и ниски трошоци, што е специјализиран за врвни технологии, со опсесија за стекнување доверба меѓу клиентите. Тој нагласи дека Фокскон е најголем производител на Ајфони и цени дека ЕВ во основата се паметни телефони на тркала.
Тој ги велича јапонските производители на автомобили како совршени партнери, бидејќи тие се прочуени по квалитетот.
„Јапонските производители на автомобили планираат внимателно и го разбираме тоа, но тие исто така се многу брзи,“ вели Секи. „Можеме да ги забрзаме работите и да имаме разбирање за јапонската претпазливост.“
Фокскон во 2023 година го назначи Секи за директор за стратегија за електрични автомобили. Во 2019 година, тој беше дел од првиот менаџерски тим на поранешниот извршен директор на Нисан, Макото Учида. Секи ги замина по само две седмици на тоа место, за да стане извршен директор на Нидек, јапонски производител на електромотори.
Секи кажа дека влезот на Фокскон во автомобилизмот ќе го следи начинот на којшто компанијата работи во светот на елеткрониката. Тоа ќе биде модел бизнис-за-бизнис, место модел бизнис-за-купувач.
Фокскон нема директно да се натпреварува со производителите на автомобили.















