Бројот 722 не може да се превиди кај овој тркачки автомобил што е изложен во музејот на Мерцедес-Бенц во штутгартската населба Бад Канштат, во чест на 70-те години од сезоната 1955, што ѝ донесе бројни победи на марката.
Мерцедес-Бенц 300 СЛР со стартен број 722 е еден од најпознатите тркачки автомобили на марката. Тоа е сребрената стрела со којашто Стирлинг Мос и Денис Џенкинсон победија на Миле Миља во 1955 година. На првата трка за 300 СЛР!
Бројот 722 означува дека возилото стартувало во 7:22 часот на трката на 1-ви мај, во должина од преку 1.000 милји, од Бреша до Рим и назад. Миле Миља во тие години беше настан од општ карактер, цел свет знаеше дека се вози трката – по јавни патишта – и со нетрпение го исчекуваше исходот од трката.

Светла, трепкачи, регистерски ознаки и налепница за државата на тркачки болид?
Бидејќи се возеше по јавни патишта, 300 СЛР мораше да поседува сигнализација и светла, регистерски ознаки и налепница за државата. Но, тоа не треба да залажува, затоа што се работи за чистокрвен тркачки автомобил. Како основа служи В 196 Р, тркачки болид за формула 1. Бројни детали сепак се приспособени за возење по секојдневни патишта.
На еден од најмистериозните прекинувачи на работното место на возачот се напишани само бројките 0, 1, 2 и 1+2. Тоа е прекинувач за магнетното палење и со него се избира кој магнет за палење ќе биде вклучен, односно двата магнети во положбата 1+2. Системот за магнетно палење е производ на швајцарската компанија Шинтила – италијански за искра – којашто од 1954 година е дел од Бош.

Девизата е, најбрзо што може
Главното место секако му припаѓа на бројачот на вртежи Веља – со скала што мери до 11.000 вртежи. Ознаката за оптималното подрачје е на 7.000 вртежи. Тогаш, трилитарскиот мотор со осум цилиндри во линија, М 196 С, постигнува моќност од 276 КС. Лево е притисокот на масло, десно температурата на течноста за ладење. Единствено отсуствува брзиномер. Девизата тука е: Најбрзо што може.
Единствената отстапка од оригиналниот автомобил од 1955 година е воланот. Во чест на победата, Британецот Стирлинг Мос тогаш си го понесе воланот во домашната збирка на трофеи. Во секое негово следно појавување со победничкиот „722“, тој со себе го носеше воланот и го поставуваше на место. Музејскиот примерок располага со верно изработена копија на тој волан.

Буквата Д што служи за идентификација на земјата има и дополнителна функција. Таа служи како брава и се подигнува, за да се ослободи пристап до двете резервни тркала назад.
Тркачкиот 300 СЛР 722 не е тивок. Напротив, иако бројни детали се приспособени за возење по улица, издувот нема придушувачки лонец. Моторот ечи со километри. Две издувни цевки излегуваат директно од десната страна. Таму нема врата.

Положбата на нозете е најмалку кажано чудна: Десно од широкиот кардански тунел се педалите за гас и сопирачки, далеку од нив, лево од карданот, е спојката. Поради тоа и возачкото седиште е широко. Совозачот седи во тесно и ниско школкесто седиште.

Совозачот има голема улога. Стирлинг Мос добива упатства за патот од британскиот автомобилски новинар Денис Џенкинсон, кој ги чита забелешките од хартиена ролна, што е поставена во метален држач и заштитена е под плоча.

Ратојанието од преку 1.600 километри, по јавни патишта, пред народ и пред порта, Стирлинг Мос го поминува за 10 часови 7 минути и 48 секунди. Просечната брзина е запрепастувачка, и за времето, и за фактот дека се вози по патишта по коишто во обични денови се превезува товар: 157,6 километри на час. Тоа е најдоброто време што воопшто е постигнато на Миле Миља.
Уште едно големо име присонесе за победата да биде уште поубедлива. Трката во 1955 година, втор ја заврши Хуан Мануел Фанџо.
Стирлинг Мос на 19-ти мај 2005 година, за половина век од победата, напиша на возилото „Успеавме заедно – моја благодарност и почит“.

Кога Мос почина на 90-годишна возраст во 2020 година, Мерцедес-Бенц Класик го сними скапо продуцираниот филм „Ласт Бласт“, којшто го прикажува 722 како вози низ Лондон, роден град на британскиот тркач и долгогодишен амбасадор на марката.
Годината 1955 година ѝ донесе големи победи на марката, но и тажни моменти, Иако тоа е најтриумфалната година за Мерцедес-Бенц во мотоспортот, со освојување на првенството за туристички возила и со втората шампионска титула на Фанџо во Формула 1, во таа година се случува и тешката незгода во Леман, со 83 жртви, меѓу кои и фабричкиот возач на марката, Французинот Пјер Леве.
Потоа, Мерцедес-Бенц се повлекува од учество во мотоспортот, иако уште претходно беше решено дека од следната година, Штутгарт ќе се посвети на своите сериски автомобили. Мерцедес-Бенц 300 СЛР се тркаше само една година.
[the_ad id=”85764″]
















