
Доналд Трамп уште одамна има забележано дека под Трамповите Кули на Менхетен возат премногу Мерцедеси, а наспроти тоа, премалку Шевролети се возат по улиците на Минхен. Тој е убеден дека ЕУ се однесува неправедно кон производителите од САД.
Додека ЕУ во моментов има одредено царина во висина од 10 проценти за увозот на автомобили од САД, во спротивната насока важи царинска стапка од 2,5 проценти. „Царините оневозможуваат да се продаваат автомобили во Европската Унија,“ се пожалил Трамп на состанок во неговиот кабинет во февруари. Кусо потоа, САД воведоа царини од 25 проценти за увоз на автомобили, меѓу другото и од ЕУ.
Автомобилите од САД собираат прашина во салоните во Европа
Вистина е дека голем број од моделите што се меѓу најпродаваните во САД, во Европа чмајат во салоните. Тоа го покажува новата продажна статистика на аналитичарската куќа Датафорс. Десетте најпродавани автомобили во САД, лани постигнале вкупна продажба од околу 3,4 милиони.
Истите тие десет модели, во Европа постигнале продажба од само 390.000 примероци. Форд Ф150, на пример, којшто со децении е најпродавано возило во САД, во цела ЕУ во минатата година се има продадено во само 1.271 примерок. Наспроти тоа, продажбата во САД изнесува 461.000 возило. Слично е со Шевроле Силверадо: Наспроти 344.000 продажби во САД, доаѓаат само 974 примероци во Европа.
Купувачите во САД бараат пикапи, додека Европејците се повеќе за градските модели
Царините не се виновни за тоа. Многу повеќе решава фактот дека купувачите во САД и Европа имаат сосем различни барања. „Повеќето од купувачите во САД се решаваат за СУВ и пикапи. Такви возила помалку се бараат во Европа,“ соопштуваат од Мекинзи.
Споредбата на најпродаваните видови на автомобили покажува јасно. Во Европа, дури 74 проценти од автомобилите се од сегментите А до Ц, односно од мини до компакт, од Фиат 500 и Панда, до Фолксваген Голф, и најмногу до Спортаж или Тигуан. За споредба, само Д-сегментот, во САД сочинува 46 проценти од продажбата. Тоа се модели од средната класа, односно модели како Мерцедес ГЛЦ. На компактните модели таму отпаѓаат 38 проценти.
Пониски трошоци за гориво
„Во САД обично се гледа на автомобилите: Колку поголемо, толку подобро. Таков менталитет не постои во оваа форма во Европа,“ објаснуваат од Датафорс. Една од решавачките причини за тоа е цената на горивото.
Еден литар бензин, на пример, во Германија, чини 1,70 евро. Во САД, литар бензин чини 0,80 евро, односно разликата е повеќе од двојна. Како резултат од тоа, возење Форд Ф150 со фабрички декларирани 10,15 литри на сто километри, чини 8,12 евра во САД, но дури 17,25 евра во Германија.
Ф150 не е за италијанските стари градови
Поокрај тоа, улиците и паркиралиштата во САД се проектирани за големи возила. Во Европа е различно. „Со Ф150 не може да влезете во некои катни гаражи или во тесните улички во центарот на италијанските градови.
Пикапите како Ф150 не се замислени за италијанските градови и за европските купувачи, туку за барањата на купувачите во САД.
Форд и останатите би морале да плаќаат баснословни казни за емисијата на ЦО2
Покрај тоа, ненаситните трошачи на бензин не се вклопуваат во строгите цели за смалување на емисијата на ЦО2 во ЕУ. Имајќи ги предвид огромните казни што би следеле поради надминувањето на лимитот за ЦО2, бесмислено е тие да се увезуваат во голем обем.
Не е случајност тоа што моделите како Форд Ф150 или Доџ Рам во Европа се увезуваат само од независни компании. Поради малата продажба, тие увозници не се погодени во иста мера од строгите лимити за ЦО2 на ЕУ, како што тоа е случај со големите производители.
Европските бестселери не се продаваат во САД
Производителите воопшто не ги нудат во САД моделите од градската класа, како Дачиа Сандеро, Рено Клио или Пежо 208. „Производителите од САД ја имаат осмислено својата понуда од модели првенствено според домашниот пазар во земјата.
Поради тоа е мал бројот на модели што ќе им бидат интересни на европските купувачи, па да може да се зборува нивен извоз од САД. Со 16 милиони продадени нови возила лани, САД се доволно голем пазар за да се развива самостојно.
[the_ad id=”85764″]
Секако постојат неколку модели што се барани и во САД и во Европа. Тоа важи за Тесла Ипсилон, четвртиот најпродаван модел во САД, којшто со продадени 153.000 примероци во Европа лани, за малку не се проби во европскиот Топ 10.
Јапонските производители исто така се успешни и во САД и во Европа. Пример е Тојота РАВ4, којашто е најпродаван модел во САД со 475.000 примероци. Во Европа се продадени солидни 72.649 примероци. Слично е со Корола.
Доколку производителите од САД, како Џенерал Моторс, сакаат да постигнат успех во Европа, мора да развиваат автомобили што посебно ќе бидат наменети за европскиот пазар. Но, тоа е скапо, и во поглед на немирниот европски пазар, претставува ризик. Форд со фабриката во Келн со децении работеше на таков начин, но според тековната ситуација, марката е на пат да исчезне од европскиот пазар.















