Кина престана да нарачува модели на Тесла што се увезуваат од САД

Производителот на електрични автомобили до завршетокот на март нудеше можност за нарачка на двата модели во Кина, покажува архивата на Вејбек Машин. По 11-ти април, повеќе не постои можност за нарачка на Модел С или Модел Икс во Кина.

На можните купувачи им стојат на располагање само возилата што се на залиха. Како што покажува вебсајтот на Тесла во Кина, на располагање е бел Модел С што чини 759.900 јуани, односно околу 103.800 долари.

Кина на 11-ти април соопшти дека од следниот ден ќе наплаќа царина во висина од 125 проценти за сите производи што се увезуваат од САД. На тој начин, земјата одговори на цариската стапка во иста висина што претседателот Доналд Трамп ја воведе за увоз на стока од Кина, за да се справи со големиот трговски дефицит на САД и да го казни Пекинг затоа што одговори со реципрочни мерки против увозот од САД.

Со дополнителните царини, што се додаваат на царинската стапка од 20 проценти што САД ја воведоа во почетокот на годинава, како одговор на улогата на Кина во трговијата со фентанил, вкупната стапка на царината што САД ја наплатуваат за увоз од Кина изнесува 145 проценти.

Еден од најоптимистичните аналитичари на Вол Стрит ги спушти своите прогнози за вредноста на акциите на Тесла и искажа загриженост дека компанијата ќе се најде во вкрстен оган во трговскиот спор меѓу Вашингтон и Пекинг. Повеќе од една петина од прометот на Тесла во минатата година беше постигнат во Кина.

Во фабриката на Тесла во Шангај се произведуваат само Модел 3 и Модел Ипсилон, од кои повеќето се продаваат во Кина или се извезуваат во останатите азиски земји. Модел С и Модел Икс се произведуваат во фабриката во Фремонт, Калифорнија.

Моделите С и Икс учествуваат со незначителен дел во продажбата на Тесла во Кина. Двата модели лани се продадоа во само 1.866 примероци.

Производителот на електрични автомобили од САД лани продаде вкупно 657.000 возила во Кина, што е зголемување од 8,8 проценти во споредба со 2023.

Пред да се вжешти царинската војна меѓу САД и Кина, Модел С и Модел Икс подлежеа на царина од 15 проценти.

[the_ad id=”85764″]

Иако откажувањето на моделите С и Икс од пазарот во Кина нема да биде голем удар за продажбата на Тесла на најголемиот пазар за автомобили во светот, тоа сепак ќе биде дополнителен удар за веќе разнишаната позиција на марката во Кина.

Производството во фабриката на Тесла на периферијата на Шангај паѓа шест месеци во низа. Во првото тромесечје се испорачани за 22 проценти помалку возила од истиот период лани. Меѓу најголемите закани за Тесла во Кина е домашниот БУД, којшто ја презеде улогата на најпродавана марка електрични автомобили во Кина.

Продажбата на Тесла во светски рамки во првото тромесечје е на најниско ниво од 2022 година наваму, меѓу другото и поради негативниот имиџ на извршниот директор Илон Маск по неговото вмешување во политиката.

Претходна објаваКои се бестселерите во САД и колку тие се продаваат во Европа
Следна објаваТрамп најави изземање од царина за некои производители на автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here