Властите ќе го намалат данокот при купување нов автомобил на 3,5 проценти, од досегашните 5 проценти. Мерката ќе важи до 5-ти јуни. Јужна Кореја ќе ги зголеми и субвенциите за електрични возила во распон од 30 до 80 проценти, од сегашните 20 до 40 проценти. Оваа програма ќе остане на важност до завршетокот на годината.
Моќната автомобилска индустрија во земјата ќе добива и помош во развој на технологија за самостојно управување на возилата, како дел од националната стратегија.
Јужна Кореја најави и активна помош, за производителите на автомобили да можат полесно да освојат нови пазари за извоз на „глобалниот југ“. Тоа се однесува на државите во Африка, Латинска Америка и Азија, каде што расте побарувачката за нови автомобили.
За да се обезбеди ликвидност, владата во 2025 година ќе ја зголеми финансиската помош за автомобилската индустрија на 15 билиони вони (над 10 милијарди долари), место претходно планираните 13 билиони вони.
Автомобилската индустрија го поздрави планот, меѓутоа производителите порачаа дека е потребно да се водат дополнителни преговори, околу начините да се обезбедат поголеми даночни повластици, со цел да се зголеми домашната продажба.
„Во автомобилската индустрија постои голема загриженост, дали овие мерки ќе бидат доволни,“ изјавија претставници од браншата за Ројтерс.
Царините во висина од 25 проценти на Трамп за секаков увоз во САД се очекува дека ќе предизвикаат голем удат врз браншата, стои во соопштението од јужнокорејската влада.
Во 2024 година, Јужна Кореја извезе автомобили во САД во вредност од 34,7 милијарди долари, што претставува 49 проценти од извозот од земјата. САД се пазар што им носи најголема добивка на Киа и Хјундаи.
[the_ad id=”85764″]
Јужна Кореја е трет најголем извозник во САД, по Мексико и Јапонија. Според Блумберг Интелиџенс, царините ќе скусат 0,1 процентен бод од трендот на раст на БДП на Јужна Кореја.
Трамп ги поздрави плановите и Киа и Хјундаи да вложат рекордни 21 милијарда долари во САД во следните четири години, но не ја поштеди земјата од новите царини.
















