Забавува продажбата на нови автомобили на рускиот пазар, по воведувањето дополнителни даноци, што најмногу ги погоди кинеските марки. Рускиот народ се надева и дека наскоро ќе запре војниот конфликт во Украина и дека странските марки ќе се вратат во земјата.
Извозот на кинески автомобили во Русија во првите два месеци опадна за близу половина, на 57.592 возила. Најголем пазар на Кинезите сега е Мексико, со продадени 85.997 автомобили во јануари и февруари, а на второто место се Обединетите Арапски Емирати, со 71.418 возила.
Првпат по долги години, Русија не е пазар број 1 за извозот на кинеските автомобили.
Пазарот за нови автомобили во Русија, лани го достигна врвот во последните пет години. Кинеските марки покриваа најголем дел од продажбата, откако го зазедоа делот од пазарот што претходно им припаѓаше на странските марки. По рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година, производителите одлучија масовно да ја напуштат Русија, затворајќи фабрики и продажни салони.
Состојбата се смени откако Русија воведе нови давачки, што заедно со исто така зголемените каматни стапки, влијаеше да забави побарувачката за нови автомобили во Русија, соопштуваат од здружението на кинески производители на автомобили.
Москва воведе „данок за рециклирање“ што важи за сите увезени автомобили и на важност е од лани. Данокот ќе се зголемува прогресивно до 2030 година, објавија руските медиуми.
Народот шпекулира дали претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе влијае за војната да заврши. Во тој случај, „можно е странските производители да се вратат во Русија и веднаш да продолжат со производство и продажба на автомобили, поради што купувачите во Русија очекуваат да се вратат европските или американските производи“, објаснуваат од Здружението.
[the_ad id=”85764″]
Во овие услови, кинеските производители се повнимателни околу нивните залихи од возила за испорака во Русија и имаат намера да го скусат доставувањето нови континтенти возила. Тоа ќе продолжи во следните неколку месеци, додека биде разрешена неизвесноста околу враќањето на странските производители во Русија.
















