Џагјуар Ланд Ровер вработи 150 специјалисти за електрични автомобили

Нови 150 работници ќе бидат ангажирани во одржувањето на производствените погони на Џагјуар Ланд Ровер во Солихал и Волверхемптон, каде што ќе се произведува новата генерација електрични модели.

Специјалистите за одржување ќе бидат одговорни за исправноста на роботите, опремата за автоматизирано заварување и ласерско заварување.

Во рамките на својата стратегија Реимаџн, производителот на луксузни автомобили по 2030 година ќе нуди изведби со целосно електричен погон од сите свои марки. Следната цел ќе биде постигнување целосна неутралност во поглед на ЦО2 до 2039 година.

Од нововработените, 50 се поставени како техничари во фабриката во Солихал. Тие ќе работат на одржување на опремата за автоматизирано производство, што е клучна за производството на Рејнџ Ровер Електрик, чијашто продажба ќе стартува кон завршетокот на годината.

Преостанатите 100 работни места се резервирани за ЕМПЦ, Центар за производство на електричен погон во Волверхемптон. Овие техничари ќе ги одржуваат постројките што се користат за составување на батеријата и електричните погонски единици за следната генерација електрични модели на Џеј Ел Ар.

Прототип на електричен Рејнџ Ровер при тестирање во пустините во Обединетите Арапски Емирати. Се проверуваат ладењето на батеријата и новиот систем за тракција при теренско возење.

Британскиот производител на луксузни автомобили досега има обучено преку 20.000 вработени во Џеј Ел Ар и во партнерските компании за работа со електричен погон, како и во дигитализацијата. Џагјуар Ланд Ровер одвои вкупно 3 милијарди фунти, за електрификација на својата понуда од модели, за производството, во технологија на автономно возење, во вештачка интелигенција, дигитални технологии и квалификација на вработените.

Во фабриките во Солихал, Хејлвуд и Волверхемптон продолжува производството на модели со мотори со внатрешно согорување и компоненти за хибриден погон, на коишто ќе им се придружат идните електрични модели.

[the_ad id=”85764″]

Првиот електричен модел што Џеј Ел Ар го најавува за завршетокот на годинава е Рејнџ Ровер Електрик. Досега има 57.000 клиенти што се регистрирани како потенцијални купувачи на луксузниот модел на струја. Тој ќе се произведува во Солихал, од каде што воедно ќе излегуваат и трите нови модели на Џагјуар, со електричен погон. Првиот е Гран Туризмо со 4 врати.

Претходна објаваГермански добавувачи на фабрики за автомобили се префрлуваат на воена опрема
Следна објаваСеат не притиска за електричен погон, повеќе внимание на бензинците

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here