БМВ Ген 6: Кои се можностите на новиот електричен погон во Ное Класе

Во фабриката за компоненти Ландсхут е развиен и ќе се произведува Енерџи Мастер, „мозокот“ на високонапонската батерија за Ное Класе.

Во најголемата фабрика за компоненти на БМВ, во Ландсхут, светот првпат може да погледне во технологијата Ген 6, што е нова од корен. Таа ќе почне да се вградува прво во Ное Класе, новата генерација модели на БМВ, што почнува со продажба кон завршеткот на годинава. Ген 6 понатаму ќе се вградува во сите целосно електрични модели на групацијата БМВ, а тоа значи и во Мини.

При развојот на електричниот погонски систем Ген 6, БМВ ги примени сите технолошки искуства и сознанија што ги има стекнато во сите години досега. Тоа важи и за производството.

Технолошка предност

БМВ постигна технолошки напредок од светски размери. Со примената на Ген 6, брзината на полнење и досегот се подобруваат за 30 проценти, во споредба со Ген 5. Високонапонскиот концепт првпат се заснова врз 800-волтна технологија.

Во споредба со Ген 5, што се применува во постоечките модели, батеријата е значително помала и потенка. Предноста е во тоа што батеријата може да се вградува во различни модели, без разлика колкава е нивната висина. Батеријата ќе биде носечки дел од каросеријата.

Тесна соработка со добавувачите на батериски ќелии

Во споредба со батериските ќелии во форма на призма во Ген 5, новата тркалезна ќелија на БМВ има за 20% повисока енергетска густина. При развојот на новите батериски ќелии се одвиваше тесна соработка меѓу експертите на БМВ во центарот за батерии во Парсдорф и производителите на батериските ќелии, за тие точно да одговараат на барањата на производителот на автомобили.

Во споредба со Ген 5 (на сликата), новиот високонапонски систем Ген 6 е значително помал и потенок. Додека кај Ген 5 е преполно со кабли, сите важни функции кај Ген 6 се обединети во Енерџи Мастер, што се наоѓа врз батеријата. Преку вчитување нов софтвер ќе се внесуваат нови технолошки чекори.

Главната улога ја има Енерџи Мастер, мозокот на високонапонскиот систем, којшто се наоѓа врз батеријата и раководи со напојувањето со високонапонска и нисконапонска струја, како и со податоците од батеријата.

Голем број патенти

Енерги Мастерот исто така раководи со доводот на струја до електромоторот и до електричната мрежа, и се грижи за сигурна и интелигентна работа на батеријата. Баварскиот производител има заштитено со патенти низа изуми во електричната мрежа во возилото. Хардверот, но и софтверот, развиени се самостојно од БМВ.

Клучен зафат е поставувањето на Енерџи Мастерот врз батеријата, поради што интерно се нарекува Пентхаус. Додека кај Ген 5 сé беше полно со кабли, тука сите кабли водат до Мастерот. Тоа меѓу другото овозможува идните технолошки иновации да се вчитуваат далечински и во реално време.

Новата тркалезна батериска ќелија

Синхронен мотор врз задната оска

Минхен го задржа принципот со синхронен мотор со електрична побуда ССМ. Тоа се синхрони електромотори, кај коишто магнетното поле во роторот не се создава преку трајни магнети, туку преку намотка низ којашто тече еднонасочна струја. На тој начин се овозможува силината на магнетното поле во роторот да се приспособува на оптоварувањето во моментот.

Синхрониот мотор се наоѓа врз задната оска, исто како кај Ген 5, и вклучува погонски електромотор, трафо и преносник во компактно куќиште. Само во роторот има десетина патенти.

Електромоторот на задната оска

Нов електричен погон

Во Ген 6 се користи и втора технологија на електромотори: Тоа е асинхронен електромотор АСМ. Тука магненото поле во роторот не се произведува ниту преку магнети (ПСМ), ниту преку електрична понуда (ССМ) туку по пат на индукција преку статорот.

Роторот кај оваа конструкција се состои од метален кафез. Предности се помалите димензии и поевтината изработка. АСМ-моторите се вградуваат на предната оска и ќе бидат дел од погонот икс Драјв, кај моделите со погон на сите тркала од Ное Класе.

Електромоторот на предната оска

Значителни подобрувања во е-погонот

Новите технологии и усовршените постоечки системи донесуваат голем напредок. Енергетските загуби се намалени за 40 проценти, производството е за 20 проценти поевтино, а тежината е смалена за 10 проценти.

Производството почнува во август

Во фабриката за компоненти во Ландсхут ќе се произведува Енерџи Мастерот во пренаменета хала со површина од 35.000 метри квадратни. Производството ќе почне во август. Во моментов се подготвува првото пуштање на погонот во работа. Степенот на автоматизација е над 90 проценти. Во фабриката во моментов работат 200 лица, а откако ќе почне сериското производство, 700 лица ќе работат во три смени на две ленти.

Почнува претсериското производство во Штаер

Високиот степен на автоматизација со 400 роботи гарантира максимална ефикасност. Систем од камери, што меѓу другото користи и вештачка интелигенција, го надгледува секој чекор и врши 100% завршна контрола, во средина во којашто прашинка не доспева. Така се гарантира врвен квалитет.

Во Штаер, во Горна Австрија, ќе се произведуваат електромоторите, коишто воедно се развиени таму. Претсериското производство почна уште во септември 2024. Првите произведени мотори се изложени на екстремни тестови и дел од нив веќе се вградуваат во тест-прототипите од Ное Класе, што се произведени во фабриката во Дебрецeн, Унгарија.

Претсерискиот концепт Вижн Ное Класе Икс го прикажува првиот електричен СУВ на БМВ, што располага со напредни способности за самостојно управување.

Вложена е преку една милијарда евра

Во развојот и во производството на електричен погон, БМВ од 2022 до 2030 година вкупно ќе вложи повеќе од една милијарда евра во Штаер. По проширувањето, тоа е најголема фабрика за погонски единици на БМВ. Таму во изминатите преку 40 години се произведуваа мотори за БМВ и Мини. Во австриската фабрика ќе се произведуваат до 600.000 електрични погонски единици годишно.

Заштитени од политичко самоволие

Монтажата на батеријата за Ное Класе се врши во 5 нови погони. БМВ ги распореди погоните според принципот локално-за-локално, блиску до фабриките за возилата. Тие се наоѓаат во Ирлбах-Штраскирхен (Долна Баварија), Дебрецен (Унгарија), Шенјанг (Кина), Сан Луис Потоси (Мексико) и Вудраф, Спартанбург (САД).

Во денешните услови е важно на тој начин да се осигури производството од непредвидливи случувања во политиката и економијата.

Важен добавувач на батериски ќелии во Кина е Катл. Во фабриката на БМВ во Дебрецен, ЕВЕ Енерџи планира во 2026 година да ја отвори својата прва гига-фабрика во Источна Европа, додека во Боулинг Грин, Тенеси, претстои отворање на гига-фабриката на Енвижн АЕСЦ, партнер на БМВ.

Видеото од тестот на БМВ Икс 2

Претходна објаваЛинк енд Ко 01 · Тест · Направи ми Волво без да се гледа дека е Волво
Следна објаваМерцедес ја укинува ознаката Е Ку и електричните модели не ги двои од тие со класичен погон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here