Линк енд Ко 01 · Тест · Направи ми Волво без да се гледа дека е Волво

Шест илјади онлајн нарачки за само 2 минути и 17 секунди, кога Линк енд Ко ги отвори тефтерите за своето првенче во 2017 година. Планот беше во првата полна година да се продадат 9.000 возила во Европа. Се продадоа многу повеќе. Повеќето од нив, на невидено.

Намерата на Линк енд Ко беше да го смени од корен начинот на којшто автомобилите се купуваат и се поседуваат, по конкурентна цена и со едноставна постапка во секој поглед. Тоа се автомобилите од оваа марка. Линк ја почна својата приказна како најбрзо растечка нова марка автомобили во светот. Лани, во фабриката што е блиску до бродовите, се произведоа безмалку 300.000 возила.

Тука се неумесни коментарите од типот, ми личи на оваа и онаа марка, а уште помалку важат предрасудите дека автомобиливе се произведени во Кина, и тоа во Нингбо, каде што се товари најголем број контејнери што заминуваат од земјата по светот.

Уште едно нешто беше различно во почетоците на марката. Повеќе од 90% од купувачите на Линк енд Ко се решаваа за модел на претплата. Тоа значи, се плаќа само гориво и миење, сé останато е вклучено во месечната рата, од сервисирање, менување гуми, регистрација, осигурување. За разлика од класичното кредитирање или лизинг, кај моделот на претплата, спокојно може договорот да се раскине еден месец претходно и возилото да се врати. Тоа е предвидено. Исто како Нетфликс, само автомобил.

Менаџерите на Џили, каде што припаѓа Линк енд Ко, исто како и Волво, Лотус, Смарт, Зикр, имаа смислено и шема за клиентите на марката да можат да изнајмат автомобил од сопственици, како и самите сопственици да го споделат возилото со друг корисник и на тој начин да ја смалат висината на месечната претплата. И уште едно нешто. Линк енд Ко отвори клубови во европските меторполо, за постоечки сопственици да се дружат и намерници сопственици да видат како изгледа поседувањето Линк енд Ко.

Долу е Волво, на површината е Линк

За сето тоа да финкционира, потребно е самиот автомобил да биде беспрекорен. А, најдобро е да биде Волво. Единицата на марката, 01, во основата е иста со Волво Икс Ц 40. Таа е платформата, тие се моторите. Во моментов, единствено кинеската марка ја нуди верзијата со приклучен хибриден погон, додека резервата за платформата да се искористи како основа за варијанта со погон на струја си ја користи Волво, за својот ЕЦ 40.

На европскиот пазар се нуди единствено изведбата со приклучен хибриден погон, којшто се состои од 1,5-литарски турбо трицилиндарец со 180 КС и 265 њутнметри, електромотор од 60 кВ / 82 КС и 160 њутнметри во куќиштето на менувачот и батерија од 14,1 кВч нето. Системската моќност изнесува 261 КС, системскиот вртежен момент 425 њутнметри. Со полна батерија, може да се мине 75 километри во мешани услови, односно 87 километри во градски услови.

Ограничување при полнењето е тоа што работи со моќност од саmо 2,3 киловати, што значи дека за батеријата да се наполни до 100%, треба да се почека 300 минути, односно 5 часа. Од друга страна, и со тоа време пак се гарантира дека батеријата ќе се наполни преку ноќ, дури и на обичен шуко приклучок во гаража. Кој не минува повеќе од 80-на километри во денот, на пример, за време на работната недела, може да смета на тоа дека цела недела ќе вози на струја.

Нема грижа околу наполнетоста на батеријата, на подолг пат, 01 функционира како класичен хибрид

За патување на подолги релации, нема никакви обврски околу батеријата, затоа што Линк енд Ко 01 во тој случај работи како класичен хибрид, со таа разлика што има поголема батерија – 14,1 кВч, наспроти 1 или најмногу 2 кВч кај класичните хибриди – и на надолнина, како од Стража, може да се очекува батеријата на спуштање да се наполни за 20-на километри пак да се извозат на струја.

Изработката и опременоста се следните доблести на Линк енд Ко 01. Тука очигледно се применети стандарди и искуства на Волво, па дури и боите и материјалите, како и намерата да се постигне поотмена средина, успеваат да го задоволат европскиот вкус. Седиштето, патем, не е во Кина, туку среде Гетеборг, Шведска.

Потрошувачката меѓу 6 и 7 литри, зависно од расположението, сосем е задоволителна. Комфорот на амортизацијата, возните својства, акустичниот комфор, сé е по шведски стандард. Каросеријата на 01 е подолга во споредба со Волво Икс Ц 40, а исто има и подолго меѓуоскино растојание, што обезбедува повеќе простор на задната клупа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Колку чесно е изработен автомобилов, најдобро се покажува кога ќе се отвори багажникот. Ретко во некој друг автомобил од средна класа, во опашот да бидат потрошени толку пари и труд, како во 01. Тоа важи и за функционалноста, и за скапото обложување на површините, и за опремувањето со прстени за прицврстување и слично. Тоа што се чини дека е последно место за човек да го погледне во овој Линк енд Ко, всушност ја претставува целата вистина околу автомобилов.

Историски попуст за автомобил што несомнено е премиум, па уште и приклучен хибрид

Сé е веќе видено во Линк енд Ко. Тоа не е во смисла дека во автомобилов и во маркава е здодевно, туку е во позитивна смисла, затоа што во поглед на чувството во возење, изработката, опременоста, напредокот во технологијата, посебно во безбедноста, Линк енд Ко 01 недвојбено е на исто рамниште со Мерцедес ГЛБ, БМВ Икс 1, Ауди Ку 3, Лексус Ен Икс, и нормално, со Волво Икс Ц 40. Производителот сака да му додаде уште половина класа, со тоа што 01 е подолг од Икс Ц 40, но и тоа не е проблем, кој сака да го гледа автомобилов како СУВ од средна класа, нема да згреши.

Сензацијата е во цената. Доколку увозникот Делфино Груп го продаваше првиот модел на Линк на македонскиот пазар по редовна цена, таа ќе почнуваше со четворка и уште многу деветки по неа. Во нормалниот свет, тоа е 50.000 евра. Меѓутоа, следи попуст што цената ја доведува до 46.990 евра. На тоа следи уште еден акциски попуст, а тој штеди уште 7.000 евра, така што цената доаѓа до 39.990 евра. За премиум модел, со приклучен хибриден погон, тоа е цена по којашто ваков автомобил што може да се продава и пред Стокомак.

Вебсајтот за моделот на увозникот за Линк енд КО

https://www.lynkco-see.com/mk/vozila/01

 

Претходна објаваТесла ќе ги преземе фабриките на Нисан во САД?
Следна објаваБМВ Ген 6: Кои се можностите на новиот електричен погон во Ное Класе

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here