
Група предводена од поранешниот јапонски премиер, изготви план за Тесла да вложи во Нисан, откако пропаднаа преговорите за спојување со Хонда, објави Фајненшел Тајмс.
Предлогот зад којшто стои поранешниот член на управниот одбор во Тесла, Хиромичи Мизуно, доби поддршка и од поранешниот премиер Јошихиде Суга и неговиот поранешен заменик Хирото Изуми, стои во објавата, според изјави од неименувани извори.
Групата се надева дека Тесла ќе стане стратешки инвеститор и убедена е дека компанијата на Илон Маск е мошне заинтересирана да ги презеде фабриките на Нисан во САД, пишуваат Фајненшел Тајмс.
Нисан во изминатите недели беше во потрага по стратешки партнер од технолошката бранша. Некои членови на управата ги предлагаа Тесла и Епл како идеални цели, стои извештајот.
„Фабриката на Тесла е производот. Во автомобилската индустрија не постои производствената линија што може да се спореди со линијата за Сајберкаб,“ одговори Маск на коментарот од корисник на друштвената мрежа Икс, за објавата на Фајненшел Тајмс.
Маск лани го претстави двоседот со две врати Сајберкаб, без волан и педали, што ќе користи камери и вештачка интелигенција за да се движи по патиштата. Тој претходно соопшти дека компанијата ќе почне со производство на Сајберкаб во 2026 година.

Акциите на Нисан пораснаа за 9,6 проценти, по објавата. Производителот на автомобили и Хонда во минатата недела ги прекинаа преговорите за соединување во компанија вредна 60 милијарди долари.
Нисан не ја коментираше објавата, а не одговорија ниту од Тесла, Епл и од канцеларијата на Суга.
Суга се повлече од премиерското место во 2021 година. Иако нема формална функција во владата, тој продолжи да биде член на долниот дом на јапонскиот Парламент и застапува круг избирачи во Канагава, домашната префектура на Нисан.















