
Новиот модел веројатно ќе ја користи истата платформа како електричниот СУВ од компактната класа, ЕВ3, којшто се испорачува со батерија од 58,3 кВч или од 81,4 кВч.
Должината на комбилимузинската изведба на ЕВ4 се претпоставува дека ќе биде околу 4,4 метри, што ја прави конкурент на Фолксваген ИД.3, Рено Меган Е-Тек или Купра Борн. Лимузината ќе биде значително подолга и ќе им се спротивстави на БИД Сил и Тесла Модел 3.
Планот е Киа ЕВ4 да се произведува во Европа
Според првичните информации, планирано е Киа ЕВ4 да се произведува во фабриката во Жилина, Словачка. Поголемиот дел од продукцијата се очекува да отпаѓа на изведбата со пет врати, што ужива повисока популарност во Европа. Во словачката фабрика се очекува да се одвива и производството на помал електричен СУВ, со ознака ЕВ2. Неговиот старт се планира за 2026 година.
Киа со новиот ЕВ4 сака да понуди модел што е наменет за поширокиот круг купувачи и нуди практичност, заедно со напредна технологија, стои во соопштението од Кина. Двете каросериски изведби ќе се нудат заедно на европскиот пазар, лимузината со 4 врати и комбилимузината со 5 врати.

Лансирањето на ЕВ4 е следниот чекор во проширувањето на понудата од електрични модели на Киа на европскиот пазар, по ЕВ3. Намерата на Киа е уделот на електрични модели во својата продажба во Западна Европа да го зголеми на 22 проценти во 2025 година, од 13 проценти лани. Корејскиот производител го соопшти тоа во деловниот биланс за последниот квартал од минатата година.
Киа лани продаде 67.226 батериски електрични автомобили во Европа, што е за 14 проценти помалку во споредба со 2023 година. Најпродаван модел со погон на струја на Киа лани беше Ниро, којшто се нуди со повеќе видови погон, со продадени 25.695 возила, за една третина помалку отколку во претходната година.
Киа најави дека повеќе детали околу електричниот модел ќе објави за време на светскиот Ден на електричните автомобили на марката, што ќе се одржи на 24-ти февруари, во Тарагона, Шпанија.

Премиера и на малечкиот СУВ-модел ЕВ2, како и на доставниот модел ПВ5
Покрај премиерата на ЕВ4, на Денот на електричните автомобили на Киа ќе биде претставен и концептот што ќе го најави идниот малечок СУВ-модел ЕВ2, како и сериска изведба на електричното доставно возило ПВ5.
ПВ5 е првиот во низата од електрични доставни возила, што ќе биде конструиран врз заедничка платформа наречена скејтборд. Целта е Киа да го презеде водството на пазарот на електрични доставни возила од Стелантис и Форд.

Киа лани најави дека до 2027 година ќе претстави пет нови електрични модели што ќе бидат наменети за светскиот пазар, како дел од целта да се постигне годишна продажба од 1,15 милион електрични возила. Од нив, 455.000 возила треба да бидат продадени на европскиот пазар.
Киа досега ставаше нагласок на продажбата на поголеми ЕВ-модели, што се привлечни за светскиот пазар, како кросоверот од средна класа ЕВ6 и големиот СУВ-седумсед ЕВ9.
Со проширувањето на својата понуда во пониските класи, Киа има намера да го намали својот ЦО2-отпечаток и на тој начин да ги избегне скапите казни што следат доколку некој производител не ги исполни новите и значително построги барања за ограничување на емисијата на ЦО2 на ЕУ.















