Со реални цени, продажба без посреднички интерес и со сигурно сервисирање зад коешто стои познато име на македонската сцена, марката БАИК постигна мошне уверлив старт, откако кон завршетокот на октомври свечено беше пуштен во работа салонот на марката.
Со салонска постава составена од три трендовски СУВ-модели, еден чист теренец со класични црти и со лимузина што во континуитет ужива висок углед на нашите простори, марката БАИК, кусо од Беиџинг Аутомотив Компани, постигна впечатлив успех во првите три месеци на македонскиот пазар.
Интересот засега е насочен повеќе кон Икс 55, моделот од средината на понудата на кинескиот производител, меѓутоа не заостануваат многу и останатите модели. Почетокот ѝ припаѓа на лимузината У 50 Плус, модел од компактната класа, што ја предизвикува конкуренцијата со цената од 18.500 евра, за комплетно опремен автомобил, вклучувајќи и автоматски менувач ЦВТ.
Истиот модел се произведува и во изведба со мануелен менувач, што дополнително го спушта ценовниот праг. У 50 Плус е тоа што прво го привлекува вниманието на македонскиот купувач, затоа што лимузините ни се традиционално омилени. Меѓутоа, вистинскиот ценовен почеток на понудата ѝ припаѓа на Икс 35, СУВ-модел од градската класа, со редовна цена од 17.900 евра, со мануелен менувач и 1,5-литарски мотор со 136 КС.
Во средината од понудата точно е поставен компактниот СУВ-модел Икс 55, со 1,5-литарски турбо бензинец со 177 КС и 7-степен менувач со двојна спојка, со редовна цена од 28.900 евра, односно промотивна цена од 25.900 евра. По него следи моделот од средната класа Икс 75, за којшто исто така се направени неколку нарачки и се испорачани примероци, со цена од 33.900 евра и луксузно ниво на опременост.
Посебно место му припаѓа на БЈ 40 Плус, модел во стилот на Тојота Ландкрузер и Џип од класичните генерации, со турбо дизел мотор со 165 КС и 8-степен класичен автоматски менувач, со престижна доработка на внатрешноста и цена од 49.500 евра.
Свечен почеток на БАИК на македонскиот пазар: Луѓе ќе се јавуваат во јазична школа да учат кинески
Тоа што дополнително ги привлече симпатиите на македонската сцена кон новата марка од Кина секако се цените. Менаџерот што реално ја донесе марката БАИК на македонскиот пазар, господин Владислав Тентов, со претходно искуство во Киа, Субару и бројни други марки, при разговор посочи дека во времето додека се подготвувал стартот на марката, паралелно се воделе преговори од втора страна, коишто доколку успеале, ќе ја оптовареа цената на моделите на БАИК најмалку со 3.000 евра – на име на посредништво, односно продажба во корист на туѓа фирма.
Тоа е воедно и најверодостојното објаснување за одличниот старт на марката, покрај убедувањето на скептиците дека домашната цена веќе е заситена со марки, без разлика дали од Кина или Европа, и нема место за нов играч. Очигледно имало.
Дополнетелен фактор за успехот секако е продажбата и сервисирањето, коешто се одвива преку Цилаз, една од најстарите компании во автомобилската сфера на домашниот пазар. Тоа го заокружува поглавјето околу најмладата кинеска марка на македонската сцена.
Добар ориентир за прифатеноста на моделите на марката пристига и од самиот пазар во ЕУ. Според податоците на Јато Дајнемикс, главните консултанти и аналитичари на автомобилскиот пазар, БАИК во минатата година испорачал близу 2.000 возила во земјите во ЕУ.
Најпродаваните моделски серии на БАИК на европскиот пазар во 2024
- БАИК Икс 35 · 412 примероци
- БАИК Икс 55 · 1.015 примероци
- БАИК Икс 75 · 488 примероци
За споредба, Липмотор, уште една нова марка на европската сцена, коајшто се води како 15-та марка на концернот Стелантис, и најавува почеток на производство во Европа, лани продала 278 примероци од Ц10 и 950 примероци од градското мини со електричен погон Т03. Уште едно познато име од нашата сцена е Фортинг Т5 Ево, со 655 продажби во ЕУ лани, додека Веј, марка на Грејт Вол, од својот Веј 03, во минатата година постигнала само 171 продажви во ЕУ. Тоа го прикажува БАИК во уште посјајно светло.
Кина е 6-ти најголем продавач на автомобили во Европа
Според податоците од Јато, кинеските производители лани постигнале поголема продажба во ЕУ од нивните конкуренти од Јапонија, Британија и Турција – гледано според потеклото на возилото. Пред Кина се само Германија (21% удел во продажбата), Шпанија (14%), Чешка (9,7%), Франција (6,7%), Романија (5,1%), па азиската земја со 4,9 проценти удел.
















