Хонда сака да ги откупи акциите на Рено во Нисан

Рено поседува 35,7 проценти од акциите во Нисан, стои во податоците со коишто располага Блумберг, коишто се вредни околу 3,6 милијарди долари.

Хонда е загрижена дека Нисан може да потпадне под непосакувано странско влијание, доколку уделот на Рено го преземе трета страна, во време додека се одвиваат преговорите за соединување со Нисан. Тоа го објави јапонскиот Кјодо Њуз, повикувајќи се на неименувани извори што се упатени во случувањата.

Нисан и Рено се во сојуз што датира од 1999 година. Мицубиши Моторс се приклучи во 2016 година.

Хонда и Нисан отпочнаа преговори кон завршетокот во минатата година, за нивно соединување, со коешто јапонскиот автомобилски пазар практично што ќе се подели на два дела. Тоа се случува во време кога браншата на глобално ниво се движи во насока на помасовно здружување, со цел да им се парира на водечките производители на електрични возила, односно на Тесла во САД и на БИД во Кина.

По соопштување на веста во декември, почнаа да кружат гласини дека Хон Хаи Пресишн Индастри, односно вистинскиот производител на ај-Фон што е повеќе познат како Фокскон, е заинтересиран за делумно или целосно преземање на Нисан, со цел да се искористат фабриките на производителот на автомобили и да се добие посолидна основа за влегување на компанијата во производство на електрични автомобили.

За јапонските власти би било поразително да дозволат еден од домашните производители на автомобили да падне во тајвански раце. Хонда и Нисан соопштија дека имаат намера до завршетокот на јануари да ја објават основната рамка за нивната спогодба. Намерата е да се создаде посебна холдинг компанија што ќе котира на берзата и што ќе ги обедини двата бизниси до август 2026 година.

Можно е Нисан да не располага со доволно средства за да го откупи уделот на Рено

Неизвесно е дали Нисан ќе има доволно средства за да го откупи уделот на Рено. Пазарната вредност на Нисан падна на близу 10 милијарди долари, додека кешот и еквивалентот на кеш на 31-ви декември вредеа околу 9,73 милијарди долари.

Нисан се соочува со финансиски проблеми и тоа е една од причините за спојувањето со Хонда. Нисан во ноември соопшти дека ќе отпушти 9.000 работници и ќе скуси една петина од капацитетот на своите фабрики, откако нето добивката имаше пад од 94 проценти во првата половина од фискалната година.

Нисан за тековната фискална година што завршува во март предвидува дека ќе има оперативна добивка намалена на само 150 билиони јени, што е за 70 проценти под претходните очекувања.

Менаџментот исто така ги смали предвидувањата за прометот за повеќе од 9 проценти, што значи дека за годинава практично не се очекува каква било добивка.

Претходна објаваМерцедес развива автомобил со којшто ќе може да се разговара
Следна објаваГерманските партии со спротивставени ставови за електричните автомобили пред изборите во февруари

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here