Хонда и Нисан ќе се здружат во холдинг, со Хонда на возачкото место

Престои историска распределба на силите во јапонската автомобилска индустрија, со планираното здружување на Хонда и Нисан, втор и трет најголем производител во Јапонија, со цел да се задржи конкурентноста на светскиот пазар, во време кога во браншата доаѓаат нови играчи и се вклучуваат нови технологии.

Мицубиши Моторс, што во дел е во сопственост на Нисан, до завршетокот на јануари ќе одлучи дали да се придружи во новото партнерство.

Извршните директори на трите компании, на попладневната конференција за медиуми на 23-ти декември во Токио, ја објавија новата рамка. Централното место му припадна на извршниот директор на Хонда, Тошихиро Мибе, со колегите покрај него. Компаниите соопштија дека преговааат околу подробностите.

„Располагаме со потенцијал да станеме светска класа, водечка компанија во новата мобилност,“ кажа Мибе. „До 2030 година, потребна ни е артилерија за да се натпреваруваме на борбеното поле. Затоа, почнуваме денес.“

Хонда, втор најголем производител на автомобили во Јапонија, и Нисан, планираат да го комплетираат договорот до јуни в година, за потоа да основаат холдинг компанија до август 2026 година. Намерата е акциите во холдингот во меѓувреме да бидат понудени на првично јавно наддавање, под услов инвеститорите да го одобрат тоа до април 2026 година, на вонредна седница на акционерите.

Компаниите Хонда Мотор и Нисан Мотор ќе се повлечат од берзата во Токио и ќе станат подружници на новата холдинг компанија.

Хонда ќе го преземе раководењето со новата холдинг компанија

Хонда ќе ги именува главнината од директорите и претседателот на новата компанија. За конечниот сооднос на уделот во акциите ќе се решава понатаму и главно ќе се одредува според вредноста на акциите. Уште не е одлучено околу името и околу седиштето на холдингот.

Мибе го оцени договорот како начин да се засили конкурентноста на компаниите во секое подрачје, од производството и развој на возила и технологија, до финансирање на продажбата, електрификација и развој на софтвер.

Шефот на Хонда предупреди дека заедничкото делување нема да биде брзо решение. Првите резултати ќе почнат да се покажуваат дури пред завршетокот на деценијата, за вистинските придобивки да почнат да се исплатуваат дури по 2030 година.

Сојузот меѓу Хонда и Нисан ќе создава годишен промет во висина од преку 30 билиони јени (околу 182 милијарди долари) и оперативна добивка од преку 3 билиони јени (19,2 милијарди долари), предвидуваат компаниите.

Мибе кажа дека новата комбинација не е спасувачка акција за Нисан. Место тоа, шефот очекува Нисан и Хонда да ги стабилизираат своите бизниси, пред да си подадат рака.

Нисан се соочува со долготрајно опаѓање на продажбата, големи долгови и намалена добивка. Компанијата во ноември објави план за обнова, што вклучува намалување на производствените капацитети и скусување 9.000 работни места на светско ниво.

Конечното склучување на договорот зависи од тоа кога Нисан ќе среди работите дома, кажува Мибе.

Во меѓувреме, Хонда отпочна со масовно откупување на сопсвените акции, со цел да им ја зголеми вредноста, објаснува Мибе. Хонда има намера да откупи до 20 проценти од преостанатите акции. Компанијата делува сега, пред да стапат на сила законските ограничувања за откупот на акциите, откако ќе почнат преговорите за спојување.

„Нештата нема вечно да останат исти какви што се денес,“ порачува Мибе.

Целта на долг рок не е да се смали или да се ограничи делувањето, туку напротив, да се потикне раст и напредување во обемот, вели Мибе. Како пример за иден чекор што може да се преземе на пазарот во САД, Мибе ја спомна можноста за развој на пикап со хибриден погон. Со тоа би се здружиле моќта на Хонда во бензинските мотори и искуството на Нисан во пикапи што се поставени на носечка рамка.

„Не размислуваме на тој начин, да ги отцепуваме само добрите нешта и на крајот да го оставиме само тоа што е добро,“ објаснува Мибе. „Сакаме да размислуваме околу опциите што ќе ни овозможат напредок.“

Хонда и Нисан целат на висока продажба и голема заштеда

Мибе и неговиот колега од Нисан, Макото Учида, кажаа дека на Хонда ќе ѝ припадне поголема улога во раководењето со холдингот, затоа што има повисок пазарен капитал од Нисан.

Договорот од 23-ти декември претставува следна фаза од партнерството што компаниите го започнаа во март, за споделување технологија и заеднички набавки. Хонда и Нисан уште тогаш навестија дека ќе ја испитуваат можноста за здружување за електрични возила, автопилот-софтвер, батерии, набавка и сл. Мицубиши се придружи во преговорите во август.

Дури и по здружувањето, Хонда веројатно ќе продолжи да соработува на заеднички проекти со Џенерал Џенерал Моторс, исто како што и Нисан ќе продолжи да соработува со Рено, посочи Мибе.

Нисан лани се повлече од сојузот со Рено по две децении во улога на помлад партнер, откако двете компании се споогодија за одново да ги прераспределат меѓусебните удели во акциите. Секоја страна ќе поседува по 15 проценти од акциите на партнерот, откако Рено ќе го заврши продавањето на соодветен дел од своите 43 проценти учество во Нисан, од коишто најголемиот дел им припаѓаат на доверителскли фондови.

Во рамките на реструктурирањето и обновата, Нисан ќе продаде дел од своите 34 проценти удел во акциите на Мицубиши Моторс, коишто ги стекна во 2016 година.

Големата одлука на Мицубиши

Извршниот директор на Мицубиши, Такао Като, кажа дека неговата компанија ќе ги истражи можностите и веројатно ќе се придружи. Силни страни на Мицубиши се пазарите во Југоисточна Азија, приклучните хибриди и пикапите.

Нисан очекува да ја заврши фискалната година со 3,4 продадени возила, додека Хонда смета на 3,8 милиони возила. Кога на тоа ќе се приклучат уште 895.000 возила на Мицубиши, се добива пазар од преку 8 милиони возила.

За споредба, Тојота Мотор продаде 11,09 милиони возила во минатата фискална година, со што го сочува насловот на најголем производител во светот. Тука не се вклучени продажбите на партнерите, со коишто се остваруваат најразличен вид соработки, меѓу кои се Субару, Мазда, Сузуки и Исузу.

Остануваат уште многу прашања да се разјаснат меѓу партнерите, на пример, иднината на премиум марките Инфинити и Акура, коишто ќе си парираат едно со друго. Двата производители почнаа со развој на нови генерации електрични автомобили и неизвесно е како ќе се комбинира таа техника. Големо прашање секако е впуштањето во беспоштедната пазарна трка во Кина.

Претходна објаваПазарната вредност на Тесла се зголеми за 570 милијарди долари поради блискоста на Илон Маск со Трамп
Следна објаваТојота ќе произведува електрични Лексуси во Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here