Волво ја качи продажбата со заслуга на електричните автомобили

На Волво му се исплатеше раниот чекор во насока на елеткромобилноста.

Најновите модели со батериски електричен погон во понудата – Е Икс 30, Е Икс 90 и Е М 90 – учествуваа со 100.768 примероци во вкупната продажба на шведскиот производител во 2024 година.

Кога на тоа ќе се додаде и продажбата на моделите Е Икс 40 и Ц 40, вкупната продажба на електрични автомобили на Волво во минатата година достигна 175.184 примероци. Тоа е зголемување од 54 проценти во споредба со 2023 година.

Најголемиот дел од оваа продажба, а тоа се 98.056 возила, припаѓаат на малечкиот СУВ-модел Е Икс 30. Во својата прва полна година во продажба, тој беше 4-ти најпродаван модел на Волво во минатата година, во светски рамки. СУВ-моделот од средната класа, Икс Ц 60, беше најпродаван модел на Швеѓаните и лани, со продадени 230.853 возила.

Растот кај електричните модели донесе зголемување во вкупната продажба на Волво во минатата година на 763.389 возила, за 8% повеќе од преклани, и тоа е рекорд за производителот што е дел од Џили. Од 2014 година наваму, Волво осумпати го подобруваше рекордот од претходната година.

Со овој рекорд, извршниот директор Џим Роуан го исполни ветувањето што го даде во февруари лани.

Шведскиот производител сепак мораше да ги смали очекувањата за растот на помалку од 10 проценти, во споредба со првичниот план за продажбата да се зголеми за 15 проценти.

Тоа значи дека Волво не успеа да ја постигне тешко остварливата цел, за продажбата на светскиот пазар првпат да надмине 800.000 возила.

Волво уште во 2020 година имаше поставено цел да надмине 800.000 продадени возила, меѓутоа кризата со микрочипови и нередовното снабдување со компоненти, што ја погоди целата бранша, тогаш го оневозможи постигнувањето на целта.

Волво веројатно ќе извлече голема финансиска корист од преоѓањето на електрични возила

Иако Волво во септември соопшти дека се откажува од планот да стане целосно електрична марка до 2030 година, остануваат очекувањата дека батериските елеткрични возила и приклучните хибриди тогаш ќе сочинуваат најмалку 90 проценти од продажбата.

Упорноста да се продолжи со електричните возила ќе му донесе на Волво голема заработка, од парите што Сузуки ќе им ги префрли на Швеѓаните, за да купи кредити за ЦО2 од Волво и на тој начин да ги избегне уште поскапите казни од ЕУ, за пречекорување на новите и многу построги норми за емисија на ЦО2.

Аналитичарите на групацијата Ју Би Ес предвидуваат дека Волво годинава ќе стави дополнителни 300 милиони евра во својата каса, од договорот за ЦО2-пулинг што е потпишан со Мерцедес-Бенц.

Волво годинава ќе ја пополни и последната празнина што ја има во својата понуда од електрични возила, со својата прва лимузина со електричен погон. Премиерата на Е С 90 се очекува во март. Лимузината од виша класа ќе се произведува во Торсланда, во близина на Гетеборг.

Видеото од тестот на Волво Е Икс 30

Претходна објаваПежо 5008 со седум седишта и седумстотини варијанти на седење
Следна објаваСитроен повторно е марка по избор на професионалци во Португалија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here