Пежо 5008 изгледа различно од моделот што прв стартуваше со новата платформа СТЛА Медиум, од револуционерниот 3008, и јасно укажува зошто дизајнерите од него изведоа СУВ-купе, наспроти габаритниот седумсед со коцкест опаш. Меѓутоа, целата смисла на најголемиот Пежо се насетува кога ќе се собори седиште во средниот ред.
Пежо го лансираше 5008 со првенствена намера да го понуди единствениот целосно електричен седумсед на пазарот. Со платформата СТЛА Медиум, што поставува нови мерила во поглед на електричниот погон, меѓу другото со досегот до 660 километри, Пежо секако дека без задршка може да го рекламира својот 5008 како единствена понуда на пазарот на електрични модели.
Убавата страна за делот од светот што уште не е толку расположен за електричниот погон, е тоа што Пежо Санк-Миле-Уит се нуди и во изведба со благ хибриден погон и во изведба со приклучен хибриден погон.
Во споредба со 3008, со којшто ја дели платформата, 5008 има меѓуоскино растојание од 2,9 метри, што е за 16 сантиметри повеќе. Во должина, разликата е 25 сантиметри, што укажува дека има додадено и во просторноста на багажникот. Седумседот е воедно и за околу пет сантиметри повисок. Дополнителни 5 милиметри се додадени во растојанието од подлогата, поради подолгото меѓуоскино растојание, за подот да не фаќа кога ќе се излезе од асфалт или на излез од подземна гаража.
Со соборен трет ред седишта, багажникот располага со раскошни 748 литри, за 228 литри повеќе од 3008. Вистинската зафатнина на просторот се покажува при споредба со зафатнината со соборена клупа: 1.815 литри, наспроти 1.480 литри.
Носивост од близу 600 килограми и приколка до 1,3 тон
Во тежина, 5008 додава 143 килограми кај изведбата со приклучен хибриден погон, меѓутоа има и поголема носивост (577 килограми). Кој сака да влече тешка приколка, тогаш предимство има 3008, со дозволена тежина до 1,55 тон (до 12%), наспроти 1,3 тон кај „петката“.
Салонскиот примерок во Еуроимпекс ја покажува предноста што ја постигнува СТЛА, во рационалното искористување на просторот. Колку што 3008 е просторен за својата класа, за компактни СУВ-модели, толку 5008 додава уште една класа во чувството на просторност во кабината. Тоа секако важи за вториот ред, но и за третиот ред седишта, каде што за разлика од порано, кога назад имаше седиште колку за свекрвата, сега се добива мошне пристојно сместување.
View this post on Instagram
Две нивоа на опрема, три видови погон, четири пакети на дополнителна опрема
Основата на понудата се состои од две нивоа на опременост, Алур и ГТ. На тоа следат четири дополнителни пакети со опрема. Ова условно кажано ограничување на разновидноста од нивоа и дополнителни ставки во опременоста е практика во целата бранша, со цел да се смалат трошоците во производство.
Истото важи и за разновидноста од погонски единици. Почетокот ѝ припаѓа на изведбата со благ хибриден погон, со 1,2-литарски турбо бензинец со 136 КС и електромотор од 16 кВ (21 КС) и 51 њутнметар, што е вграден во 6-степениот менувач со двојна спојка. Со перформансите што 3008 ги покажа на тестот, со оваа погонска изведба може да се вози мошне пристојно, со разумни очекувања. Секако дека важи и ценовната разлика со следната погонска изведба: Благиот хибрид чини 40.180 евра, додека приклучниот хибрид почнува со 52.660 евра.
Постои голема разлика во погонската спрега. Приклучниот хибрид користи 1,6-литарски турбо бензинец со 150 КС и 300 њутнметри, заедно со електромотор со 125 КС и 118 њутнметри, што произведуваат системски 195 КС. Батеријата е со капацитет од 17,8 кВч и на полнач со 22 кВ, се освежува за следни 78 километри (93 км во град) за 175 минути.
Електричната изведба носи ознака Е-5008, користи електормотор со 157 кВ (213 КС) и 345 њутнметри, и со батеријата од 73 кВч, вози 500 километри комбинирано, односно 660 километри при користење само во градски услови. Доколку стои на располагање брз почнач со еднонасочна струја, полнењето до 80 проценти се врши со најмногу 160 кВ, во времетраење од точно 30 минути. Забрзувањето трае 9,7 секунди, брзината е ограничена на 170 км/ч. Без какво било субвенционирање, големиот електричен Пежо чини 65.750 евра.
Заштитната боја на Пежо 5008 е Ингаро сина и вообичаено за тоа се добива бесплатно
Опременоста е примерна, имајќи предвид дека Пежо се поставува одвај скалило под премиум марките на концернот – а, тоа се Алфа Ромео, Ланчиа и ДС. Вообичаено за француската марка, заштитната и нејвпечатлива боја во којашто 5008 се појавува во рекламите, а тоа е Ингаро сината боја, ексклузивна за моделот, се добива бесплатно.
Од четирите пакети што се понудени во нивото Алур, најскапиот чини 2.000 евра, но затоа содржи: 4 камери за слика во 360 степени и сензори насекаде, собирање на ретровизори и светло во нив, приспособлив темпомат со самостојно движење во колона во метеж, автоматско долго светло, греење на волан – вкупно осум ставки, односно во просек 250 евра по ставка. Тоа е безмалку подарок од Пежо.
Многумина се убедени дека седумте седишта служат само за големи семејства. Но, вистинската предност се огледува во разновидноста од можности за распоредување на седењето и товарот. Во 5008 може да патуваат и четворица патници, заедно со велосипед во кабина, даска за сурфање, спортска опрема, за донесување плакар од Икеа, можностите се блиску до бескрај.
Сите замисливи положби на седиштата се остварливи во 5008
Седечката површина на средната клупа е поделена во сооднос 60:40, додека потпирачот за грб е поделен 40:20:40. Дополнителна димензија е лизгањето на клупата, како и залегнувањето во пет степени. Пристапот до третиот ред е охрабрувачки едноставен, главно поради исклучително широките задни врати.
Во кокпитот, сé e познато од 3008, а тоа значи широк панорамски дисплеј што е издвоен од таблата, потоа амбиентално осветлување што е вредно да се доживее, унапредено ракување, врвна конективност, сé како што ѝ прилега на марката.















