Денес загадувањето не е тема. Тоа станува тема само кога градовите на Македонија ќе се најдат на срамната светска листа за загаденоста. Меѓутоа, денес нема од каде да се препише. Чисто е, од Скопје до Гевгелија. А, каде тоа исчезна загадувањето?
Што правеше цела Македонија утрово? Првото што го направи овој напатен народ е сосем сигурно дека беше отворање на прозорците, ширум и тоа. Утрово е чисто. Домовите вообичаено загреани за на куси ракави, индустријата произведува за половина Европа, единствено е сменето тоа што падна снег. Дежурните наива-еколози меѓу две заседнувања во обложувалница, сега ќе кажат дека снегот го измил воздухот. Не, дизелите од европските отпади, вклучувајќи ја онаа Европа на исток, утрово стоеја!
Не можеше да стане повеќе очигледно, колку лошото раководење со возниот парк во изминативе деценија и пол, е вистинската и единствена причина за загадувањето на воздухот што ни се случува како национална катастрофа. Утрово сé беше во зелено. Како и досега, печките на дрва, што според убеденоста на гледачите од прозорец и главни експерти околу загадувањето на воздухот, ги има најмалку по пет во секој дом и горат по три кубици дрво на ноќ, работеа и на овој спасовден за животната средина.
Исто и индустријата, а тоа се двете фабрики и трите кебапчилници, работеше. А, воздухот утрово чист. Снегот и дождот го измија воздухот? Или ветрот што дува кога паѓа снег и дожд ги раздува канцерогените честички? Таков вид ветар, патем, не постои.
Зошто никој не објавува кога воздухот е чист и не се поставува прашањето за причините што довеле до тоа? Затоа што нема од каде да се препише!
Одвреме навреме ќе се случи нештата да се поклопат совршено во оваа божествена земја. Токму кога почнува да се создава основната критична маса, што разбира дека загадувањето е пари, и дека за властите и за оние на колена пред нив, не постои друг начин за загадувањето да се спречи, освен бесрамно да се трошат пари на народот и во земјава да им се отвора фронт за работа на пропаднати странски бизниси, на коишто во паметна Европа им е затворена вратата, се случува ова, утрото на 12-ти јануари 2025 година!

Каде е приказната за загревањето на домовите со дрва, пластика, прегорено масло, отпад, којзнае што сé им се врти во главата на спомнатите наива-еколози меѓу две обложувања?
Кусо за катастрофалната политика на увозот на користени, та преискористени, и кусо пред умирачка, автомобили. За жал, и народот масовно со нив. Европа уште рано во 2000-те години го осозна проблемот со дизелите со директно впрскување на горивото, ТДИ, ЦДИ, ЦТДИ, ЈТД и слични. Големи европски метрополи, живи сведоштва на историјата на цивилизацијата, беа во паника, од наглото влошување на квалитетот на воздухот. Главна тема беа ПМ-честичките. Од тогаш новите дизели. Тоа се случува пред повеќе од 20 години.
Спасот беа филтрите за честички чад. ДПФ-филтри. Многупати досега во Аутомедиа се пишувало за овие филтри: Тоа се филтри во коишто се насобираат честичките ПМ и неопходни се кај новите дизели со директно впрскување. Постарите дизели немаат толку ситни честички во издувот, што откако еднаш ќе навлезат во организмот, повеќе не излегуваат оттаму.
Кога ќе се постигне заситеност на ДПФ филтерот, контролната електроника во возилото го јавува тоа, и за да се спречи оштетување на техниката, неопходно е да се излезе двасетина минути по автопат, обиколница, и со умерено и постојано темпо, да се остави доволно време за ДПФ-филтерот да вклучи постапка на согорување на талозите од канцерогени честички ПМ при екстремни температури. Така филтерот се одржува.

Филтрите ДПФ се потрошни делови и треба да се заменат со нови, но тоа им се прескапо за бизнисот на препродавачите на користени автомобили од европските и бугарски отпади
Тие филтри не може да траат бесконечно. Зависно од производителот, односно од квалитетот на компонентите што се нарачуваат од добавувачите и се вградуваат во издувните системи во возилата, понатаму од моќноста на моторот, од начинот на користење на возилото, од квалитетот на горивото, од квалитетот на маслото, ДПФ-филтрите може да траат обично околу 150.000 или двесте илјади километри. Толку е предвидено, тоа им е рокот.
Нов филтер ДПФ чини околу 500 евра за нормални автомобили, без вградување, односно преку 1.000 евра за луксузниот користен отпад од увоз што масовно се вози по нашите улици и под нашите прозорци.
Овие филтри им се проблем на препродавачите на увезени користени автомобили од европските отпади, затоа што замената на дотраениот филтер чини најмалку 500 евра, што ќе им ја уништи заработката и ќе направи нивните возила да бидат помалку конкурентни во споредба со некој друг препродавач што не се грижи околу исправноста на филтрите. Кусо, одвај дека постои користен дизел од увоз, а тоа обично значи евтино купена, користена луксузна лимузина за панаѓур-аристокрацијата, со ДПФ-филтер што функционира.
Нов филтер чини 1.000 евра, во користен луксузен автомобил што е купен на европските отпади за 2.000 евра – решението тука е сечење на филтерот, и масовно труење на народот.
Во оваа средина, на којашто сé потешко ѝ успева да создаде критична маса што ќе се избори против невистините, заблудите, измамите и кражбите, нормално е дека вистината за главниот извор на загадувањето на воздухот не може да се види во катастрофата од возниот парк што ни се движи по улица. Пред училишта, пред градинки, масовно во болници, дома под прозорец, на Водно, на планина, во парковите, директно под новоградбите според подржикоњскиот урбанистички план. Секаде каде што доспева масата стари автомобили од увоз, со неисправен филтер за пречистување на издувот од ПМ-честички, секаде се страда.
На овие наива-еколози што секогаш се наоѓаат за повикани да коментираат по друштвените мрежи, оти имаат многу слободно време меѓу две најмалку заседнувања во обложувалници дневно, мора да им се одземе моќта да ја загадуваат јавната свест со заблудите и со простачкото толкување на загаденоста на воздухот во Македонија.
Прво научници треба да им објаснат на еко-воајерите и дежурни експерти, зошто зиме се нафаќа мраз врз стаклата од автомобилот, па откако овие ќе научат дека во атмосферскиот воздух се случуваат најкомлексните процеси во природата, што тие не можат да ги разберат ниту со најголемиот труд што нивниот интелект може да го постигне, ќе почнат да учат и зошто зиме се јавува екстремна загаденост на воздухот, а тоа не е од загревањето на домовите
А, за тоа да се случи, прво и основно, неопоходно е, новинари, интелектуалци, луѓе со општествена одговорност, во оние неколку преживеани јавни медиуми, да престанат да им додеваат на лекарите и да им даваат простор на разноразни прпарими, и место тоа конечно да почнат да ги ислушуваат единствените профили на стручни лица, што се повикани да зборуваат за загадувањето.
А, тоа се климатолози, метеоролози (оние од завод за метрологија, според властите од заеб-режимот), физичари, хемичари, машински инженери. Не ни потребно лекарите по милионити пат да ни кажуваат колку било штетно да се вдишува убиствениот воздух. Тие профили ни се суштински неопходни за народов да се спаси од загадувањето и масовната лага дека изворот било загревањето во домовите. Или индустријата.
Загадувањето е пари! Не е чудно тоа што сите мерки против загаденоста се поврзуваат со милионски суми, што сите бараат пари? Решението е бесплатно за народот, а е „скапо“ за властите и на сите оние закачени на државна цицка
Како функционираат властите во поглед на загадувањето, како најдобар пример може да послужи неодамнешното јавување од исцедокот на комуњарската дружина, што се најде сега да биде гласна и да наоѓа решение за загадувањето. Оттаму предлагаат на прозорците да се поставеле филтри за воздух, да се поставеле пречистувачи на воздух, да се премачкуваат улиците со лепило за загадувањето да се налепи. Пари сакаат, сите сакаат пари! Настрана тоа што во заеб-заедницата немаат апсолутно никаква претстава како вистински да се пристапи кон надминување на загаденоста на воздухот.
Можеби на оние специјалисти за загадување, што не се сеќаваат дали периодичниот систем на елементи се учеше по физика или хемија, треба конечно да им се разјасни дека сега ќе треба да плаќаат од својата заработка, затоа што воздухот е загаден. Кога ќе се јави лик да коментира јавно, дека загадувањето било од загревањето на домовите, срединава треба рефлексно да го исмее, јавно.
Што ако за време на заеб и прпарим некој чепкаше по станиците за мерење и ни даваше погрешни податоци за загадувањето? Студио…
Во времето на заеб-режимот и грубијан-павијан циркузот не можеше да се проговори директно за масивни инвестиции, што божем се неопходни за се надмине загаденоста, оти од тоа конечно ќе му прекипеше на народот. Сега можеби е сменета ситуацијата во многу нешта, но не и во интересот да се наплати скапо од загадувањето. Ќе се граделе комбинирани термоелектрани што божем ќе нé спаселе од загадувањето.
И што по три години, откако ќе се потрошат милијарди за тие комбинирани термоелектрани, и ќе се утврди дека ниту тоа не помага за загадувањето да се надмине? Единствено што ќе се случи е што уште десетици илјади македонски граѓани ќе загинат од загадувањето, роднини, соседи, пријатели, познајници, и што целата нација ќе ни биде со слабо здравје, оти и во следните пет, десет или дваесет години, загадувањето ќе остане исто.
Дали со загревањето на домовите ќе ни се случи следната зашеќерена електродистрибуција?
Што ќе се случи со инвертерите, односно топлинските пумпи, што реално и масовно ги греат македонските домови? Дали утре некој ќе ни доаѓа дома за да ни ги исклучува инвертерите, оти трошат струја за чиешто производство се гори јаглен? Дали тоа значи дека секој дом ќе мора да се приклучи на греење, да плати скапо за тоа, и трајно да биде условен од монополот што ќе си наплаќа сметки по желба? Зашеќерена електродистрибуција! Во таа насока.
Место тоа, единствено и итно неопходно решение е моментална забрана за увоз на користени дизели од европските отпади – и оние од истокот – воведување најмалку иста висина на акцизата за дизел горивото, како за бензинот, воведување повисоки давачки при регистрација за возила со висока емисија на ПМ, повлекување од сообраќај на возила со неисправен систем за пречистување на честичките ПМ од издувот, односно филтри ДПФ, масовно воведување зони со ограничена брзина на сообраќај во резиденцијалните подрачја (по пример на ул. Орце Николов), одвојување повеќе простор за користење велосипед, тротинети, одење пеш, враќање на дрворедите по булеварите и стеснување на „автопатиштата“ по градот, и најважното, историско вложување во јавниот превоз.
Сакање автомобили, секако да, но не до фаза на фанатизам. За сé постои граница. За уште многу вакви спасовдени!

















Многу редови се напишани за загадувањето, ова било, она било, возилата, фабриките, домовите биле причините…….. Причините се едноставни, пробајте да се затворите во еден мал тоалет и таму запалете цигара, гответе и што уште не……. И пробајте истото да напраите на тераса па ќе сфатите шо е вистинскиот проблем со загадувањето у Скопје
Istite tie dizeli vozat i vo leto i vo prolet. Zosto togas zagaduvanjeto ne e isto? Inaku sekako se slagam deka starite dizeli treba da se isfrlaat, a site onie koi nemaat filtri mora da bidat fateni na tehnicki i bez moznost da se registriraat, amo tehnickite se baska prikaska, tamu proadjaat site vozila, pola od niv sigurno vo bilo koja normalna zemja bi bile otsraneti od soobrakaj.
А дали тие возила не се возат пролет и лето па тогаш немаме толкаво загадување. Се согласувам со напишаното но не секој има можност да купи ново возило. Еве на пример зошто за возилата што ги исполнуваат еколошките стандарди не се намалат на минимум давачките за увоз туку сега тие достигаат и до 50 проценти од вредноста на возилото. Ајде да речеме и да се забрани увоз на половни возила, што мислите дали нема за неколку месеци салоните да ги зголемат цените и за 30 проценти на новите возила. Дали некој нема да го искористи тоа и да прави екстра профит на грбот на народот?
Да резимираме, никој не сака да вози автомобил стар 15, 20 години и секој месец да посетува автомеханичар ако има можност и услови да купи нов автомобил. Но дали на некој му одговара тоа е друга работа
Главната причина за тоа што загаденоста со честички ПМ се случува зиме е во попречената размена на топлиот со студениот воздушен слој. Во отсуство на стручно објаснување од научната фела – затоа што никој не ги консултирал профилите што единствено се компетентни да зборуваат за појавите со загаденоста на воздухот, а тоа се метеоролози, климатолози, физичари, хемичари – народот не може да верува во друго освен во тоа дека загревањето на домовите зиме е причина за загадувањето. Заблудата датира од пред десет години, кога група анонимни и некомпетентни ликови, повикувајжи се на т.н. финска формула, дојдоа до заклучок дека главен извор на загадувањето се домовите. Таа формула се темели врз претпоставки. Во најкуса форма, тие неколку ликови, претпоставиле дека возилата со дизел мотор трошат три литри дизел и испуштаат далеку пониска количина на честички ПМ од реалната. Денес е навистина срамно кога ќе се има тоа предцвиед, меѓутоа од таму потекнува целата заблуда за загадувањето од загревањето на домовите, а не од катастрофалната политика за возниот парк. За жал, научниот свет кај нас е на државна плата и секакво вмешување на компетентните експерти во приказната што е различна од онаа што се сервира во влада и парламент, ќе им го одземе работното место.
За користените возила, правило е дека не може да има добар пазар на нови автомобили, доколку е слаб пазарот на користени автомобили. А, зошто е тоа така? Затоа што секој сопственик на возило што има намера да купи ново, треба прво добро да го продаде својот автомобил, односно да го понуди на пазарот на користени автомобили. Со увозот, вредноста на матичните возила во македонскиот возен парк, се смали драстично. Од друга страна, користените возила што се увезуваат и се скапи за одржување и сервисирање, завршуваат во отпад. Сето тоа влијае за пазарот на користени возила да биде неефикасен и пазарот во целина да биде неодржлив. Пред 2010 година, Македонија имаше автомобилски пазар споредлив со Хрватска и Словенија. Денес сме далеку од тоа, единствено поради нерегулираниот увоз на користени возила – со напомена, од луксузни класи.
За давачките, предвидено е возила со висока емисија на штетни материи да се товарат со повисока стапка, меѓутоа досега никој не го објаснил тоа и не го донел до јавноста, за таа да сфати дека единствената цел на таквата политика е да нé заштити од загадувањето што ни се случува оттогаш. Давачките за автомобили од нормална класа, со нормална моќност, далеку е од тоа да бидат 50 проценти.
Многу теми се отвораат, Аутомедиа ќе продолжи да објавува, единствено од интерес да ѝ укажеме на јавноста за лагата со загадувањето. Поздрав