
Најголемите производители на автомобили во Европа не чекаат премногу за да склучат сојузи и да ги исполнат строгите барања за ЦО2 на ЕУ што важат од годинава. Стелантис, Тојота, Форд, Субару и Мазда ќе бидат во сојуз со електро-шампионот Тесла, додека Волво, со висок удел на електрични модели во продажбата, и неговата строго-ЕВ марка Полстар ќе ѝ помагаат на групата на Мерцедес-Бенц.
Границите за емисијата на ЦО2 од возилата што ЕУ ги постави за 2025 година се околу 15 проценти пониски од нивото од 2021 година. Експертите ценат дека производителите ќе мора да постигнат најмалку 20 проценти од продажбата да им отпаѓа на чисто електрични возила. Сето тоа се случува во време кога продажбата на ЕВ во Европа покрива само 14 проценти од пазарот.
Доколку се надмине границата, за секој грам ЦО2 над дозволените 95 грами на километар, ќе се плаќа казна во висина од 95 евра – за секој грам и за секое продадено возило со таква емисија.
Според процените на здружението на авто-производители во Европа, АЦЕА, индустријата би можела да се соочи со казна во висина од преку 15 милијарди евра. Од друга страна, групата за Транспорт и Животна Средина процени дека казната ќе биде многу пониска, веројатно под 1 милијарда евра.
Матијас Шмит, аналитичар што ревносно го следи европскиот пазар на ЕВ, на 7-ми јануари кажа дека итаницата при составувањето на т.н. пулови, претставува најверодостоен доказ дека производителите на автомобили веќе работат на алтернативен план, доколку не се постигне зголемување во продажбата на електрични автомобили.
„Тоа од една страна укажува дека производителите се мачат да ги исполнат целите, но укажува и дека производителите работат да обезбедат сигурна опција, доколку до крајот на годинава не успеат да го исполнат таргетот,“ кажува Шмит. Таргетот се одредува посебно за секој производител, зависно од просечната тежина на возилата што ги продаваат. Тоа значи дека марките што продаваат потешки автомобили, како Мерцедес или БМВ, имаат повисоко поставен таргет за ЦО2.

Индустриските експерти проценија дека продажбата на еден целосно електричен автомобил може да ја покрие емисијата на три до четири автомобили со бензински или дизел мотор. Тука лежи логиката на ЦО2-пулингот. Производителите на ЕВ, како што е Тесла, може да заработат милијарди евра со тоа што ќе се здружат со производителите што имаат висока емисија на ЦО2, односно не продаваат доволно електрични автомобили.
Голем број производители успеаја да склучат ЦО2-сојуз за минатата година, меѓутоа неколку производители го надминаа таргетот и ќе мораат да платат казни во висина од преку 500 милиони долари. Таков е случајот со Фолксваген Група, Сузуки и Џагјуар Ланд Ровер.
Тесла прави пул со Стелантис, Тојота, Форд, Мазда
Тесла ќе менаџира со „отворен пул“, стои во документите што Европската Комисија ги објави на 6-ти јануари. Членови на тој пул досега се Стелантис, Тојота, Форд, Мазда и Субару. Според истиот документ, групата на Тесла ќе биде отворена до 5-ти февруиари.
Производителите во сојузот на Тесла покриваат близу 30 проценти од вкупната продажба на возила во Европа лани, без декември. Уделот на Тесла во истиот период бил само 2,2 проценти.
Претставник на Стелантис кажа на 7-ми јануари дека производителот на автомобили бил посветен на смалувањето на емисијата на ЦО2 и дека учеството во пулот на Тесла „ќе придонесе да го исполниме нашиот европски таргет за емисијата во 2025 година, додека ги оптимизираме нашите ресурси.“ Во пулот влегува и новата кинеска марка на Стелантис, Липмотор, којшто наскоро ќе почне да продава два електрични модели во Европа.
Шефот на Стелантис за Европа, Жан Филипе Импарато, во минатиот месец кажа дека врз основа на регулативата на ЕУ, продажбата на ЕВ на концернот во Европа мора да се зголеми од сегашните 12 на 21 проценти. За секој грам над лимитот концернот би тренало да плати казна во висина од 300 милиони евра.
Мерцедес-Бенз прави пул со Волво и Полстар, и поврзан е со Џили
Во вториот пул, објавен на 7-ми јануари, Мерцедес-Бенц ќе раководи со групата во којашто влегуваат Смарт, којшто сега е заедничка марка со Џили, како и Волво и Полстар. Ли Шуфу, претседателот на групацијата Џили, каде што припаѓаат Волво и Полстар, поседува 10 проценти од акциите во Мерцедес. Пулот е отворен за нови членови до 7-ми февруари.
Претставник на Полстар изјави за Ројтерс дека Полстар, Волво и Смарт ќе ги продадат своите неискористени кредити за ЦО2 на Мерцедес.
БМВ, Фолксваген Група и Рено Група се единстени големи производители во Европа што уште не се дел од пул за ЦО2.
Фолксваген и Рено лани навестија дека се отворени за пул, за да ги исполнат своите таргети за 2025 година.
Шефот за продажба на Фолксваген, Мартин Сандер, кажа дека најголемиот производител во Европа е на добар пат да го достигне таргетот за 2025 година, благодарение на проширувањето на понудата од модели со целосно електричен и приклучен хибриден погон. Тој додаде дека една четвртина од продажбата на Фолксваген годинава мора да биде постигнат со електрични возила, за да се постигне таргетот, односно да не се плаќаат казни.
Од концернот Стелантис соопштија дека е можно да се скуси продукцијата на возила со мотор со внатрешно согорување, за на тој начин да се гарантира дека ќе се продадат доволно електрични автомобили. Шефот на БМВ, Оливер Ципсе, во ноември кажа дека производителот е на пат да ги исполни своите таргети.















