Ауди ја пушта во продажба електричната лимузина А6 е-трон, којашто ќе биде достапна од февруари по цена од 62.800 евра во Германија. Нејзини соперници се БМВ и5 и Мерцедес Е-Ку-Е.
За разлика од конкуренцијата, Ауди не го осмисли А6 е-трон само како лимузина со четири врати и со опаш Спортбек како на купе, туку го нуди и како комби, со доплата од 1.650 евра.
А6 е-трон Авант мери 4,93 метри во должина и верен е на дизајнот на Ауди. Место работите да се менуваат од корен, Ауди се реши за еволуција. Појавата ја сочинуваат маската Сингл Фрејм, дигиталната графика на светлата и очигледната аеродинамичност.
Со вредност на отпор на воздух 0,21, лимузината е најаеродинамичниот Ауди на сите времиња. Комбито Авант доаѓа до 0,24, што е вредност за чиешто постигнување меѓу другото придонесуваат аеро-тркалата и дигиталните надворешни ретровизори.
Напредокот остава најмногу впечаток во внатрешноста
Внатрешноста на А6 е-трон е помодерна од кога било досега. Ауди примени нов систем за ракување, којшто во голема мерка со потпира на поврзувањето со Чет ГПТ, заедно со раскошен проекциски дисплеј и со графика со унапредена реалност што се прикажува во дисплејот.
Средината на арматурната табла ја запоседнува издвоен и заоблен дисплеј. Ракувањето се темели главно на сензорски полиња на воланот и во вратите.
И покрај сите овие промени, рачката на менувачот е на старото место, во средишниот тунел, како реликт од минатото.
Уште една новина е големиот панорамски покрив, што може да се затемнува дел по дел. Со меѓуоскиното растојание од 2,95 метри, А6 е-трон нуди многу простор. Седењето е малку повисоко отколку во стандардните модели, затоа што батеријате е долу во подот.
Фабричкото видео со целосно претставување на новиот Ауди С6 е-трон Авант
Простор и функционалност во Авант
Авант убедува со практични детали, како електрична врата на багажникот, чијшто сензорски полиња се обележани со светлечка стрелка.
Багажникот тука располага со зафатнина од 502 до 1.422 литри, што е за нијанса помалку во споредба со последниот А6 со мотори со внатрешно согорување, но и натаму е дарежлив во тој поглед. Напред е изведен мал простор за одлагање, каде што се сместува кабелот за полнење и се избегнува валкање на багажникот.
Разновидност во техниката
А6 е-трон ја користи како основа платформата ППЕ (Премиум Платформ Електрик) од Ку6 е-трон, меѓутоа нуди поширок избор. Покрај батеријата од 100 кВч за досег до 756 километри, може да се избере помала батерија, со 83 кВч и досег до 627 километри.
За електричниот погон стојат на избор четири варијанти:
- 286 КС (заден погон)
- 367 КС (заден погон, најдолг досег)
- 428 КС (погон на сите тркала)
- 551 КС (С6, погон на сите тркала)
Спортскиот С6 спринтува до темпо сто за 3,9 секунди и достигнува 240 км/ч.
Брзо полнење и планови за иднина
Со способноста да користи брз полнач со моќност од 270 киловати, Ауди може за само десет минути да наполни енергија за следните 310 километри.
За полнење од 10 до 80 проценти се потребни само 21 минути. Доколку се користи обичен полнач, засега може да се смета само на 11 кВ. За понатаму се планира опција за 22 кВ.
Ауди А6 е-трон соединува елегантен изглед, свежа техника и врвна штедливост. Со разновидните изведби и со комби-моделот Авант, тој е добро подготвен за трка со електричните модели на конкуренцијата.
Инголштат сепак чува резерва. Паралелно со А6 и со неговата скапа платрформа ППЕ, се нуди новата моделска серија А5, којашто и натаму е достапна со мотори со внатрешно согорување, а воедно е подостапна.
















