
Порасна продажбата на возилата со хибриден погон во сегментот на градските СУВ-модели во Европа, што на Тојота Јарис Крос ѝ го донесе првото место, како најпродаван модел во сегментот, пред Фолксваген Т-Рок.
Наспроти тоа, мирува динамиката на продажба на електричните модели во најголемиот сегмент на европскиот пазар. Моделите со чисто електричен погон учествуваат со само 5,4 проценти во вкупната продажба во сегментот. Високите цени се тоа што ги одбива купувачите.
Бранот од нови и подостапни ЕВ, како што се Ситроен Ц3 Еркрос и Опел Фронтера, што почнуваат со продажба, ветуваат дека уделот на електричните автомобили повторно ќе расте во 2025 година.
Најмногу расте продажбата на малечките СУВ со хибриден погон, со зголемување од 26 проценти во првите десет месеци од годината и вкупно 317.044 возила. Нивниот удел во сегментот изнесува 17 проценти, покажуваат податоците од Датафорс.
Зголемената побарувачка за хибридни модели помогна продажбата во сегментот на малечките СУВ да порасне за 3,9 проценти, на вкупно 1,88 милион возила до октомври. Тоа е над растот на целиот пазар, којшто за десет месеци изнесува само 0,9 процент.
Од вкупно 163.377 продадени примероци од Јарис Крос што се продадени до октомври, дури 97 проценти се хибриди.
Превласта на Тојота кај хибридниот погон добива конкуренција од Рено, којшто ја зголеми продажбата на хибридните изведби на Каптур за 22 проценти, со продадени 43.648 примероци за 10 месеци. Расте и продажбата на хибридниот Нисан Џук, со 44 проценти во плус и продадени 33.395 возила.
Хибридите се барани
Комбинираниот погон на бензин и струја ја зголеми популарноста во сегментот каде што цените се најважни
| 1 | Toyota Yaris Cross | 158,643 | 11% |
|---|---|---|---|
| 2 | Renault Captur | 43,648 | 22% |
| 3 | Nissan Juke | 33,395 | 43% |
| 4 | Hyundai Kona | 33,332 | 46% |
| 5 | Honda HR-V | 17,788 | 15% |
| 6 | Dacia Duster | 15,557 | New |
| 7 | Suzuki Vitara | 10,590 | 12% |
| 8 | Mitsubishi ASX | 2,421 | 43% |
| 9 | MG ZS | 1,645 | New |
Меѓу новаците што ја користат технологијата спаѓа Дачија, којашто сега нуди избор на хибрид во моделското семејство на новиот Дастер.
Франција е најголем европски пазар за хибридни модели од сегментот на градски СУВ, со продадени 72.071 примероци за десет месеци. Прв модел е локално произведуваниот Јарис Крос со 27.181 примериоци, по него следи исто така домашниот Каптур со 21.166 возила.
Стелантис избра друг пат и нуди 48-волтен благ хибриден погон, место полн хибрид. Вториот по големина производител на автомобили во Европа нуди електромотор од 21 кВ, што е вграден во менувачот, во комбинација со батерија од 0,9 кВч. Концернот најави дека ќе ја нуди технологијата во 30 модели, вклучувајќи ги новите малечки СУВ-модели, како Ситроен Ц3 Еркрос и Опел Фронтера, Џип Авенџер, Фиат Гранде Панда и Фиат 600.
Овие модели засега не се вбројуваат меѓу возилата со хибриден погон, туку се водат како бензинци.
Во оваа категорија на погон отсуствува концернот Фолксваген, којшто се потпира на обични бензинци, а кај Т-Рок има дури и дизел мотор во понудата.
Кај електричните СУВ-модели води Хјундаи Кона, со продадени 30.885 возила со октомври. Во првите десет месеци се продадени вкупно 102.160 батериски електрични модели во овој сегмент, што е за 0,5 процент под резултатот од лани.

Доаѓаат подостапни малечки СУВ со електричен погон
Цената е тоа што ја задржува продажбата на електрични автомобили. Кона, на пример, во Германија почнува од 37.990 евра.
Производителите сепак почнуваат да пуштаат подостапни модели, како Ситроен Ц3 Еркрос или Опел Фронтера, со цена од 28.990 евра за вториов модел во Германија. Досегот е 300 километри. Целото трио – Ситроен Ц3 Еркрос, Опел Фронтера и Гранде Панда – констурирано е врз платформата Смарт Кар на Стелантис. Цената се постигнува преку вградување подостапна батерија со литиум железо фосфат (ЛФП), во платформа што исто така се користи за модели со благ хибриден погон.
Со 4,38 метри, Фронтера е подолга од Опел Мока (4,15 метри), што исто така спаѓа во Б-СУВ сегментот. Целосно електричната Мока е поскапа и почнува од 36.740 евра. Шефот на Опел, Флориан Хуетл, во мај најави дека Фронтера ќе биде најдостсапен електричен СУВ што ќе се продава во Германија. „Тоа претставува важен чекор во насоката за електричната мобилност да стане подостапна,“ кажа тој.

Продажбата на електричната Мока се намали за 47 проценти во споредба со лани, што укажува дека Опел го свртува своето внимание кон новиот модел.
Заедно со Цитроен Ц3 Еркрос, Фронтера е предводник на новиот бран од подостапни СУВ модели од градскиот сегмент со електричен погон. Тука спаѓа и Фиат Гранде Панда, којашто наскоро треба да се појави во салоните, со цени што почнуваат под 25.000 евра.
Рено во октомври го претстави својот нов Р4 на салонот во Париз. Французите јавија дека со нарачки за моделот ќе почнат уште во првото тромесечје од 2025 година. Цените уште не се објавени, меѓутоа се очекува почетокот да биде околу 30.000 евра.
Уште еден новитет за в година е Шкода Епик, којашто е конструирана врз новата платформа МЕБ Ентри на концернот Фолксваген, што е наменета за малечки електрични модели. Долг 4,1 метри, градскиот СУВ располага со досег до 400 километри и почнува од 25.000 евра. Тоа во март го најави извршниот директор на Шкода, Клаус Фолмер.
Врз истата платформа ќе биде конструиран и малечок СУВ на Фолксваген, којшто веројатно ќе ја носи ознаката ИД.2 и беше прикажан лани како концептен автомобил. Продажбата почнува во 2026 година.
Важен старт в година има и новата Сузуки е-Витара, чијашто батерија од 61 кВч дозволува досег до 400 километри. Тојота ќе нуди своја изведба од моделот на Сузуки, чијшто изглед беше прикажан преку концептот Урбан Крузер.
Мал е бројот на кинески марки што нудат ЕВ во овој сегмент
Со исклучок на МГ, кинеските марки уште не конкурираат во овој сегмент. Причината е тоа што најпродаваните СУВ модели во Кина се од поголемите класи. Пречка за марките од Кина претставува и тоа што ЕУ од ноември воведе повисоки царински стапки увозот на ЕВ. Од МГ најавија дека не планираат наследник на актуелниот ЗС, туку ќе одат класа погоре и в година ќе понудат компактен СУВ со погон на струја, што во Кина се продава под ознаката ЕС5.
Неприкосновен водач
Бензинскиот погон е прв избор на купувачите на малечки СУВ во Европа
| 1 | Бензин | 68% | 3.9% |
|---|---|---|---|
| 2 | Хибрид | 17% | 26% |
| 3 | ЕВ | 5.4% | −0.5% |
| 4 | Дизел | 5% | −29% |
| 5 | Метан | 4.2% | −4% |
| 6 | ПХЕВ | 0.3% | −60% |
Најпродаван вид на погон и натаму се бензинците, со удел од 68 проценти во сегментот каде што купувачите посебно внимаваат на цените на моделите што им се нудат.
Најпродаваните модели, како второпласираниот Т-Рок, Дачиа Дастер на третото место и Пежо 2008 на 4-то место се продаваат главно во изведбите со бензински мотори.
Трите најголеми пазари за Б-СУВ сегментот се Германија, со 290.252 возила, по неа следат Обединетото Кралство и Франција.
Купувачите во најголемите пазари им се верни на локалните марки. Во Германија, нјапродавани се Т-Рок, Т-Крос и Тајго. Во Франција, прв е Каптур, по него следи Дастер, од групациајта Рено, додека Јарис Крос е трет.
Во ОК, како земја во којашто Форд има богата историја, Пума е прва, по неа е локално произведуваниот Џук. Водечката петорка ја заокружуват Т-Рок, ЗС и Пежо 2008.
Најпродаваните модели во сегментгот
Најпродавани Б-СУВ модели до октомври, вклучувајќи ги сите видови погон
| 1 | Toyota Yaris Cross | 163,377 | 9.9% |
|---|---|---|---|
| 2 | VW T-Roc | 161,718 | −2.6% |
| 3 | Dacia Duster | 143,916 | 8.8% |
| 4 | Peugeot 2008 | 141,169 | 3.7% |
| 5 | Ford Puma | 129,270 | −3.9% |
| 6 | Renault Captur | 121,615 | 0.4% |
| 7 | VW T-Cross | 95,197 | 7.6% |
| 8 | Skoda Kamiq | 86,734 | 15% |
| 9 | Hyundai Kona | 83,593 | 3.5% |
| 10 | MG ZS | 79,215 | 12.7% |















